Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,
Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува вистинска чест да ве поздравам денес, во очи на Денот на Армијата на Република Македонија, 18 Август. Ден што е нераскинливо поврзан со еден значаен јубилеј – 70 години од формирањето на првиот баталјон „Мирче Ацев" на Славеј Планина. Баталјон што стана еден од носечките столбови на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба. Баталјон што се вгради во вооружената компонента на АСНОМ-ска Македонија.
Неодамна го прославивме денот на слободата и светлината – Илинден, свесни дека битката за слободна и независна Македонија беше добиена со формирањето на Народноослободителната војска на Македонија. Војска од која подоцна се роди Армијата на Република Македонија, со која денес би се гордееле и славните илинденци и храбрите АСНОМ-ци.
Почитувани присутни,
Горд сум на Армијата на Република Македонија, која по својата професионалност, посветеност и постигнати резултати, постојано ги надминува нашите очекувања и очекувањата на нашите НАТО пријатели, партнери и сојузници.
Нашата Армија е ценет и посакуван партнер на Алијансата. Партнер што упорно, цврсто и истрајно ги брани споделените вредности – мирот, слободата и демократијата.
За тоа сведочи доследното учество и бројните успешни ротации во мировните мисии: ИСАФ, ЕУЛЕКС и УНИФИЛ.
За тоа сведочи вклученоста во воените вежби каде припадниците на Армијата на Република Македонија редовно се меѓу најистакнатите учесници.
За тоа говорат врвните признанија и одликувања за македонските мировници доделени од многу политички и воени лидери во светот.
Верувам дека ќе дојде денот кога кон овие индивидуални признанија ќе се придодаде и колективното признание кое сме го заслужиле – полноправното членство на Република Македонија во НАТО. Стремеж што ги сплотува сите наши граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ќе продолжиме да ги споделуваме одговорностите со нашите сојузници, и покрај тоа што не ги чувствуваме придобивките од полноправното членство.
Ценети присутни,
Тајната на успехот на Армијата е посветеноста кон реформите. Реформи кои ги правиме за интероперабилност со структурите кон кои се стремиме. Реформи, кои пред сè, ги правиме за нас самите, за нашата безбедност и безбедноста на нашите деца.
Како што бевме подготвени да започнеме, така треба да бидеме подготвени и да продолжиме со реформите. Треба да сме свесни дека без континуирано вложување во Армијата, стекнатата реформска кондиција може лесно да се изгуби.
Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние кои нè чуваат нас и нашите деца.
Како врховен командант на вооружените сили, цврсто сум уверен дека институциите во Република Македонија надлежни за обезбедување финансиски средства, треба да преземат одредени мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на нашата Армија. И покрај економските предизвици со кои се соочуваат многу сограѓани, ние треба соодветно да им се оддолжиме на нашите синови и ќерки кои биле и ќе останат гарант на самостојноста и независноста на Република Македонија.
Почитувани присутни,
На крајот, честитајќи ви го 21. роденден, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија. Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината.
Македонија е земја на храбрите. Затоа сакам да знаете дека во очите на граѓаните на Република Македонија, на нашите деца, но и на нашите пријатели, партнери и сојузници, вие, припадниците на Армијата сте синоним за македонската храброст.
Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август! Да живее Армијата на Република Македонија! Да живее Република Македонија

|