|
Ваше блаженство, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите Камбовски, Ценети екселенции, Дами и господа,
На почетокот би сакал вам, на присутните, на институциите кои го носат името на св. Климент Охридски и на сите граѓани на Република Македонија да го честитам утрешниот голем верски и државен празник.
Ценети присутни,
Годинава во Света Софија прославивме 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија - Македонската православна црква. Прославивме и 45 години од формирањето на овој храм на науката и уметноста – Македонската академија на науките и уметностите. Врската која ги поврзува овие два столба на македонската самобитност е делото на св. Климент Охридски, првиот словенски архиепископ, втемелувачот на првиот словенски универзитет, светител и просветител кој преку образованието ги нахрани гладните и жедните за знаење, вистина и мудрост.
Како што многу нови градби се изградени врз темелите на старите куќи, така и секоја генерација оди подалеку од претходната затоа што стои врз рамената на претходната генерација. Дел од темелите на нашата генерација се поставени и врз делата на словенските просветители.
Во време кога многумина при очи биле слепи и при уши биле глуви, кога неписменоста царувала во Европа, светите браќа Кирил и Методиј се јавија како „светлина на помрачените, учители на младите“ и со својата мисија „го растераа... мракот, народот го просветлија со писменост“, како што напишано во нивните житија.
Нивното дело го продолжија и надградија св. Климент Охридски и неговиот духовен брат св. Наум Охридски. Тие во нашата духовна и културна престолнина ја создадоа Охридската книжевна школа, тој најстар словенски универзитет. Универзитет кој станува книжевно жариште на словенскиот јазик. Универзитет кој свети како кандило низ историјата, пренесувајќи го делото на солунските браќа од едно на друго поколение во сите словенски земји. Универзитет кој денес, 11 века по упокојувањето на св. Климент повторно го обновуваме.
Ние, како човечки суштества сме подложни на природните закони. Секој од нас се раѓа, расте, се развива и умира. Но, нас ќе нè паметат по она што го оставаме зад себе. Ние, како и многубројните поколенија пред нас, се сеќаваме на св. Климент токму поради она што тој ни го остави во трајно наследство.
Почитувани присутни,
Секоја генерација има своја борба. Борбата на св. Климент Охридски е со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило. Ние денес имаме и знаење, и писменост и информации. Во наставната 2011/2012 година има околу 200.000 ученици во основните и средни училишта, а на 14-те државни и приватни универзитети во Република Македонија се запишани околу 58.000 студенти на додипломски студии за истата година. Во високообразовните установи во Република Македонија имаме околу 3.600 наставници и соработници во наставата. Со болоњскиот процес, македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Околу 55% од домаќинствата во Република Македонија имаат пристап до Интернет. Околу 940.000 македонски граѓани се на фејсбук. Но, исто така, живееме во време кога науката собира и создава знаење побрзо отколку што општеството може мудро да го употреби. А знаењето без мудрост е неплодно.
Затоа, борбата на нашата генерација е насобраниот интелектуален капитал да го инвестираме во младите. Насобраното знаење да го примениме и да го ставиме во функција на создавање напредна, европска Македонија, и задоволување на реалните потреби на граѓаните. Во тоа може да ни помогне мудроста која ни е оставена од свети Климент. Мудрост која можеме да ја дознаеме ако се нурнеме во длабочината на неговите слова, поуки и житија, но и неговиот живот.
Еве што за св. Климент пишуваат неговите ученици: „Ние никогаш не го видовме да безделничи, ами тој или ги учеше децата, и тоа на различни начини – на едни им ги покажуваше формите на буквите, на други им ја објаснуваше смислата на напишаното, а на трети им ги насочуваше рацете за да пишуваат, и не само дење, туку и ноќе, или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или, пак, пишуваше книги, а понекогаш истовремено работеше две работи: пишуваше и на децата им предаваше некакво знаење, бидејќи знаеше дека безделието е учител на секое зло, како што рекла, преку еден од своите служители, Мудроста, учителката на секое добро“.
Сакам да нагласам две клучни пораки. Безделништвото е учител на секое зло, а мудроста, учителка на секое добро. Оваа голема вистина одѕвонува низ вековите и е еднакво важна и денес, во нашиот глобализиран свет. Ова е поука за секој ученик, за секој студент, за секој наставник, за секој кој има желба да учи и да се надградува. Затоа, да ја бараме мудроста, да не безделничиме. Преку новите технологии и интернетот, сите светски библиотеки и сето човеково знаење денес ни се на располагање.
Ценети присутни,
Живееме во бурни времиња во кои темпото на животот речиси и не остава време да размислиме како се однесуваме со другите луѓе, и како тие се однесуваат кон нас.
Св. Климент нè учи да се престигнуваме во добрина. Во неговата поука на Рожденството Христово, св. Климент нè поучува: „да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно...“ Севкупното дело на св. Климент нè упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет. Да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност. Наша одговорност е да го чуваме и унапредуваме правото за кое пред многу века се изборија сесловенските светители и просветители и кое го зацврсти св. Климент Охридски – правото на народот да зборува, пишува и чита на сопствениот јазик. Да ги почитуваме законите и правилата, и да ги почитуваме другите, ако сакаме и другите да нè почитуваат нас. Во трудољубивоста, посветеноста кон извршувањето на задачите и волјата за акција треба да се угледаме на св. Климент Охридски. Тоа се одлики на доблесни луѓе, онакви какви што и големиот просветител сакал да произлезат од неговиот универзитет.
Како „добра фиданка од добар корен“, тој го вложи сиот свој земен живот за да им даде просветлување на оние кои и при очи беа слепи, и при уши беа глуви и при јазик, неми. И ден денес, св. Климент е кормилар на нашиот јазик, исправител на нашите зборови. Никогаш не сееме да заборавиме дека сите поколенија од тогаш до денес се резултат на таа инвестиција. Секоја изговорена мисла, секој напишан и прочитан збор, секоја испечатена книга на нашиот мајчин македонски јазик е плод од семето што го посеаја просветителите. Можеби токму затоа св. Климент во фрескоживописот е секогаш сликан со голема глава, бидејќи за народот тој е синоним за умот, науката и знаењето. Народот имал голема почит кон својот голем учител.
Тоа нè носи до уште една голема порака што ја наследивме од св. Климент Охридски: почитта кон предците, кон учителите, кон оние што ни помогнале да го осознаеме светот и нашето место во него.
За да го разбереш ученикот, треба да се навратиш и на неговиот учител. Константин Филозоф рече: „за мене нема ништо поголемо од учењето. Преку него ќе ја придобијам мудроста и ќе ги побарам прародителската чест и богатство“. За св. Методиј, пак, напиша дека „засветли како сонце со своите просветителски зборови и поуки“.
Почитувани присутни,
Жетвата е готова, а жетвари има малку. Семето што го посеаја Кирил и Методиј даде богат плод. Првиот жетвар беше Климент Охридски. И денес ние се храниме од духовната и интелектуална храна која ни ја остави нашиот голем учител. Нам ни останува да го зачуваме неговото наследство и уште побогато со знаење и мудрост да им го предадеме на наредните поколенија. Ви благодарам.
|