Македонската економија е отворена кон Кина и кон светот – обраќање на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“
Среда, 23 Октомври 2013   

forumkina1Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е, како претседател на Република Македонија, да ве поздравам на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина.

Пред повеќе од 2300 години, Александар Велики на својот поход низ Азија освои нови простори и отвори нови патишта. Како резултат од таа прва историска глобализација, се прошири и се надогради и патот на свилата што им овозможи развој и заеднички просперитет на многу држави и народи низ вековите. Големиот кинески учител Конфуциј вели: „Каде и да одиш, оди со сето срце". Следејќи го наследството на патот на свилата и мудриот совет на Конфуциј, дојдовме во пријателска Кина, во потрага по заеднички просперитет.

Ценети присутни,

Годинава прославуваме 20 години од воспоставените дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Кина е еден од нашите најблиски партнери и нашата соработка постојано се зацврстува и се интензивира на секое поле. Кина е една од 20-те земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена. Позитивното искуство сакаме да се прошири и на другите полиња.

Постојат бројни можности и голем интерес за трговија. Неодамна дознав дека околу 250 милиони кинески граѓани веќе купуваат on-line. Тоа е голема можност за пласман на македонските производи на кинескиот пазар. Сакаме во периодот што следи, соработката меѓу двете економии да го достигне, па дури и да го надмине нивото на политичките релации.

Дами и господа,

Сè има убавина, но не секој ја препознава, вели една кинеска мудрост. Така е и со македонската економија, која нуди одлични можности за инвестирање и бизнис кои само треба да се препознаат и да се искористат.

forumkina2Република Македонија има поволна географска позиција. Низ неа минуваат два пан-европски коридори – Коридорот 8 и 10. Преку Македонија, добивате пристап до 650 милиони потрошувачи во Европа и пошироко. Во услови на глобална економска и финансиска криза, успеавме да одржиме стабилна макроекономскa политика. Македонската економија се одликува со ниска инфлација што во просек изнесува 2% во последните 4 години. Имаме избалансирани јавни финансии, низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Македонската работна сила е млада, образувана, вредна и лојална.

Се вели дека животот е како возење велосипед – ако сакате да останете во баланс, мора постојано да се движите напред. Така е и со македонската економија – неуморно се движиме кон унапредување на бизнис-климата за странските инвеститори. На тој пат направивме суштински реформи. Реформи што на инвеститорите им обезбедуваат повисок профит и зголемена компетитивност во однос на другите компании. Ќе спомнам само неколку од бројните поволности што ги нуди Македонија.

Воведовме ниски и рамни даноци од 10% - меѓу најниските во Европа. Ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда. Имаме ниски даноци за недвижнини од 2-4% Етапно ги намаливме социјалните придонеси за 1/3. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори.

Драги пријатели,

Мојата порака до сите вас е едноставна: Македонската економија е отворена кон Кина. Македонската економија е отворена кон светот. За тоа, впрочем зборуваат и глобалните извештаи.

Според глобалното рангирање на Форбс за 2012 година, Македонија се наоѓа на високото 37. место во светот според поволноста за отпочнување бизнис.

Според извештајот на Светската банка "Doing Business", Македонија е петта најповолна дестинација во светот за започнување бизнис.

Три години, Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа.

Две години по ред, Македонија е трет најдобар реформатор во светот.

Дами и господа,

Почнав со првата, и ќе завршам со последната глобализација - глобализацијата на денешнината. Живееме во време кога секоја држава, независно од големината на нејзината територија и бројноста на населението, има можност директно да се вклучи во глобалната трка за профитот. Најуспешни во таа трка се оние држави кои економската зависност ќе ја заменат со економска меѓузависност, кои ќе инвестираат во долгорочен и балансиран раст и развој. Нашите кинески домаќини на дело ја покажуваат посветеноста кон овој пристап. За тоа зборува отвореноста на кинеската економија. Отвореност што се гледа преку „Варшавската иницијатива" за потесна економска соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа. Република Македонија ја препозна и прифати можноста понудена од Кинеската влада за финансирање инфраструктурни проекти.

Ако некогаш патиштата на трговијата и профитот се пробиваа со децении и векови, денес, во дигиталната ера се воспоставуваат за миг. Една мудрост вели: „ако сакаш да патуваш брзо, оди сам; ако сакаш да стигнеш сигурно, патувај со други." Сигурен сум дека компаниите присутни на овој Форум ќе го препознаат мигот и ќе ги искористат извонредните можности на Македонија за профитабилно инвестирање, за одржлив раст и развој. Можност кои ќе ни донесат заеднички просперитет.

Ви благодарам.

forumkina3

  Back<<Назад