Обраќање на отворањето на 11. извидничка смотра
Недела, 21 Јули 2013   

smotra01Почитувани извидници,
Драги гости,

Прекрасно е чувството да се биде на грандиозниот антички театар во Охрид заедно со стотина млади од Македонија и од Европа. Навистина имам особена чест да ве поздравам на отворањето на 11. извидничка смотра на Сојузот на извидници на Македонија. Со задоволство ја прифатив поканата да бидам покровител на овој настан. Верувам дека смотрата ќе придонесе во осмислувањето на времето на младите нудејќи можност за разонода, но и можност за учење и развој во рамките на неформалното образование.

Денеска, при посетата на кампот во Скребатно, се уверив дека во наредните неколку дена околу 450 учесници ќе имаат навистина извонредни услови за престој и работа. Морам да истакнам дека програмата на смотрата е богата со различни активности и настани кои ќе овозможат стекнување на знаење, искуства и вештини, но и дружење и забава. За да се подготви ваков настан, потребна е макотрпна работа и вложување многу труд, енергија и љубов. Несомнено во оваа пригода треба да им се оддаде признание на сите старешини, членови и волонтери на Сојузот на извидници на Македонија за постигнатото. Признанието оди и кај оние кои логистички и финансиски го помогнаа настанот.


Почитувани,

Сојузот на извидници на Македонија е една од најстарите и најреспектабилните младински организации и членка на престижната Светска скаутска мрежа. Со своите активности придонесува за исполнување и осмислување на слободното време на младите. Токму во годината кога прославувате значаен јубилеј – 60 години постоење, дозволете уште еднаш јавно да ја изразам мојата поддршка за вашите активности.


Почитувани учесници,

Му честитам на секој од вас кој е дел од оваа смотра, кој е дел од кампот во Скребатно, кој е дел од активностите и програмите на македонските извидници.

Не се сомневам дека ова ќе биде незаборавен настан за кој долго време ќе се раскажува. Ви посакувам да имате незаборавна смотра исполнета со градење на пријателства со останатите учесници, и стекнување нови вештини и знаења.

Со оглед дека кампот е веќе подготвен, учесниците се тука и сите нестрпливо очекуваат, јас нема да должам и формално ќе ја прогласам 11-тата извидничка смотра за отворена.


Ви благодарам.

smotra02

  Back<<Назад