|
 Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Нашите денешни домаќини, претседателот Пахор и претседателот Јосиповиќ понудија модел втемелен врз солидарност и партнерство во европските интеграции на земјите од регионот. Ви благодарам што ни овозможивте на највисоко ниво да дискутираме за најсуштинското прашање за нашиот регион – проширувањето. Особено, што претседателот Оланд ќе ја има можноста да ги слушнe нашите потреби, предизвици и аргументи.
Утре одбележуваме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Во неодамнешното минато, Југоисточна Европа претрпе катастрофа од друг вид -изолации, поделби и конфликти. Како што на разрушеното Скопје му беше неопходна светската солидарност за да биде обновено, така и на нашиот регион му е потребна европската солидарност за да се интегрира онаму каде географски и вредносно припаѓа – во Европската унија.
Екселенции,
Во случајот со Македонија, Европската унија се соочува со еден парадокс. Камен-темелникот на Европската унија е воедно и нејзин камен на сопнување. Унијата се темели на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и еднакви принципи кон сите. Овие темелни вредности се погазени во случајот на Македонија.
Република Македонија е земја-кандидат за членство во Унијата од 2005 година. Од 2009 година во континуитет имаме позитивни препораки за почеток на пристапните преговори. Сепак, на последниот Европски совет во јуни воопшто и не се разговараше за Македонија, за што во најмала рака може да се каже дека е некоректно и непринципиелно. Сакам многу отворено и искрено пред сите вас да зборувам со факти и аргументи.
Прво, веќе четири години, членките на Унијата се солидаризираат со членка која од нас го бара незамисливото – погазување на човековите права, правото на самоидентификација, на човечко достоинство. Од нас се бара да дојдеме до заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето околу името.
Прашањето е како да се реши ова прашање кога нема со кого да разговараме. Грција ги одбива нашите иницијативи за директни средби. Го одбија и последниот предлог од премиерот Груевски. Предлог за насочување на сите напори кон конечно решавање на билатералното прашање, преку директна комуникација меѓу премиерите и нивните тимови. Одговорот од Атина е дека нема потреба од средба бидејќи Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку Унијата. Денес на оваа маса имаме претставници на три земји-членки. Очекувам да слушнам дали е вистина тоа дека Унијата нè блокира или, пак, е тоа Грција?
Второ, веќе година и половина, членките на Унијата ја игнорираат пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011. Пресуда која јасно стави до знаење дека во нашиот случај се крши принципот на владеење на правото, се кршат меѓународните обврски што Грција доброволно ги презела. Трето, во нашиот регион има позитивни примери кои дадоа резултати. Онаму каде што има волја, има и начин. Преку својот ангажман, Унијата помогна Хрватска да влезе во европското семејство. Но, во случајот со Македонија, принципот на паралелно движење во интеграциите и надминувањето на билатералните прашања не важи.
Четврто, сведоци сме на уште еден позитивен пример - дијалогот меѓу Белград и Приштина кој се водеше под покровителство на баронесата Ештон. Процес кој даде резултати. Во нашиот случај, пак, од 2009 па до сега, Унијата не вложува енергија за да нè седне на заедничка маса за да најдеме решение. За волја на вистината, комесарот Филе се обиде да ги седне министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија на заедничка маса со него, но Грција го одби и овој предлог.
Петто, Грција во континуитет се крие зад принципот на солидарност во НАТО и во Унијата. Тоа значи непочитување на рамката во која се водат разговорите, а тоа се резолуциите на Советот на безбедноста 817 и 845, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Веќе четири години барам од многу лидери да побараат од Грција да се придржува до рамката. Рамка која е создадена од петте постојани членки на Советот на безбедноста. Моите напори до сега не вродија со плод.
Ценети екселенции,
Неодамна со претседателот Пахор разговаравме за тоа како да се деблокира процесот. Тој е во право кога вели дека е потребна иницијатива од македонска страна. Дека е потребен прагматичен и уверлив чекор што нема да го остави Европскиот совет рамнодушен.
Ви понудив пет аргументи со кои може да се побара од Грција да се однесува европски кон земја-кандидат и сосед, кон регионот и кон колективниот интерес на Унијата. Сега ќе ги чуете компромисите што мојата земја до сега ги направи во напорите да се реши ова прашање.
Прво, во 1992 година, под притисок на Грција го променивме Уставот, потврдувајќи ја мирољубивата политика на мојата земја. Потврдивме дека немаме територијални претензии и дека немаме намера да се мешаме во суверените права и во внатрешните работи на други држави.
Второ, во 1993 година Република Македонија прифати да биде примена во Обединетите нации под привремен начин на обраќање.
Трето, мојата земја прифати да разговара за разликите околу името. Иако природно право е на секоја држава сама да одлучува за своето име, Република Македонија направи уште еден компромис.
Четврто, во 1995 склучивме Времена спогодба со Грција, која само ние ја ратификувавме, и која само ние ја почитуваме. Со тоа Македонија донесе мошне тешка одлука која е незамислива за речиси сите други земји – промена на најважниот национален симбол – државното знаме.
Петто, непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Предлог, за кој, доколку беше прифатен од Грција, ќе се произнесеа и македонските граѓани на референдум. Но, бевме блокирани.
Ве прашувам, сите вие присутни денес, дали би биле подготвени да направите компромиси какви што направи Република Македонија? Зар може некој да каже дека Македонија е бескомпромисна?
Дами и господа,
Старогрчкиот драматург Менандер вели дека „ништо не е покорисно од молкот“. Дали е ова слоганот од кој се води современата грчка дипломатија во однос на името? Ако е така, тогаш, каде е изворот на грчкиот молк? Дали тишината во Брисел е причина за молкот во Атина?
Во време кога Унијата закрепнува од кредитната криза, се соочува со губење на кредибилитетот на политиката на проширување. Етимолошкиот корен на поимот кредибилитет е во латинскиот credo – да се верува. Македонските граѓани веруваат во моќта на Унијата да донесе мир, благосостојба и напредок. Со неодлучноста на европското лидерство се доведува во прашање довербата. Верувајте, најмалку што сакаме да видиме е банкрот на европската идеја.
Ние немаме план Б. Единствено што не знам е дали Европската унија има план Б. Но, имале или не, на нас е ние самите да ја создаваме Европската унија во Македонија, да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја создаваме европската агенда, самите да го правиме скринингот. Кога датумот ќе дојде, ние ќе бидеме подготвени. Ние ќе продолжиме со реформите за доброто на нашите граѓани. Продолжуваме активно да работиме на сите полиња бидејќи овој процес не може да биде за нас, без нас.
Ценети екселенции,
Датумот и почетокот на преговорите имаат двојна моќ. Ако се овозможат, тогаш тие стануваат дел од решението на предизвиците со кои се соочува и земјата и регионот, бидејќи создаваат поволен реформски амбиент. Ако не се овозможат, тие стануваат извор на нови проблеми.
Идејата за членство во НАТО и во Европската унија е обединувачки фактор за нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиозно општество. Ако Грција сака да игра на оваа карта, ако Грција сака да ја тестира нашата способност да опстанеме како држава, веднаш ќе ви кажам дека игра многу опасна игра. Опасна за регионот и за Унијата.
Дали денес ќе имавме ваква унија ако постарите земји-членки се однесуваа онака како што Грција се однесува кон нас? Ако Унијата дозволува една нејзина членка да не почитува меѓународно преземени обврски, резолуции на Советот на безбедноста, пресуди на Меѓународниот суд на правдата, тогаш постои опасност ова да стане правило наместо исклучок. Тогаш, ќе се соочиме со поголема анархија и непредвидливост во меѓународните односи.
Ценети присутни,
Во годината кога славиме 125 години од раѓањето на големиот Европеец, Жан Моне, се сеќаваме и на неговото предупредување: „Ветото е длабока причина, а истовремено и симбол на немоќта да се надминат националните егоизми. Најчесто е израз на најдлабоки и безусловни блокади“. Да не дозволиме ветото да ја обезвредни Европа како мировен проект. Да не дозволиме камен-темелникот на Унијата да стане камен на сопнување на европската идеја.
Ви благодарам.

|