Обраќање на претседателот Иванов на отворањето на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“
Сабота, 14 Септември 2013   

manaki1Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест и задоволство е да ве поздравам во македонската филмска престолнина. Во Битола. Да ве поздравам на отворањето на 34. издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки". Најстар фестивал на светот кој го вреднува авторскиот придонес на директорите на фотографија.

Ценети присутни,

Мотото на фестивалот нè поттикнува да се прашаме што е светлината. Велат дека светлината ја дава смислата на сè. Дека без светлината дури и темнината е бесмислена. Светлината го покажува патот, го разоткрива скриеното и ни ја открива вистината.

Човековите патишта до вистината најчесто водат низ религијата, филозофијата или науката. Но, можеби највозбудлив, најнепредвидлив и најкреативен е патот што до вистината води низ уметноста.

Како најуспешна во големата потрага се покажа седмата, обединувачка уметност. Уметност која расветлува што значи да се живее, твори и создава. Уметност која ги расветлува човековите предрасуди, стравови и илузии, но и соништа, мечти и стремежи. Го расветлува минатото, помага во разбирање на сегашноста и ни дава проекција на иднината. Дури и кога ја користи илузијата на визуелните ефекти за таа цел.

manaki2За тоа зборуваат и луѓето врз кои се темели нашиот фестивал, првите македонски и балкански кинематографи, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Расветлувајќи ја нивната сегашност, тие ни осветлија дел од нашето минато и ни овозможија да имаме појасна визија за иднината. Низ објективот на легендарната „Камера 300", тие не ѝ дозволија на темнината да го проголта нашето културно минато. Напротив, ја зачуваа, промовираа и афирмираа нашата култура, историја и секојдневие.

Тоа што Милтон и Јанаки го започнаа, фестивалот успешно го продолжува повеќе од три децении. Низ годините, овој фестивал стана промотор на Република Македонија, на македонската кинематографија и култура во европски и светски рамки. Уште поважно, Фестивалот стана врска меѓу врвните филмски остварувања и искрените почитувачи на филмот.

Вљубеници на магијата на подвижните слики,
Драги пријатели,

Сенките на филмското платно значат дека некаде блиску има светлина. Затоа, да ја пуштиме светлината во нашите животи. Со таа мисла, на самиот крај, го прогласувам 34. Меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки" за отворен!

Ви благодарам.

manaki3

  Back<<Назад