Обраќање по повод 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и НР Кина
Вторник, 22 Октомври 2013   

VDO1Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам и да се заблагодарам за гостопримството. Честа е дотолку поголема, бидејќи годинава нашите две пријателски држави прославуваат голем и значаен јубилеј – 20 години од воспоставување на дипломатските односи. 20 години пријателство меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.
Овој значаен јубилеј ни дава можност да погледнеме наназад и да ги сумираме досегашните резултати. Но, уште поважно, јубилејот ни овозможува да ја проектираме идната соработка меѓу двете пријателски држави.

Почитувани присутни,

Низ годините, нашите билатерални односи се развиваа со различна брзина. Но, како што кажал и познатиот учител Конфуциј „Не е важно колку бавно одиш, важно е да не запреш". Ние не запревме, и, соработката меѓу двете држави денес е на највисоко ниво на развој, како на политички, така и на економски план.

Народна Република Кина е еден од најблиските партнери на Република Македонија. Соработката меѓу нашите две држави бележи тренд на зацврстување и интензивирање, за што зборуваат и се почестите средби на највисоко ниво.

Основата за соработката ја наоѓаме во споделените вредности на двете култури. Денес се наоѓаме во Салата на мирот при Кинеската асоцијација за пријателство со странски држави. Токму мирот и мирољубивата политика се идеја водилка на двете држави. Секоја на свој начин, Република Македонија и Народна Република Кина придонесуваат кон градењето и одржувањето на светскиот мир.

Двете пријателски држави меѓусебно се поддржуваат и на мултилатерален план, во надворешно-политичките активности и кандидатури за меѓународните организации, нивните тела и органи.

VDO2Ценети екселенции,

Како еден од двигателите на глобалната економија, Народна Република Кина денес е инспирација за многу држави во светот. Компетитивноста на кинеската економија, бројните и значајни кинески инвестиции и отвореноста за економска соработка се покажа и со Варшавската иницијатива. Република Македонија ја препозна и ја прифати понудената поддршка од Кинеската влада за развивање на својата инфраструктура.

Можностите за економска соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се неисцрпни. Имаме добри искуства на полето на енергетиката, што треба да се прошири и продлабочи и на другите полиња како што се земјоделието и кинеските директни инвестиции.

Политичката и економската соработка се надополнети со културната соработка. Неодамна имав задоволство да го отворам Институтот „Конфуциј" на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Институт што дополнително ќе ги приближи пријателските народи.

Република Македонија останува да биде сигурен кинески партнер во регионот на Југоисточна Европа. Македонската економија е отворена за кинеските инвестиции. Македонските граѓани остануваат посветени на градењето пријателски врски со кинескиот народ.

Драги пријатели,

Историски гледано се наоѓаме на самиот почеток на билатералните односи меѓу нашите две пријателски држави. Односи кои во иднина само ќе се продлабочуваат и унапредуваат. Посакувам следниот голем јубилеј да го дочекаме со уште поголема соработка и заеднички просперитет за сите нас.

Да живее пријателството меѓу Република Македонија и Народна Република Кина!
Ви благодарам.

VDO3

  Back<<Назад