|
Почитувани претседатели на академиите на науките и уметностите, Ценети екселенции, Дами и господа,
Вечерва ви се обраќам со поделени чувства. Од една страна, како претседател на Република Македонија, моите мисли се со моите сограѓани во поплавените подрачја на Скопје. Со семејствата кои ги загубија своите најблиски, со луѓето кои ги изгубија своите домови. Сочувствувам со семејствата на загинатите, посакувам брзо закрепнување на повредените, и обновување на животот во погодените области.
Од друга страна, должност и чест ми е да ви посакам добредојде во нашата културна и духовна престолнина – Охрид. Град низ кој со векови минувал цивилизацискиот коридор Via Egnatia што ги поврзувал Истокот и Западот. И токму тука, во овој град, пред повеќе од 11 века, на половина пат меѓу стариот и новиот Рим се раѓала и новата словенска европска цивилизација.
Вечерва сме собрани за да му оддадеме достојна почит и внимание на човекот кој имал важна улога во тој историски потфат. Да се потсетиме на најискусниот и најпросветениот ученик на свети Кирил и Методиј, а тоа е нашиот голем народен светител и просветител – Свети Климент Охридски.
Дами и господа,
Кога Климент дошол во оваа област, тој го нашол народот непросветен и духовно незрел. Областа била запуштена и сиромашна. Охрид бил само бледа сенка на древниот и славен Лихнид. Соочен со таквата просветна, духовна, но и материјална беда, Климент „не им давал сон на очите свои, ниту дремка на веѓите свои, а грижата за народот му била храна и задоволство. Тој секогаш поучувал и секогаш распоредувал, поправајќи го незнаењето и доведувајќи го во ред безредието, станувајќи се за сите, според потребата на секого". Овие зборови имаат многу голема тежина. И не само затоа што доаѓаат од перото на охридскиот архиепископ Теофилакт кој бил еден од најучените луѓе на своето време и учител на цареви, туку и поради суштината на неговото тврдење дека Климент за Словените бил она што апостолот Павле бил за првите христијани.
Климент бил првиот оригинален словенски писател, поет и беседник. И токму тука, во Охрид ги пишувал своите слова, поуки и житија. Иако се пишувани на јазик кој штотуку ја добил својата прва азбука ‒ глаголицата, словата на св. Климент ни најмалку не заостануваат од најдобрите примери на старата византиска литература.
Преку Охридската книжевна школа Климент придонел за просветно, духовно и морално издигнување на словенските народи. Климентовите 3500 ученици станале учители на Словенството. Некои од најстарите словенски ракописи се напишани, тука, на бреговите на ова бело езеро, под падините на овој рид, од раката на неговите ученици.
Како проповедник и педагог, Климент кај народот ја утврдил верата и ги развил навиките на срцето. Ги охрабрувал луѓето да се воздржуваат од секаква злоба, гнев, клевета и користољубие и, наместо тоа, да се престигнуваат во добрина, милосрдие и гостопримство. Солидарноста и хуманоста што деновиве македонските граѓани ја покажуваат кон настраданите од катастрофалните поплави во Скопје се дел од наследството што ни го остави свети Климент. Ме охрабрува тоа што оваа благородна традиција се јавува во клучните моменти, тогаш коа ни е најнеопходна.
Дами и господа,
Додека ги читав Климентовите слова и поуки, постојано ми се навраќаа три прашања.
Што би рекол св. Климент за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет? Во која мера успеавме да го зачуваме неговото богато јазично, просветно, духовно и морално наследство? И, најважно од сè, дали успеавме неговото наследство да им го пренесеме на младите, како што тој им го пренесувал?
Верувам дека св. Климент би се зачудил што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за негово присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудил бидејќи тој живееше во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.
Св. Климент би нè упатил да прочитаме едно од неговите слова во кое се повикува на посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија.
Св. Климент би нè потсетил дека учествувал во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија; дека бил ракоположен за свештеник во Рим; дека бил учител на словенските народи, но и дека бил почитуван и од византиските црковни великодостојници. И како што неговите физички мошти ги поврзуваат Македонија, Бугарија, Грција и Италија, така и неговото духовно и просветно дело ги поврзува сите словенски народи.
Ценети претседатели на академиите,
Вашето учество на оваа свеченост е израз на свеста дека сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно дека не се трудиме доволно.
Живееме во време на длабоки кризи. Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, со актуелната мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза.
Но, сите овие кризи произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавме напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата. Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Свети Климент го фалиме, без да го послушаме. Се повикуваме на него, без да видиме на што нè повикува тој нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади.
Ценети присутни,
За неполни две години првите деца родени во вториот милениум ќе станат полнолетни. Ќе имаат право на глас во нашите држави. Ќе можат да избираат и да бидат избирани. Тие ќе ја креираат иднината. Но, кои се вредностите според кои тие живеат? Што е она што нив ги дефинира?
Милениумците израснаа во време на консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Во свет полн со луѓе кои се полни со самите себе, каде што успехот по секоја цена е сè, а карактерот е сведен на прашање на личен избор. Во ера на современи технологии што ни овозможија напредок, но истовремено ни го одзедоа слободното време, а со тоа и можноста за длабоко размислување и промислување.
Климент сигурно би го пофалил нивното одбивање слепо да им веруваат на авторитетите. Тоа е прв услов за критичко размислување. Но, ако слоганот на 60-те години на минатиот век беше: „не верувај му на никој што е постар од 30 години", тогаш мотото на оваа милениумска генерација е: „не верувај му на никој што е постар од тебе самиот". Дали тогаш пораката на Климент до младите би била да не му веруваат премногу на никој или на ништо помладо од 300 години? Со други зборови, да се потпрат на идеи, концепти и модели што го издржале тестот на времето.
Веројатно восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност да бидат социјално активни за бројни прашања, Климент Охридски би ги советувал да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајните вредности, наместо минливите виртуелни илузии.
Драги пријатели,
Ако сите кризи со кои се соочуваат нашите општества произлегуваат од моралната криза, тогаш, неопходно е да се занимаваме со причините, а не само со последиците на духот на времето. Залудно ќе ги третираме симптомите, ако не ги отстраниме причините за болеста на човештвото. А тоа важи и за неодамнешните поплави во Скопје. Не е доволно да ги санираме катастрофалните последици, ако не успееме да изградиме одржлива култура на отпорност кон ризиците од катастрофи.
И тука ќе се соочиме со парадокс. Најдобриот начин за да одиме напред е да се вратиме назад кон суштинските пораки на Климент Охридски. Верувам дека една од неговите пораки е скриена во неговото име – Климент односно Clementia, што значи милост. Милост што ни е укажана како луѓе и милост што треба да им ја укажеме на другите луѓе, на нашите ближни, нашите соседи, па дури и на нашите непријатели. А тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг... да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме по катастрофалните поплави, почитувањето на Климентовиот повик ни е повеќе од неопходно.
Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски.
Ви благодарам.

|