Улогата на спортот е да зближува, поврзува и интегрира – oбраќање на претседателот Иванов на завршната манифестација „Спортски бон-тон“
Петок, 01 Ноември 2013   

zavrsnabonton

bontonzavrshna1Почитувани присутни,
Почитувани спортисти,
Драги вљубеници во спортот,

Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам денес, на оваа славење на спортот и позитивниот спортски дух. Денес ја завршуваме првата фаза од проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот". Проект што го нарековме спортски Бон-тон.

Живееме во време кога трката за сопствен успех премногу често се претвора во борба против успехот на другите. Време кога спортскиот терен од арена на навивање и славење се претвора во борбено поле на меѓусебни навреди и понижувања. Време на натпревари во кои, поради отсуство на фер игра, сите заминуваа поразени, вклучително и спортот.

Увидовме дека единствен начин да му застанеме на патот на ова негативно сфаќање и практикување на спортот е преку личен пример. Преку враќање кон вредностите, принципите и правилата на вистинскиот спорт, на спортскиот Бон-Тон.

Во изминатите месеци, успешно го истрчавме првиот круг посветен на спортскиот бон-тон во Република Македонија. Нашата тркачка стаза мина низ седум многуетнички, многурелигиски и многујазични општини, и индиректно опфати илјадници ученици. Започнавме во Кавадарци. Ги минавме Росоман, Теарце, Дебар, Центар Жупа и Валандово. Денес бевме во Скопје, во општината Аеродром.

bontonzavrshna2Преку овој проект, многу деца разбраа дека улогата на спортот е да зближува, поврзува и интегрира, а не да одвојува и изолира. Многу млади луѓе дознаа дека спортот е пред се игра, забава и рекреација. Дека спортскиот дух значи достоинствен натпревар и меѓусебно почитување. Многу ученици научија дека најдобрата спортска победа е онаа добиена преку фер игра. Дека единствено вредна победа е онаа во која нема поразени.

Спортувајќи заедно, децата разбраа што треба да знаат за другарчињата кои се различни од нив. Дека треба да знаат за нивниот живот, за нивната комуникација и однесување, нивните желби и потреби. Децата преку спортот разбраа што е потребно за вистински да ги запознаат своите врсници, независно од етничката, верската, јазичната припадност.

Преку овој проект ги охрабривме и на дело им помогнавме на спортските работници, на учителите и наставниците да продолжат да ги учат децата на добро спортско однесување. Ги поттикнавме навивачите и клубовите на позитивен начин да ги бодрат спортистите и тимовите.

Ценети присутни,

Пораката на проектот е јасна: Во спортот нема само правила на игра, туку и правила на спортско однесување, како на теренот, така и на трибините. Тие правила важат за сите учесници. Само со почитување и практикување на спортскиот бон-тон, спортот ќе ја исполни својата улога на социјален и меѓуетнички интегратор.

Преку спортскиот бон-тон, му ја враќаме моќта на спортот да поврзува, да промовира ненасилство, почитување и позитивно промовирање на заедничките идеи и вредности.

Трката продолжува понатаму. Ќе ја продолжат илјадниците деца кои беа вклучени во проектот.

Почитувани присутни,

Ако спортскиот терен и трибините се простор за запознавање меѓу децата, тогаш спортскиот бон-тон е јазикот на кој тие можат да се разберат меѓу себе. Затоа, неуморно ќе продолжиме да го промовираме овој начин на градење заедништво и пријателство меѓу луѓето. Тоа им го должиме на нашите деца.

Ви благодарам.

bontonzavrshna3

  Back<<Назад