Обраќање по повод свечената вечера за време на Македонскиот глобален инвестициски самит
Среда, 09 Октомври 2013   

2025_1Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Добре дојдовте во Македонија, земјата на гостопримството, конкурентноста и можностите. Ми претставува задоволство и чест да ве поздравам на Македонскиот глобален инвестициски самит, овде, во Охрид; на просторот каде знаењето и искуството повеќе од илјада години се пресретнуваат и се пренесуваат меѓу Истокот и Западот.

Ова се мошне значајни денови за мојата земја. Почестени сме што сте сите вие собрани овде. Вложивме многу напори за да можеме да ви ги презентираме конкурентските можности на македонската економија.

Почитувани пријатели,

Традиционалната македонска гостопримливост секогаш се фокусира на добронамерните странски патници. Нашата современа економија, пак, е привлечна за секој бизнисмен, претприемач и компанија што има желба да инвестира во Република Македонија.

Добриот домаќин ги знае потребите и желбите на своите гости. Оттука, постојано ги подобруваме бизнис-климата, можностите за инвестирање и глобалната конкурентност на македонската економија.

Ова особено важи за организаторите на овој втор по ред Глобален инвестициски самит „Македонија 2025". Македонските граѓани и јас, лично, сме благодарни за нивната поддршка и визија за просперитетна економска клима во земјата. Нивниот нескротен ентузијазам нè инспирира и нè мотивира да работиме уште попосветено за да ја направиме Македонија инвестициски рај.

Почитувани присутни,

Оваа гала-вечера е организирана на бреговите на Охридското Езеро, кое со вода се полни од многуте извори што се влеваат од околните планини. Ова нè потсетува дека капиталот е како вода. Никогаш не се движи по нагорница, и го претпочита патот на помал отпор. Ова е особено точно во нашата ера на големи предизвици, време на забрзана глобална трка за конкурентност. Пред неколку години, Македонија го прифати предизвикот и се вклучи во оваа глобална трка. Од тогаш, напредуваме во неколку економски, бизнис и инвестициски аспекти.

Во време на глобална финансиска и економска криза, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците. Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти. Владите на неколку земји од регионот на Југоисточна Европа, со своите мерки работат на еден таков проект: поврзување на Јадранско-јонскиот транспортен коридор со Коридорите 8 и 10, проект што ќе го направи целиот регион поконкурентен од други региони.

2025_22Преку постојани реформи го израмнивме патот за проток на капиталот. Ги намаливме и ги израмнивме даноците, ги избалансиравме јавните финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори. Веќе ги знаете високите оценки за македонската економија.

Во сржта на овие реформи е човечкиот капитал. Пред да станам претседател, бев универзитетски професор и знам дека најголемата вредност се човечкиот ум, интелект, работливост и креативност.

Човечкиот капитал е нашиот најголем потенцијал, сила и ресурс; потенцијал кој треба да се искористи за да донесе богат плод.

Свесни за ова, создаваме амбиент за раст и за натамошен развој на човечкиот капитал, како суштинска вредност за вас, странските инвеститори. Сепак, ние не сакаме само изворите на капитал да се слеваат во македонската економија. Сакаме тој капитал да тече низ турбините на хидроцентралата на човечки капитал која ќе ги трансформира, користи и зголемува вистинските потенцијали на вашиот вложен капитал.

Во Македонија ќе најдете вистински услови за отпочнување голема и перспективна соработка на полето на иновациите, науката, истражувањата и развојот кои се високи приоритети во нашата агенда. Во Македонија ќе најдете сигурни бизнис-партнери и лојални работници. Располагаме со релативно млада, високообразована работна сила која е талентирана и напорно работи.

Посветуваме многу време и енергија во изборот на најдобрите поединци кои еден ден ќе ги преземат лидерските позиции во секоја општествена сфера. Преку Школата за млади лидери инвестираме во идните лидери, обезбедувајќи им не само знаење туку и практични вештини и искуства за да можат да ја подобрат економската и социјалната благосостојба на земјата. Наградувајќи ги нивните таленти, ги охрабруваме младите научници и иноватори со отворен ум, чии пронајдоци и идеи можат да ги променат човечките животи и да донесат профит. Неодамна усвоениот Закон за иновациска дејност овозможува поголема соработка меѓу клучните засегнати страни – приватните претпријатија, академските институции и владата.

Сепак, нашата инвестициска хидроцентрала може да произведува енергија само со проток на капитал низ турбините. Имаме канали, брана, генератор и далноводи, но немавме доволно капитал. Тоа сте вие, странските инвеститори, кои го стимулираат трансферот на вештини и поттикнуваат иновации.

Дами и господа,

Свесни за оваа одлична можност која е пред нас, ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.

Ги охрабрувам нашите универзитети да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите.

Последно, но не и по значење, ја охрабрувам Владата на Република Македонија да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати страни.

Само на овој начин ќе создадеме успешна економија заснована на знаење, економија која ќе ја води глобалната конкурентска трка во следните децении.

Ви благодарам.

2025_3

  Back<<Назад