|
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Годинава прославуваме 20 години од формирањето на Паневропската унија на Македонија и нејзиното зачленување во Меѓународната Паневропска унија. Во турбулентен период кога Македонија беше меѓународно оспорувана, блокирана и потиснувана, меѓународната Паневропска унија стана наш неуморен застапник во Европа. Со почит се сеќаваме на зборовите на големиот Европеец и архитект на проширувањето на Европската унија, д-р Ото фон Хабсбург, кој рече дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа".
Ценети екселенции,
Македонското членство во Меѓународната Паневропска унија не е единствениот јубилеј што го одбележуваме.
На 1 ноември 1993 година, пред точно 20 години, стапи на сила Договорот за Европската унија од Мастрихт. Договор во кој европското лидерство ја потврди својата „приврзаност кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото". Договор втемелен врз желбата „да се продлабочи солидарноста меѓу народите истовремено почитувајќи ја нивната историја, нивната култура и нивните традиции". Овие идеали донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното многуетничко, многурелигиско и многујазично општество.
Вредностите на Европската унија се Паневропски вредности. Корените на Европската унија се напојуваат од Паневропскиот извор. Секогаш кога нештата изгледаат нејасни, неопходно е да се вратиме на изворот, каде водата е најбистра. Грофот Калерги рече: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници".
Зборовите на Грофот Калерги се особено актуелни денес, кога Европа се соочува со предизвици.
Европската унија сеуште закрепнува од економската, финансиска и кредитна криза. Некои од традиционалните европски вредности се доведени во прашање. Нетрпеливоста, радикализмот и екстремизмот повторно се во пораст. Очекувавме дека дел од земјите од регионот на Југоисточна Европа што порано станаа членки на Унијата ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон Република Македонија. Наместо европеизација на Балканот, имаме балканизација на Европската унија. Се почесто се користи ветото како средство за блокирање на европската иднина на два милиони Европејци – македонски граѓани. Тоа се одразува на добрососедството и европската иднина на Република Македонија, но и на целиот регион.
Единствен начин да се надминат современите европски предизвици е доследно почитување на темелните европски вредности. Вредности на слободата, демократијата, владеењето на правото, почитување на основните човекови права, правото на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Единствено придржувањето до овие паневропски вредности и принципи можат да му помогнат на европското лидерство да ја врати Европа на правиот пат.
Почитувани присутни,
Неодамна го добивме петтиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Петтата препорака за отворање на преговори за членство на Република Македонија во Унијата е шанса за европското лидерство да ги надмине европските предизвици доколку се придржува до паневропските вредности.
Препораката за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија е порака до Унијата да остане доследна на своите ПанЕвропски корени. Од стеблото и гранките се бара да не се возгордеат пред коренот и изворот што го напојува. Коренот го држи стеблото, кое без коренот пресушува и не дава плод. Доследноста на Унијата е неопходна за одржување на нејзиниот интегритет и кредибилитет.
Драги пријатели,
Во време кога се соочува со предизвици, Европската унија може многу да научи од доследноста што Меѓународната Паневропска унија постојано ја покажува кон Македонија.
Во изминатите две децении, Паневропа никогаш не ја остави Македонија на цедило, никогаш не не разочара. Паневропа остана доследна на идеалите за обединет Европски континент. Нашите паневропски пријатели секогаш и секаде ја поддржуваат Македонија. Затоа денес и се заблагодаруваме на г-ѓа Валбурга Хабсбург-Даглас со наградата што се доделува во чест на мојот голем претходник, претседателот Борис Трајковски. Жалам што г-ѓа Хабсбург-Даглас не е во можност и лично да ни се придружи. Наградата во нејзино име ќе ја прими нејзиниот брат Георг Хабсбург-Лотринген од Унгарија, кој е наш голем пријател.
Ценети присутни,
Ќе завршам со зборовите со кои грофот Калерги го започнува предговорот кон манифестот на Пан-Европа: „Многумина сонувале за обединета Европа, но само неколкумина се одлучни да ја создадат. Како предмет на копнеж, сонот останува јалов, но, како предмет на волја, сонот вродува со плод. Единствената сила која може да ја создаде Пан-Европа е волјата на Европејците. Единствената сила која може да го спречи создавањето на Пан-Европа, повторно, е волјата на Европејците."
Ви благодарам.

|