Обраќање на претседателот Иванов, по повод отворањето на Институтот „Конфуциј“
Вторник, 03 Септември 2013   

institut0Почитувани присутни,
Екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува чест што на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје се отвора Институтот „Конфуциј" во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, Народна Република Кина.

Денес, Република Македонија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" се вклучуваат во глобалната мрежа на институтите „Конфуциј". Мрежа што опфаќа повеќе од 320 институти „Конфуциј" присутни во повеќе од 90 земји во светот.

Заедно со амбасадорот на Народна Република Кина, Неговата екселенција, господинот Цуј , го инициравме отворањето на овој значаен институт. Се уште ми е во сеќавање нашата прва средба, каде всушност се роди оваа идеја, која денес станува реалност. Свесен за важноста на овој заеднички потфат, во оваа свечена пригода, сакам да му се заблагодарам на амбасадорот и на сите наши пријатели од Народна Република Кина за сесрдниот ангажман и посветеност.

Почитувани присутни,

Отворањето на Институтот „Кунфуциј" се надоврзува на една моја иницијатива од универзитетските денови. Свесни за значењето на филозофската и политичка мисла на Кина, со моите колеги за прв пат го внесовме Конфуциј во програмата за политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први". Со тоа го коригиравме евроцентричниот пристап на студиите и до студентите ја приближивме политичката мудрост и мисла од далечниот Исток, од Кина.

institut1Ако тоа беше само академско приближување, тогаш отворањето на Институтот „Кунфуциј" целосно ги поврзува нашите студенти, професори, нашите граѓани со сето она што претставува кинески цивилизациски придонес.

Преку Институтот се отвора врата не само за активно изучување на кинескиот јазик, туку и за запознавање со кинеската култура, традиција и филозофија. Во рамките на соработката ќе има заеднички научноистражувачки проекти, размена на визитинг-професори и студенти, коорганизирање научни конференции и работилници, соработка и размена на публикации, универзитетски изданија.

Овој институт е уште еден показател за одличните пријателски односи меѓу двете земји. Република Македонија на развојот на своите односи со Народна Република Кина придава највисоко можно внимание. Постои континуиран политички дијалог на највисоко ниво што придонесува кон уште поголемо унапредување и продлабочување на односите и соработката меѓу двете земји.

Ценети присутни,

Многумина можат да бидат професори, но учител е само оној што народот ќе го прифати како таков. Конфуциј е еден од тие големи учители на народот. Не случајно и ден-денес го нарекуваат врховен учител и мудрец.

Нашите два пријателски народа имаат едно нешто, заедничко, а тоа е способноста да ги препознаат и да ги вреднуваат вистинските народни учители. Во случајот на Народна Република Кина, тоа е Конфуциј и неговите ученици. Во случајот на Македонија, тоа се св. Кирил и Методиј и нивните ученици св. Климент и Наум Охридски.

Паралелата меѓу учителите на двата народа не завршува тука. Како што Конфуциј ја формираше школата која го продолжи неговото дело, така и св. Кирил и Методиј го посеаја семето од кое никна Охридската книжевна школа како прв словенски универзитет во светот.

Учењата на учителите на двата народа го надминаа просторот и го издржаа тестот на времето, ги победија и предрасудите и станаа дел од светската мудрост.

Ќе дадам само еден пример. Прашан дали има еден збор што би претставувал водилка на човекот низ неговиот живот, Конфуциј одговара: „Реципроцитет. Не прави им го она на другите што не сакаш и тие да ти го прават". Сребреното правило на Конфуциј во нашето општество е присутно како Златното правило, кое вели: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив". Правило кое св. Климент Охридски го надгради, советувајќи нè да се престигнуваме во добрина. Нешто слично има и во филозофијата на Конфуциј, според кого добрите дела кон другите потекнуваат од добрите мисли кои потекнуваат од доброто знаење.

Овој институт е исполнување на заветот кон овој голем учител, но и вратата во Македонија кон доброто знаење на Конфуциј.

Почитувани присутни,

На самиот крај им посакувам на нашите професори, на нашите студенти и соработници, во овој свет што постојано се менува, да имаат упориште и во учењето на Конфуциј. Учење кое по својата вредност и универзалност ги надмина границите на Народна Република Кина и стана еден од столбовите на светската мудрост.

Ви благодарам.

institut

  Back<<Назад