Лидерите треба да праќаат позитивни пораки за помирување и соживот - обраќање на Националната конференција за политички и меѓурелигиски дијалог и култура на толеранција
Петок, 15 Ноември 2013   

manu01Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите,
Почитувани поглавари на верските заедници во Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам на оваа Национална конференција за политичка и меѓурелигиска толеранција во организација на МАНУ и Мисијата на ОБСЕ во Македонија. Конференција фокусирана на изнаоѓање механизми за борба против говорот на омраза на Интернет. Конференција што се одржува во вистинско време, во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на толеранцијата. Толеранцијата прерасна во универзална, општочовечка вредност. Вредност врз која се потпира мирот, безбедноста и стабилноста на нашите општества.

Волтер вели дека „толеранцијата е последица на човечноста". Човечноста, пак, се одликува со прифаќање на другиот, различниот. Тоа прифаќање би било невозможно без златното правило присутно кај речиси сите религии. Правило што вели дека треба да постапуваме со другите онака како што сакаме и тие да постапуваат со нас.

И токму оваа човечност од која извираат толеранцијата, почитувањето и прифаќањето на различниот денес се соочува со голем предизвик.

Во современата дигитална ера, нетолерантноста се шири со сè поголема брзина. Доколку падне на почва натопена со незадоволство, изолација и огорченост, од тоа семе ќе се изроди говор на омраза. Говорот на омраза во своето ширење, за жал, секогаш се труди да биде во чекор со времето.

Денес, омразата го користи Интернетот, низ кој се шири како вирус. Како што компјутерските вируси ја зафаќаат меморијата на компјутерот, така, говорот на омраза е вирус што го зафаќа човековиот ум. Симптомите ги знаеме: стеснување на човековото видно поле, помрачување на човековиот светоглед, параноична недоверба кон непознатото, измислување непријателства онаму каде што ги нема. Создавање стереотипи и предрасуди. Жртви на овој вирус се другите, различните, поинаквите.

Во неодамнешното минато, оваа состојба најчесто се поврзуваше со регионот на Балканот и се именуваше како Балканизација. Но, денес гледаме дека нетолерантноста е присутна насекаде во светот. Последиците од воените жаришта на Блискиот Исток и Северна Африка се чувствуваат и во развиените земји. Ниту Европа, ниту Република Македонија не се одминати од овој негативен феномен.

Европската стратегија за борба против радикализација и регрутација во тероризам од 2005 година, за жал, сè уште не ги даде посакуваните резултати. Доволно е да ги погледнеме негативните коментари на социјалните мрежи. Се побројни се случаите на млади луѓе од регионот кои биле индоктринирани преку Интернетот. Се почести се екстремистичките пораки што повикуваат на борби, крвопрелевања и насилство. Повици за уривање храмови и за спалување свети книги.

Религискиот екстремизам нема ништо заедничко со искрената вера во Бога, како што и светите војни немаат ништо свето во нив. Токму светоста е првата жртва на таканаречените свети војни. Тоа е сериозна закана за нас, за Балканот, за Европа. Прашањето веќе не е дали ќе реагираме, но како да реагираме на овие негативни појави?

manu02Дами и господа,

Отворениот простор создава луѓе со отворени умови. Но, што кога и отворениот сајбер-простор не е доволен за да создаде луѓе со отворени умови? Дали за тоа можеме да го обвиниме Интернетот? Интернетот е човекова креација и е негово огледало. Како и човекот, Интернетот во себе го содржи потенцијалот и за добро и за лошо. Проблемот не е во Интернетот, туку во целите за кои се користи.

Дали ќе дозволиме радикалните поединци и групи преку социјалните мрежи да ги ловат нашите млади, кои се најранлива категорија? Дали ќе дозволиме Интернетот да се претвори во мрежа за регрутација на верски радикализам?

Одговорноста не треба да ја бараме само кај екстремистите. Тие само го пополнуваат создадениот вакуум. За жал, и многу учени луѓе ја нарушија пристојноста на јавниот простор. Во јавниот простор многу лесно се користат тешки зборови. Ако Интернет-просторот не се пополнува со добри, позитивни, креативни и иновативни содржини, тогаш ќе биде пополнет со негативни и деструктивни содржини. Дали доволно често се праќаат пораки за мир, соживот и толеранција?

Решението е институционално, но и вонинституционално. Одговорот треба да се бара и на колективно, но и на индивидуално ниво.

Неопходно е добро да го подготвиме македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество за успешно да се соочи со предизвиците на современиот свет. Неопходно е создавање механизми за борба против говорот на омраза на Интернет без ограничување на слободата на изразување. Потребно е исправно сфаќање на слободата и на нејзините граници. Границите на слободата на изразување се исцртани со слободата на другите луѓе и со нивното човечко достоинство. Тоа се граници исцртани со меѓуетничката и со меѓурелигиската толеранција, почит и прифаќање.

Пред само три дена, Република Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание, привилегија, но и голема обврска. Континуирано и на дело, Република Македонија се залага за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство. Говорот на омраза е повредување на правото на човечко достоинство. Омразата на дело, пак, води до повредување на основните човекови права. Затоа борбата против говорот на омраза е дел од мисијата за заштита и за промовирање на човековите права.

Тука доаѓаме до второто ниво: Какви треба да бидеме како луѓе за да живееме во согласност едни со други? Неопходно е да се вратиме кон корените на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

Ценети присутни,

Толеранцијата секогаш се јавува во односот кон другиот. Нема толеранција без другиот. Ниту, пак, идентитетот е целосен без идентитетот на другиот. Човекот припаѓа кон одредена етничка, религиска, јазична и културна матрица. Македонскиот етнички, религиски и јазичен мозаик ги вклучува идентитетите на Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците... На христијаните, муслиманите, Евреите... Секој човек истовремено ѝ припаѓа на сопствената матрица и е дистанциран од матриците на другите. Толеранцијата е можна само кога постои баланс меѓу припаѓањето и дистанцирањето.

Дистанцирањето без припаѓање како и припаѓањето без дистанцирање имаат сличен резултат – интеграција со асимилација. Во првиот случај, негирање на идентитетот на другиот и негова асимилација, а во вториот случај, одрекување од сопствениот идентитет и претопување во нечиј друг идентитет.

Македонскиот модел, кој е граден со векови, е модел на интеграција без асимилација, модел на почитување и прифаќање на различноста. Модел што во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот, без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Во срцевината на македонскиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување.

Дами и господа,

Зборувајќи за одбрана на толеранцијата, свесни сме за парадоксот на толеранцијата. Карл Попер вели дека неограничената толеранција води до исчезнување на толеранцијата. Ако сме неограничено толерантни кон оние кои се нетолерантни, ако не сме подготвени толерантното општество да го одбраниме од нападите на нетолерантните, тогаш толеранцијата е загрозена. Општеството мора да го задржи правото на самооодржување.

Борбата со нетолеранцијата и со говорот на омраза никако не е работа само на безбедносните служби, туку на сите нас. На сите образовни, научни, социјални и религиозни институции, на цивилното општество, на медиумите и на самите граѓани. Ние, како политички, општествени и верски лидери треба да им дадеме пример на граѓаните, на младите, на верниците. Да праќаме позитивни пораки за помирување и за соживот. Пораки за јавна пристојност. Пораки што треба да помогнат во зачувување и промовирање на она што е највредно, што е дел од нашата традиција на заемна доверба и почит.

Ние од секогаш сме негувале нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитувањето кон различноста. Почитување што е израз на човечноста на сите кои живеат на овој простор.

Ви благодарам.

manu03

  Back<<Назад