Почитувани професори, учесници, пријатели и поддржувачи на Школата за млади лидери,
Навистина ми е чест и задоволство да ве поздравам денеска во Охрид, место кадешто, како што беше спомнато, со милениуми се пренесува знаењето од една генерација на друга генерација. Охрид, која е наша духовна престолнина и симбол на она што спојува и поврзува. Симболично, тоа стана и Школата денес.
Со оваа четврта генерација само го потврдуваме она што сме го имале во минатото и она што го трасираме за во иднината. Сето ова на почетокот беше идеја, идеја која имаше за цел да создаде млади за иднината, но и иднина за младите, затоа што на Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, ни требаат лидери во економијата, во културата, во бизнисот, во спортот, секаде. Затоа и составот на учесниците секоја година е различен и вклучува од различни сегменти на нашето општество. Кога во неврзан разговор ме прашуваа од каде потекна идејата да се создаде ваква Школа, јас слободно им реков: Што очекувате од професор кога ќе влезе во политиката, освен да создаде своја Школа. Така што, Школата е резултат на желбата да се продолжи со едукации и пренесување на знаења. Оваа Школа е, на некој начин, признание за сиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале, преку оваа Школа го надградувате и го усовршувате. Ова не е Школа само за знаења, ова е Школа за многу вештини, искуства од нашите пријатели на Школата. Пријатели ги велам затоа што се постојано во контакт со нас и ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација, кои сме на овие позиции, на овие одговорни места во државите. Затоа што, живееме во свет кој многу брзо се менува, свет во кој многу знаења брзо застаруваат, свет кој се соочува со големи предизвици и бара нови решенија. Решенија, кои некој пат излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме, решенија кои мора да ги дадат луѓе кои не се оптеретени од многу трауми од минатото.
Ова е генерација која расте и генерација која се обидуваме да ја насочиме во тој правец, да нуди решенија, да нуди свои визии, да нуди свои погледи на овој толку забрзан свет. Тоа е од помош не само за Македонија, помош е за регионот, од помош е и за целата планета, бидејќи живееме во свет во кој навистина глобалното стана локално. Се што се случува на глобален план го чувствуваме во секојдневниот живот. Со самото тоа што носиме мобилни телефони со кои имаме можност да пристапиме до сето човеково знаење, укажува дека имаме навистина големи потенцијали и големи можности да влијаеме, не само на состојбите во нашите држави, туку и на состојбите во поширокото опкружување.
Оваа прилика ја користам да укажам јавна благодарност до бизнис заедницата на Македонија, која ја препозна оваа идеја и несебично и сесрдно ја поддржува. Оваа година имаме и меѓународни поддржувачи. Навистина им благодарам што сфатија дека ова е од нивна корист, дека на Македонија навистина им требаат луѓе кои ќе можат да воспостават контакти и пријателства со другите луѓе од светот. Школата не живее само овие денови додека сме во Охрид, туку продолжува преку Алумни асоцијацијата во текот на целата година, пречекувајќи ја следната генерација. Како што вас ве пречекаа претходните слушатели на Школата, така и вие ќе ги пречекате следните слушетели на следните генерации. Тоа е еден вид цврсто пријателство кое ќе ве следи во текот на вашиот живот и ќе ви овозможи да комуницирате со другите успешни луѓе кои постигнале многу во својот живот и имаат потреба да се надградуваат и да се оспособуваат. Тоа е капиталот на Македонија. Вие сте тие кои ќе бидете еден ден на овие позиции, вие сте тие кои еден ден ќе создавате, Македонија да биде навистина горда со вас, што оваа инвестиција во вас ќе биде и инвестиција на тие што ќе доаѓаат после вас.
Навистина, чувствувам некоја неизмерна радост и среќа кога ги гледам сите наши поранешни учесници, кога доаѓаат на листи за награди, за признанија, за стипендии. Ме исполнува со среќа средбата со нашите успешни луѓе, кои ги гледаме по странски универзитети, по странски компании. Тие иако се надвор од Македонија, каде и да одат, со себе ја носат Македонија и работат за Македонија. Голем дел од нив ги среќаваме и како предавачи и како учесници на Школата, што само покажува дека Школата навистина е еден голем брод кој плови. Тоа беше кажано на првата генерација. На минатата генерација им кажав да ја сфатат Школата метафорично како едно патување со автомобил, затоа што кога сте во автомобил мора да гледате напред. Затоа, ветробранското стакло секој пат е големо, а она што е за назад е мало, сосема доволно да знаете кој може да ве претекне и кој може да ви ја загрози вашата безбедност. Ние, за жал, во минатото, на нашиот регион, тоа стакло за назад ни беше толку големо, што правевме навистина некои несреќни работи и инциденти за кои сега сеуште се обидуваме да ги совладаме. Затоа, ви посакувам што повеќе да гледате напред, што повеќе цврсто да го држите воланот и што повеќе да имате сопатници со вас, кој ќе ги пренесете во еден поинаков свет, свет исполнет со радост и среќа.
Принципите на знаењето и искуството, како биле во антиката, така се и денес. Принципите остануваат исти. Затоа од вас очекуваме да бидете вредни, да бидете исполнителни, но и да бидете секој пат етички предодредени. Во секоја ваша одлука да ја гледате последицата од таа одлука и сознанијата што ќе ги стекнете на Школата да ви овозможат да бидете секој пат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите, да бидете свесни за сето она што вам ви е пренесено, што треба да го сочувате и да го пренесете на следните генерации. Затоа толку инсистираме на етиката во нашата Школа, затоа инсистираме на доследноста во прифаќањето и извршувањето на поставените задачи, затоа што во текот на Школата ќе имате и соочување со реални проблеми, на кои морате да најдете решенија. Ќе бидете тренирани да работите во тимови и во тимот што ќе се соочи со криза, да видите кој е лидер, да видите кој знае да предводи и кој знае да носи решенија. Ќе бидете едуцирани сето ова искуство од нашите почитувани гости и пријатели да го надградувате. Ќе бидете едноставно соочени со нешто што во вашите книги го нема, затоа што многу книги додека сте студирале и додека сте се усовршувале веќе застареле. Искуството и сознанијата што ги имаме од нашите гости и пријатели, нивните одлуки што ги носеле во минатото, што им овозможиле да бидат овде денес со нас, се иснпирација и за вас. Се надевам дека ќе имате успешна работа, ќе имате многу идеи, ќе имате многу визии, ќе имате многу желби да придонесете во вашите средини по завршувањето на Школата. Уште еднаш, голема благодарност до пријателите, до поддржувачите, голема благодарност и до медиумите што секој пат ни овозможуваат она што го работиме тука да биде пристапно и до нашата јавност, да знае дека и во Македонија доаѓаат луѓе од светски ранг, доаѓаат луѓе од светски институции, од меѓународни институции, почитувани лидери на земји кои секој пат не ве оставаат рамнодушни и секој пат имаат што да кажат и што да научите од нив. Уште еднаш, ви посакувам успех и на затворањето на Школата јас вас ќе ве слушам.
Ви благодарам.

|