Претседателот Иванов на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија
Вторник, 17 Септември 2013   

dr-02

drac1Почитуван господине претседател Нишани,
Почитуван господине претседател Вујановиќ,
Почитувана госпоѓо претседател Јахјага,

Би сакал да му се заблагодарам на нашиот ценет домаќин, претседателот Нишани, за укажаното гостопримство. Веќе пет години инвестираме во овој форум. Се сретнавме во Валона, Призрен, Охрид и Будва. Со организирањето на овој, петти по ред, регионален претседателски самит во Драч го започнуваме новиот циклус на состаноци. Состаноци чија цел е унапредена билатерална и регионална соработка и европска иднина за нашите граѓани.

Темата што ни ја понудија нашите домаќини е современа и многу важна. Пристапи кон практично користење на можностите, а во функција на поефикасна регионална соработка.

Можностите за поефикасна соработка зависат од амбиентот, кој е комплициран и бргу се менува. Многу наши сфаќања брзо ќе застарат бидејќи реалноста е посложена од сите теории што се обидуваат да ја објаснат.

Нашиот регион не е имун на промените што се случуваат во светот. Изложени сме на влијанието на европската економска и финансиска криза. Ги чувствуваме последиците од нестабилниот Блиски Исток. На ниво на регион, постои забавување на инвестициите. Иако вооружените конфликти завршија, последиците сè уште се видливи. Граѓаните на нашите држави многу повеќе очекуваа од слободата, демократијата и слободниот пазар. Со други зборови, состојбите во регионот не се така како што посакуваме. Најголемата причина за ова е нашето неединство како регион и нетрпеливоста создавана во 20 век.

Долго време очекувавме дека земјите од регионот што порано станаа членки на Унијата ќе бидат двигатели и главни застапници за добробитта на целиот регион. Очекувавме дека земјите-членки од регионот ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон регионот. Тоа се одразува на добрососедството, економијата и европската интеграција на регионот.

Ценети присутни,

Добрососедските односи, кои впрочем се двонасочна улица, се нешто што најмногу зависи од нас. Иако успеавме да надминеме многу предрасуди од минатото, сепак, нашиот регион сè уште не е имун на старите предизвици.

Пред четири месеци балканските предрасуди повторно излегоа на површина. Постоеше реална опасност регионот внатрешно да се блокира, соработката да замре и дијалогот да престане. Затоа, одлучив да ги откажам Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Регионалниот форум на Дијалогот меѓу цивилизациите. Го активирав алармот, и тоа веднаш даде резултат. Го поздравуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина, но останува неговата имплементација. Останува конечната стабилизација на состојбите во регионот.
Како претседатели, должни сме да создаваме амбиент за поуспешна соработка. Мора да сме над предрасудите. Сево ова можеме да го постигнеме само преку соработка на конкретни проекти, како поактивно користење на претпристапните и пристапните фондови на Унијата и соработка на полето на заштита на животната средина. Нема време за декларативност. Кој сака да гледа во минатото, може да прочита книга или да посети музеј. Но, да не дозволиме минатото да ја краде иднината на нашите деца.

drac2Драги пријатели,

Желбата за добрососедство беше и останува нашиот најсилен инструмент за создавање на економски развиен регион како дел од европското семејство.

Создаваме услови за да се посветиме на она што е најважно за граѓаните – напредок и благосостојба. Патот до нашата цел води низ економската и прекуграничната соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, превенцијата и помошта при природни несреќи и катастрофи, туризмот и заедничкото аплицирање за европските фондови.

Но, имаме предизвици. Додека успешно го трчаме маратонот на градење, развивање и одржување на добри политички односи, сите ние заостануваме во трката за економска соработка. Да не заборавиме дека двете сфери се надополнуваат како две страни на истата монета.

Во моментот економската соработка не соодветствува со нивото на политичка соработка. Тоа е слично како, при веќе поставени оптички кабли, сè уште да користиме застарена dial-up технологија за Интернет-конекција. Знаеме колку е кратко трпението на младите генерации кога станува збор за Интернетот. Трпението на граѓаните, индустриите, компаниите, патниците е сè пократко. Неопходно е политичката соработка да ја ставиме во функција на економската соработка.

Се вели дека на оној што има ќе му се придодаде, а оној што нема ќе го изгуби и она што го има. Ако позитивниот политички амбиент го употребиме за поголема економска соработка, тогаш ќе добиеме благосостојба за нашите граѓани. Ако, пак, не го искористиме постигнатото ниво на политички односи, тогаш, дури и нашата регионална соработка ќе го изгуби својот легитимитет.

Веќе пет години инвестираме во овој форум. Ја градевме довербата, го продлабочувавме пријателството и ги храбревме нашите влади да го следат нашиот пример. Време е да ја употребиме оваа инвестиција за доброто на нашите граѓани, нашите држави, нашиот регион.

Ценети екселенции,

На регионот му треба нова инфраструктура, бидејќи постојната нè држи во заложништво на стари хегемонии.
Оној што ја менува географијата, ја менува и иднината. Поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 значи суштинско менување на географијата и иднината на нашиот регион. Спојувањето на овие два важни патни правца создава услови за поврзување на одвоеното, отворање на затвореното, забрзување на бавното и развивање на неразвиеното.

Неодамна разговаравме со претседателот Јосиповиќ. Тој планира да го продолжи Брдо процесот уште во април 2014 во Загреб, во присуство на највисок претставник на земја-основач на Унијата. Времето е многу кратко. Затоа, апелирам да се усогласиме и да инсистираме оваа тема да биде највисоко на агендата на Брдо процесот. Да инсистираме да се побара помош од Унијата за ова да прерасне во европски коридор, коридор што ќе биде финансиски поддржан од Унијата.

Значењето на ваквиот коридор не е само економско, туку и геополитичко, бидејќи станува алтернатива на Коридорот 10. Ова прашање треба да биде во фокусот и на нашава квадрилатерална соработка.

Целата балканска инфраструктура треба да биде поврзана со европската. Не попусто, патот што не води никаде се нарекува слепа улица. На Балканот имаме премногу слепи улици. Само преку инфраструктурно поврзување со европските коридори ќе исчезнат слепите улици на Балканот.

Почитувани колеги,

Сè што правиме е насочено кон усогласување на нашите општества, администрации, економии со европските стандарди, критериуми и принципи. Коридорите што сакаме да ги поврземе се насочени кон Европа. Погледите на нашите граѓани се насочени кон Европа.

И на тој пат се соочуваме со предизвици. Многу нешта на Балканот се сменија, но најбавно се менува балканскиот менталитет. Сè уште има блокади на регионалната иднина и непризнавања на регионалната реалност. Политиката на блокади ги нагризува стабилноста, развојот и просперитетот на нашиот регион онака како што киселината го разорува металот. Некој упорно истура киселина врз европската и евроатлантската иднина на регионот. Време е тоа да престане.

Очекуваме нашиот јужен сосед да применува политика на соработка и приближување што ќе придонесе кон реализација и на Агендата 2014. Очекуваме конечно нашиот сосед да почне европски да се однесува кон соседите и регионот. Очекуваме да почне да применува политика на соработка. Не може да се верува на излитена декларативност. Доста ни се зборови. Не знам кој уште им верува на нивните зборови. Без дела, нивните зборови се само празни зборови, барем за нас.

Сакам денес да пратиме порака до Европската унија. Европската интеграција е она што ги придвижува и приближува нашите земји. Интеграцијата нè инспирира и мотивира да соработуваме. Унијата мора да најде начин да го одржи кредибилитетот на политиката на проширување. Како што реков во Брдо, најмалку што сакаме да видиме е банкрот на европската идеја.

Драги пријатели,

Географијата нè направи соседи, економијата може да нè направи партнери, а соработката членови на истото европско и евроатлантско семејство.

Да го започнеме новиот циклус на нашата регионална соработка со собирање на плодовите од нашите претходни средби. И не само тоа. Да го прошириме со другите колеги од регионот. Во вториот циклус посакувам да ги видиме на заедничка маса со нас и претседателите Николиќ и Папуљас. Конечно да научиме да возиме автомобил на Балканот, гледајќи нанапред, во предното стакло, во иднината, а не само наназад, во ретровизорот, во минатото. Само така ќе ги оправдаме очекувањата на нашите граѓани.

Ви благодарам.

drac

  Back<<Назад