|
 Почитувани граѓани на Република Македонија, Ценети присутни, Дами и господа,
Денес, на 8 Септември, го славиме 22. роденден на независна, самостојна и суверена Република Македонија. Го славиме во нашиот дом, дом изграден на камен, куќа подигната врз три Илиндени.
Првиот Илинден од 1903-та беше борба за слобода од ропство. Вториот Илинден од 1944-та беше борба за државност. Третиот Илинден, Илинденот што денес го славиме, беше борба за независност, самостојност и сувереност.
Празникот е потсетник на нашите успеси. Празникот е ден кога ги славиме судбинските одлуки со кои го стекнавме она за што мечтаеја нашите предци – слобода, државност и независност. Празникот е ден на славење, но и на преиспитување. Ден кога констатираме што сме постигнале, а што не сме постигнале, што денес постигнуваме и што ни останува да постигнеме.
Почитувани сограѓани,
Во текот на еден човечки живот, 22 години се период на зреење, кога од безгрижното детство и младост се преминува во доба на зрелост. Тоа е возраст кога се презема одговорност. Тоа е всушност крај на еден циклус и почеток на нов циклус во животот.
Споредено со човечкиот живот, во историјата на една држава 22 години се само миг. Но, тоа е и миг во кој се носат суштински одлуки, кога може да се добива и губи, кога се преживуваат порази и кога се нижат успеси.
Во изминатите 22 години, многумина се сомневаа во нашата зрелост, истрајност и способност да имаме сопствена држава, да бидеме свои на своето, да бидеме одговорни за самите себе.
Многумина нè потценуваа, нè омаловажуваа, а некои дури и нè попречуваа на нашиот пат да станеме и да останеме самостојна, независна и суверена држава.
Доживеавме моменти на еуфорија и славење, но и на порази и разочарување. Се радувавме на независноста. И без разлика на сè, покажавме дека оној што ќе издржи пред искушенијата, ќе ја оствари целта. Ние издржавме на нашиот праведен пат и го исполнуваме сонот на илинденците и АСНОМ-ците.
Патот беше трнлив, но ни помогна да се изградиме себе си. Ја почувствувавме себичноста, алчноста и неправедноста на некои, но и почитувањето, солидарноста и признанието од пријателите. Ним им сме вечно благодарни. Денес, на 8 Септември, на Денот на независноста им оставаме завет на нашите потомци да им бидат благодарни на оние што нè храбреа и поттикнуваа кога ни беше најтешко.
Ценети присутни,
Наскоро ќе ја имаме честа да им се оддолжиме на некои од македонските пријатели, кои нè признаа, тогаш кога многумина нè негираа. Пријатели кои правилно го разбраа човековото право на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Пријатели кои не се плашеа да кажат Република Македонија, тогаш кога други се криеја зад убави епитети и метафори, нарекувајќи не „вашата земја" или „вашата убава земја" без притоа да ја спомнат Македонија. Пријатели кои во Република Македонија видоа рамноправна членка на меѓународната заедница, земја со достоинствено име, земја со големо минато и светла иднина.
За два дена ќе одликувам еден од тие македонски пријатели, претседателот на Република Полска, господинот Бронислав Коморовски. Ќе следат и одликувања за највисоките државни претставници на Унгарија и на Чешката Република.
Македонија памети и нè заборава. Никој нема да биде заборавен. И тоа не само меѓу македонските пријатели во Европа и светот. Туку и сите синови и ќерки на нашата заедничка татковина Македонија. Чест ми е што во текот на мојот мандат имав можност симболично да ја изразам мојата и благодарноста на Република Македонија на нашите иселеници и спортисти, уметници и научници, на сите наши заслужни поединци и организации. Оваа благородна практика ќе продолжи и во иднина.
Драги сограѓани,
Државата е како едно семејство. А за секое семејство, една од најважните нешта се соседите. Секое семејство сака да живее во добро соседство.
Првиот ден на независноста започна во едно турбулентно време на болна трансформација и транзиција на нашиот регион. Во такви сложени услови, Република Македонија се определи да биде добар сосед, да биде фактор на мирот и стабилноста, да помогне во градењето на напреден и просперитетен регион. Тоа, воопшто, не беше лесно. А не е лесно ниту денес. Но, постигнавме многу. Денес регионот е драматично променет на подобро.
Предрасудите кај некои политички елити сеуште создаваат проблеми во односите меѓу државите во регионот. Но, желбите на граѓаните да бидат дел од европското и евроатлантското семејство се многу посилни од предрасудите. Патот на евроинтеграциите, што е воедно и пат на иднината, успешно ги заобиколува и предрасудите, како навидум непремостливи препреки.
Сите ние што сме избрани од граѓаните целосно се водиме од принципот на отвореност кон сите. Ги унапредуваме старите и создаваме нови пријателства за Македонија. Никогаш не сме ширеле стравови и предрасуди, никогаш не сме оспорувале никого. Сме ја почитувале, прифаќале и ценеле различноста. Тоа го правиме и денес.
Отворени сме кон светот, кон сите држави, региони и цивилизации. Не случајно, Македонија го иницираше Дијалогот меѓу цивилизациите. Не случајно, Македонија е препознаена и ценета во рамките на Алијансата на цивилизациите. Отвореноста и почитувањето на различноста е моќта на Македонија.
На тој пат, ние не правиме избор меѓу Западот и Истокот, Северот и Југот. Повеќе од јасно е кои сме, каде сме и каде сакаме да бидеме. Но, сакаме да соработуваме и со сите добронамерници.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Во овие 22 години на внатрешнополитички план имавме многу предизвици. Многу од ненаучените лекции од нашиот премин во демократија и денес ги попречуваат успехот, напредокот и иднината на Република Македонија.
Трошиме премногу време во кавги и расправии, докажувања и себедокажувања. Тоа не ни користи. Можеби и настаните од 24 декември не требаше да се случат. Но, тоа треба за нас да биде научена лекција. Затвораме едно поглавје што не треба никогаш да ни се повтори. Тоа го направивме за самите нас, но очекуваме да биде вреднувано и од Европската унија.
Да не заборавиме дека интеграциите се наша цел, а не средство за бесконечно истоштување во политички расправии. Интеграциите се цел за обединување, а не за разединување. Токму затоа се и стратешка цел на Република Македонија.
Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци..., Почитувани христијани, муслимани, Евреи..., Почитувани сограѓани,
Нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество има вредности кои за други општества се сè уште предизвик. Вредности што треба да ги заштитиме и негуваме. Вредности како што се чесноста, почитувањето на разликите, прифаќањето на различноста, меѓусебното разбирање. Вредности што им овозможија на нашите предци да живеат во мир, слога и разбирање, независно од тоа на која етничка, верска или јазична група и припаѓаат. Вредности што им овозможија на нивните деца заедно да играат, растат и напредуваат. Вредности што нè прават различни од другите. Вредности кои не само што треба да ги заштитиме, туку и да им ги пренесуваме на нашите деца.
Затоа, денес, на Денот на независноста, ве повикувам да ја почитуваме Македонија со сите нејзини специфичности. Да ја сакаме Македонија со сета нејзина различност. Да го заштитиме и да го чуваме нашиот начин на живот, нашите вредности.
Драги сограѓани,
Во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ е врежано: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме". Како што било тогаш, така е и денес. Секој поединец, секој од нас е одговорен за тоа каква е и каква ќе биде Македонија.
Македонија е резултат на мислите, зборовите и делата на нашите предци кои се вградија во она што го имаме денес. Македонија е збир на соништата, желбите и стремежите на сите нејзини чеда. Македонија е секоја наша одлука, навика и избор што го правиме денес, а што се одразува на иднината на генерациите што доаѓаат по нас.
Со секој наш преземен чекор придонесуваме за тоа каква Македонија градиме денес и каква Македонија ќе им оставиме на нашите потомци. Придонесуваме и како родители и како деца. Како наставници и ученици, како стопанственици, политичари, културни работници. Како војници и старешини. Придонесуваме како граѓани на Република Македонија, независно од нашата припадност.
Нашите одлуки и дела ќе бидат преиспитани и тоа од најважните судии.
Првиот судија е историјата, што им дава признание на оние што придонеле со дело, хероизам и пожртвуваност, а им пресудува на оние кои работеле против интересите на државата, народот, граѓаните.
Вториот судија се самите граѓани, кои во демократијата ја имаат моќта и знаат да ги наградат оние што придонесуваат за општото добро, за Републиката, за Македонија. Македонските граѓани се праведен и мудар судија кој знае да каже дали и колку некој работел за нивните интереси.
Почитувани,
Истоштувајќи се со прашања кои не го заслужуваат вниманието, како да ни бегаат од видот главните предизвици на нашето општество, главните предизвици на времето во кое живееме. Како да ни недостасува натпревар во идеи и решенија за секојдневните предизвици. Како да ни недостасува дебата за реалните проблеми. Дебата која нема да ја преминува границата на јавната пристојност.
Граѓаните очекуваат од сите вклучени во политиката, економијата и цивилното општество, во медиумите, невладиниот сектор и јавната администрација да го најдат своето вистинско место во Република Македонија. Граѓаните очекуваат од сите во здравството и земјоделството, индустријата и образованието, науката и културата да го завземат своето вистинско место во Македонија. Сите сегменти на нашето општество да се борат за да бидат подобри во она што го работат. Државата може и сака да биде партнер на секој оној што сака го прошири хоризонтот, да се труди да биде подобар. Да создава подобри услови и амбиент за живот во Македонија.
Реформите не треба да се сфаќаат како неправедно наметнат товар, туку како добронамерен предизвик наменет да нè направи посилни, поспособни и подобри во она што го работиме. Токму затоа, колку и да се болни, реформите се од заедничка корист за сите нас.
Нашата цел се конкурентноста на економијата, растот на вработеноста, достигнувањето на деловните стандарди и привлекувањето нови инвестиции. Нашата цел е обезбедување на квалитетно образование за нашите граѓани. Квалитетнит услуги кои треба да ги добијат од администрацијата.
Доста ни е од теми кои служат само за сеење страв и недоверба. Тие не го заслужуваат нашето внимание. Патриотизмот не се докажува со збор. Граѓаните многу добро го препознаваат вистинскиот патриотизам. Чин на врвен патриотизам е подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, отворањето нови можности и перспективи за нашите деца и студенти. Достигнување на највисоки стандарди во здравството, земјоделието, индустријата. Овозможување достоинствена старост на пензионерите. Севкупен просперитет и развој на Македонија. Затоа, длабоко ја почитувам посветеноста на Владата на Република Македонија што посветува толку многу време за да ја направи Македонија подобро место за живот. Делата се патриотизам, а не празните зборови.
Почитувани сограѓани,
Гоце Делчев рече дека „ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата". Така и ние, кога ќе се ослободиме од ропството на предрасудите, на лошите мисли и зборови, ќе можеме целосно и безрезервно да се посветиме на заедничкото добро, на Републиката, на Македонија.
Погледнете ги нашите спортисти. Тие се обединети во државната репрезентација, и и носат успеси на државата, успеси со кои сите ние се гордееме, успеси што нè обединуваат сите нас.
Со нашите спортисти сме и во победите и во поразите. Ги бодриме на трибините и на спортските терени. Ги храбриме и во земјата и во странство. Со нив сме секогаш, бидејќи, знаеме дека вистински пораз е само ако не се обидеш да победиш, ако не се осмелиш да излезеш на теренот. А нашите спортисти се храбри и смели и достоинствено ја претставуваат Македонија каде и да се.
Да учиме од спортистите. Да ја направиме Македонија победнички тим во секоја област на нашето живеење.
Во секој општествен сегмент, во секоја професија потребна ни е посветеност што доликува на државна репрезентација. Репрезентација која ќе постигнува големи успеси и победи и ќе освојува нови врвови и нови рекорди во својот домен. Потребни ни се репрезентации што секогаш ќе нè подигнуваат и ќе нè поставуваат на повисоко ниво.
Сум рекол и повторно ќе речам: Да ја градиме Македонија во височина – со највисоки стандарди, критериуми и принципи.
Во политиката и бизнисот, во образованието и науката, во земјоделството и туризмот, во информатичкиот и телекомуникацискиот сектор, во културата и спортот, во секоја сфера на човековиот живот ни е потребна државна репрезентација. Репрезентација која ќе ги обединува различностите, која ќе ги одразува сите специфичности на нашето општество, и ќе ја претставува државата, Република Македонија.
Потребни ни се репрезентации со идеи. Репрезентации фокусирани на достигнување на целта и освојување на победата. Да не бараме изговори за неуспехот, бидејќи изговорите се последната станица што води до лагата и себезалажувањето.
Сè што е направено и сè што се прави за младите е влог во иднината.
Велат дека минатото не се менува. Но, јас велам дека тоа е само делумно точно. Ако денес ја менуваме сегашноста, таа утре ќе биде минато на нашите потомци, кои ќе нè спомнуваат или заборават зависно од тоа дали сме вложиле во нив или не.
Затоа, ве повикувам, уште денес да го смениме минатото на нашите деца, за тие утре да имаат подобра иднина. Да бидеме активни граѓани. Во сè што правиме да се водиме од принципите на самоодговорност, самопомош и солидарност. Само така ќе ја стекнеме самодовербата и почитта од другите.
Да имаме одговорност кон самите себе, одговорност за нашите мисли, одлуки и постапки, кои се одразуваат на нашиот живот, но и на животите на нашите ближни.
Да се изградуваме како независни поединци посветени кон заедничката цел. Затоа и се вели дека ако сами си помогнеме, тогаш и Бог ќе ни помогне.
Ако можеме самите себе да си помогнеме, тогаш ќе можеме да им помогнеме и на другите, да бидеме солидарни кон оние што се во неволја, кон оние што имаат потреба од утеха, поттик и охрабрување.
Така ќе го вратиме долгот кон нашата татковина Македонија. Ние денес ги градиме основите врз кои ќе градат и надградуваат идните поколенија.
Драги сограѓани,
Сè додека се чува жарот за Македонија, се чува и пламенот. Се додека гори пламенот, ќе имаме светлина, ќе имаме иднина. Таа светлина ја носиме во нашите срца и нашите мисли. Таа светлина е слободата и љубовта кон Македонија.
Ќе завршам со пораката: Добрите мисли водат до добри зборови. А, добрите зборови резултираат со добри дела. За нас, за нашите ближни, за нашите сограѓани, пријатели, за нашата татковина – Македонија.
Среќен роденден татковино! Да ни е вечна слободата и независноста! Да живее Република Македонија!

|