Обраќање на претседателот Иванов по повод приемот за почесните конзули на Република Македонија
Недела, 06 Октомври 2013   

konzuli1Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Драги пријатели,

Ми претставува чест и задоволство да ве поздравам во Република Македонија. На оние од вас, кои денес за прв пат се во земјата што толку посветено ја претставуваат, им посакувам најтопло добредојде.

Дами и господа,

Не случајно вечерва сме тука, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Во овој музеј се слават не само македонските патриоти и борци за слобода, туку и бројните пријатели што Македонија ги имала во текот на својата борба за независност и државност. Пријатели кои не се плашеле да застанат во поддршка на македонскиот стремеж за слобода. Пријатели кои ни помагале во моментите на најголеми искушенија.

Меѓу нив има и политичари и борци, мисионери и филантропи, публицисти и јавни личности. Во нашите најтешки мигови тие биле глас на безгласните, претставници на непризнатите, застапници на обесправените. Тие биле de facto почесни конзули на идејата за независна Македонија.

Од тогаш до денес многу нешта се променија за Македонија. 22 години по осамостојувањето, Република Македонија има повеќе пријатели од кога било порано. Досега воспоставивме дипломатски односи со 167 земји во светот. Дел од нив беа воспоставени благодарение на ангажманот на посветените и искрени македонски пријатели. Имаме 69 почесни конзули во 37 земји во светот кои постојано го унапредуваат развојот на трговските, економските, културните и научните односи. Но и овој развој е подложен на промени, кои се длабоки и глобални по својот карактер.

Создадена пред пет децении, Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година не одговара целосно на предизвиците и можностите на 21 век. Век во кој се случува темелна трансформација во меѓународните односи. Век во кој глобализацијата и информатичката револуција создаваат нови, нетериторијални, виртуелни заедници. Во нашиот 21 век јавното мислење има сè поголемо влијание врз носителите на одлуки. Со тоа, традиционалниот, елитистички и затворен концепт на дипломатија се трансформира.

Сведоци сме дека геополитиката сè повеќе им отстапува простор на геопрофитот и геокултурата. Економската и културната дипломатија се сè поважни врски меѓу државите и народите.

Во вакви услови треба да функционира современата дипломатија, која е динамична, ангажирана и активна, и која е присутна во јавноста, во медиумскиот и во општествениот живот.

Тука на сцена доаѓате вие, нашите ценети, почесни конзули. Вашата улога денес е поважна отколку кога било порано и тоа на три полиња.

konzuli1_2Прво, на Република Македонија сè уште ѝ се попречува целосното интегрирање во европското и во евроатлантското семејство на народи поради еден апсурден и наметнат спор. Благодарни сме што во вашите земји вие доследно ја застапувате вистината за Република Македонија.

Второ, политичката соработка без соодветна економска соработка е како незасадено семе – тоа постои без да му се даде можност да донесе плод. Затоа, благодарни сме што работите на унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и вашите земји.

И трето, но не помалку значајно, преку македонската култура, македонската уметност, спорт, Република Македонија е конкурентна во светот. Затоа, ви благодариме што со толкав жар ги промовирате македонската традиција и македонскиот начин на живот што се воедно и нашиот најдобар извозен производ.

Уверен сум дека и во иднина ќе продолжите да го градите пријателството меѓу Република Македонија и вашите земји.

Драги пријатели,

Светот се менува. Но, едно е јасно: Без разлика на сè, државите секогаш ќе ја унапредуваат трговијата, ќе ја промовираат културата, ќе им помагаат на своите граѓани што се во странство. На државата секогаш ќе ѝ бидат потребни почесни конзули. Секогаш ќе ѝ бидете потребни на Република Македонија како партнери и поддржувачи на нашата официјална дипломатија.

Ви благодарам.

konzuli2

  Back<<Назад