|
Почитувани граѓани на Република Македонија, Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија, Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, Почитувани пратеници, Почитувани членови на Владата, Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија, Почитувани претставници на дипломатскиот кор, Почитувани претставници на верските заедници на Република Македонија, Почитувани претставници на медиумите, Ваши екселенции, Дами и господа,
Зад нас оставаме една година која ќе ја паметиме по многу премрежја и искушенија на глобален план. Во поширокиот регион, Блискиот Исток и Медитеранот, уште беснеат конфликти, немири и незадоволства кои продуцираат нови жртви, огромни материјални штети, но и нови бранови бегалци и безбројни лични трагедии.
Поради глобалната економска, должничка и финансиска криза, за многу луѓе во Европа и во светот и оваа и наредните години ќе бидат години на соочување со тешкотии, неизвесност и неостварени соништа.
Накратко, живееме во ера на глобални промени. Ера во која се менува светот каков што го знаевме. Промените на глобален план навистина се економски, но слабостите се пред сè политички. Тоа се чувствува и на нашиот континент. Се менуваат улогите на глобалните актери во меѓународната заедница, па и во регионот.
Се создава нова економска мултилатералност на глобално ниво. Растечките економски сили носат и нови потреби и нови форми на дистрибуција и искористување на ресурсите. За помалку од две децении потребата за вода за пиење во светот ќе се зголеми за 35 %. Потребата од храна за 40 %. Побарувачката за енергија ќе се зголеми за 50 %. Тоа се огромни промени кои ќе донесат потреба од нови економски модели на развој и нови модели на соработка.
Животот ни станува сè повеќе зависен од модерната технологија, информатизација и дигитализација. Карактеристиките на информатичко-комуникациските технологии ќе придонесат за уште поголеми промени. И автократските и демократските држави ќе ја употребуваат и зголемуваат моќта на информациската технологија и новите медиуми.
Па сепак, се чини дека сајбер-ерата придонесува и за сосема нови форми на комуницирање со рушење на митовите, стравовите и предрасудите засновани на нетолеранција и ксенофобија.
Токму во ваков глобален и регионален амбиент Република Македонија ги остваруваше своите цели. И покрај сè, успеавме да се справиме во секој домен со резултати што се за почит. Резултати потврдени и во најрелевантните меѓународни извештаи.
Почитувани, На макроекономски план, Република Македонија во 2012 година беше под големо влијание на глобалното опкружување и особено состојбите во ЕУ, како најзначаен трговски партнер.
Во такви услови, покажавме дека знаеме да се справиме со предизвиците. Република Македонија не ја зафати фаталниот бран кој внесе сомнеж и несигурност во многу европски земји. Иако во првите два квартала влеговме во рецесија со раст од 0,2 % на БДП, во третиот квартал успеавме да излеземе од рецесијата.
Имаме низок буџетски дефицит од 2,5% од Бруто-домашниот производ и заклучно со ноември, ниско ниво на инфлација од 3.2%. Имаме стабилен банкарски систем. Во однос на јавниот долг, со стапка на задолженост од 30,6%, Република Македонија е меѓу четирите најниско задолжени земји во Европа. Според индексот за економска слобода во светот за 2012 година, се наоѓаме на 43-то место, пред дури седум земји од нашиот регион. Според глобалното рангирање на Форбс за 2012 година, Република Македонија се наоѓа на високото 37-мо место во светот според поволноста за отпочнување бизнис. Во последните четири години преку странските инвестиции во Република Македонија се влезени околу една милијарда и 550 милиони евра.
Ние сме трети најдобри реформатори во светот.
Сево ова покажува дека сме подобри од многу земји во регионот, па дури и од некои земји-членки на Европската унија. Секогаш може подобро. Има уште многу работа. Но, да бидеме реални. И во идната година, динамиката на економскиот раст во голема мера ќе биде условена од закрепнувањето на глобалната економија.
Проектот за технолошко-индустриските развојни зони ги дава своите резултати во поглед на бројот на вработени лица, производството и извозот. Покрај привлекувањето на странските директни инвестиции, Македонија е посветена на поддршката на домашните стопанственици и поддршката на мали и средни претпријатија. Ме радува фактот што инвестирањето во туризмот ги дава своите резултати. Оваа година во периодот јануари-октомври во споредба со минатата година, бројот на странските туристи е зголемен за 8,6 %. Модернизацијата на аеродромите и инвестирањето во авиосообраќајот, воведувањето на нови линии кон повеќе европски и светски дестинации доведе до раст на бројот на патници во авиосообраќајот за 21,5 %.
Им честитам на Владата и на стопанството за постигнатите резултати во 2012 година. Особено силно ги поддржувам напорите на Владата за поттикнување на земјоделството преку инвестирање на 670 милиони евра во периодот од 2011 до 2015 година. Замислете ваква посветеност, наместо денес, да имавме од порано! До сега ќе бевме регионална земјоделска сила.
Ценети присутни, Напоредно со растот и со развојот на нашите урбани центри, неопходна ни е ревитализација на руралните области. Неодржливо и неодговорно е да го увезуваме она што можеме сами да го произведеме. Услови за тоа секако имаме, треба само да се искористат.
Еден од нашите приоритети е обезбедување на енергетската продукција, безбедност и стабилност, инфраструктурното и енергетското поврзување. Со пристапувањето кон „Јужен тек“, Република Македонија ја обезбедува својата енергетска, но и економска иднина. Верувам дека пристапот до енергенсите ќе биде дополнителен поттик и за странските и за домашните инвеститори.
Со околу 250 до 300 сончеви денови во текот на годината, Република Македонија е земја на сонцето. Мора да ги користиме обновливите извори на енергија, во прв ред сонцето, но и водата, ветрот и геотермалните води, онаму каде што ги има. Затоа мора да почнеме ефективно и ефикасно да ги користиме ваквите расположливи извори на енергија.
Не смееме да заборавиме дека развојот и растот на економијата непосредно зависи од инфраструктурната поврзаност. Затоа, на сите средби го актуелизирам поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10. Инфраструктурата и поврзувањето се основен предуслов за надминување на разликите и за поврзување и стопанска соработка.
Почитувани сограѓани, Сите сме запознаени со минатонеделните заклучоци на Европскиот совет. Имаше оправдано очекување и кај нас, и надвор, дека повеќекратно повторуваните позитивни извештаи на Европската комисија и препораките за одредување датум за почеток на преговорите, овој пат ќе се прифатат. Особено, затоа што оваа година Република Македонија вложи евидентно многу и го забрза темпото на реформите. Македонија успешно го водеше претпристапниот дијалог на високо ниво со Унијата.
Собранието на Република Македонија и неговите работни тела, претседателот на Владата, надлежните министри и јас, лично, бевме целосно посветени на процесот на евроинтеграции преку многуте средби и контакти што ги имавме во 2012 година.
Од сите тие средби и контакти, оценувам дека значително се зајакнува позицијата и поддршката за Македонија на меѓународен план.
Пресудата на Меѓународниот суд на правдата ја промени перцепцијата кон Република Македонија. Таа на најавторитетен и најјасен начин ја потврди исправноста на нашата политика, за која бевме обвинувани од некои и надвор, но и дома. Впрочем, важноста на Меѓународното право е потврдена и во завршниот документ на годинешниот состанок на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации. Документ во кој се потврдува дека е „обврска на сите држави да ги почитуваат одлуките на Меѓународниот суд на правдата во случаите во кои се јавуваат како страни“. По донесувањето на пресудата постојано се зголемува бројот на нашите поддржувачи, пријатели, партнери. И во Чикаго, и во Брисел, на оние кои без аргументи, но и спротивно на меѓународното право, сакаа, но и успеваа да нè блокираат, од ден во ден им е потешко да најдат разумни аргументи за тоа. Не можат во недоглед да продолжат со неразумната политика на блокади.
Ценети присутни, Јас сум, лично, разочаран од исходот на годинешниот Бриселски самит, верувам како и вие, почитувани пратеници, членови на Владата и сите граѓани на Република Македонија. Се чини дека старите излитени балкански манири, балкански интереси, аспирации и поделби, сè уште опстојуваат и се наметнуваат на исходите на самитите на Европската унија.
Повеќепати ја истакнував и определбата на големиот Жан Моне дека проширена и обединета Европа е, пред сè, проект на мирот. Се плашам дека одлагањето на процесот за проширување за Република Македонија и за регионот не помага во остварување на определбите на основачите на обединета Европа. Жалам што не се успеа да се испрати вистинската порака. Порака која очигледно, некои не разбираат колку е важна за нас, за нашите граѓани, за нашите општества во регионот.
Мојата порака до оние кои влијаеја на таквите заклучоци на Советот е дека грешат. Мојата порака до сите оние кои не мислеа така, а беа во мнозинство: Ви благодариме за храброста, лидерството и визијата. Тоа никогаш нема да ви го заборавиме.
Наспроти сè, не само што остануваме верни и определени на нашата темелна евроатлантска насоченост и интеграција, туку и ќе ги уважуваме препораките и ќе ги интензивираме напорите. Ќе соработуваме блиску со Европската комисија и ќе продолжиме со нашите внатрешни реформи. Нашата политика била и ќе биде европска политика.
Продолжуваме и со политиката на отвореност кон сите. Тоа е политика која помага да ги прошируваме хоризонтите на нашата севкупна, а посебно економската соработка со светот. Отвореноста кон сите е мојот највисок принцип во односите со нашите пријатели и партнери. Во таа насока беа многу од моите посети. На овој план, некои работи сме требале и сме морале многу порано да ги направиме. Само оваа 2012 година, остварив 21 посета на странски држави, како и учества на мултилатерални и регионални собири, вклучително и на последното Генерално собрание на Обединетите нации. Во годинава што изминува остварив 86 средби со шефови на држави и на влади, со највисоките претставници на меѓународни организации.
Почитувани, Годинава достоинствено прославивме 20 години од формирањето на нашата армија. Како важен столб на нашата независност, Армијата даде исклучителен придонес за афирмација на Република Македонија на меѓународен план. Свесен сум дека тоа не ќе беше можно без напорната, професионална и посветена работа на многу генерации. Како претседател и како врховен командант со гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија била, е и ќе остане да биде гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Токму затоа, уште еднаш, јасно повторувам: нема место за дневна политика во Армијата.
Славејќи ја 20-годишнината од формирањето на Армијата, ние одбележуваме и 10 години од нашиот активен придонес кон мисијата ИСАФ. Во овие 10 години, станавме една од петте земји што најмногу придонесуваат во оваа мисија, сметано по глава на жител. Ќе продолжиме да се придржуваме кон ова глобално партнерство и по 2014 година. Како активен учесник во ИСАФ, Македонија ги споделува одговорностите, обврските и ризиците. Затоа Македонија истовремено очекува да ги споделува и правата и придобивките кои доаѓаат со членството.
Ценети присутни, Во поглед на разговорите за прашањето за името, морам да кажам дека како и досега, искрено и посветено им пристапуваме. Во очекување сме на нови средби и разговори со господинот Метју Нимиц, за што јас лично разговарав и со генералниот секретар, господинот Бан Ки-мун. Сакам во оваа прилика јасно да ставам на знаење, прво на моите сограѓани, а потоа на меѓународната заедница, дека до заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет. Секој човек има чувство на припадност и треба да биде слободен тоа да го изрази. „Човековото достоинство е неповредливо. Мора да биде почитувано и заштитувано“. Ова стои во првиот член на Повелбата на основните права на Европската унија. „Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинство и права“, се вели во првиот член на Универзалната декларација за човекови права.
Секој граѓанин на секоја земја од соседството нека се чувствува така како што сака, но неприфатливо е да се бара ние да се чувствуваме како друг што сака. Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам, кога се посегнува по кој било аспект од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого. Тоа се работи за кои никој на овој свет не разговара, а и ние не сакаме и нема да разговараме. Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите, а на кои се однесуваат Резолуциите на Обединетите нации, на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Постојано им укажувам на најодговорните за процесот, генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и медијаторот Метју Нимиц, да внимаваат процесот да не излегува од рамката. Впрочем, како што и самиот генерален секретар рече за време на неговата неодамнешна посета на Република Македонија: „Јас никогаш не прифаќам компромис кога станува збор за...основни човекови права и достоинство...“ Оценуваме дека секое неадекватно решение може многу неповолно да се одрази на целиот регион. Се надеваме дека во времето пред нас, процесот ќе се одвива во духот на толеранција, меѓусебно разбирање и разум што од наша страна никогаш не изостанувале.
Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, особено за добрососедските односи, кои сепак се двонасочна улица. Ние мора да си помагаме, а не да си попречуваме. Блокадите и попречувањата се на штета и на тие што блокираат, а најголема жртва е целиот наш регион. Целосно сме отворени кон сите наши соседи. И натаму ќе настојуваме да ги развиваме добрососедските односи. Неприфатливи се обвинувања од кој било за наводен иредентизам и национализам кој доаѓа од Македонија. Бидејќи животот е краток, а соседот вечен.
Затоа порачувам: Да не се создава лажна претстава за состојбата со добрососедските односи. Реалната слика е дека македонското општество нема никаков проблем со ниедно соседно општество. Низ каква искривена призма треба да гледаме за во оваа реална соработка да видиме отсуство или недостиг на добрососедски односи? Земјите од нашиот регион едноставно не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината.
Почитувани, Нашата континуирана и длабока посветеност кон регионот ја демонстрираме и со зборови и со многубројни иницијативи и со акција. Сега успешно го презедовме претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Тоа е најстарата, автентична регионална иницијатива, која не ни беше наметната, туку се роди од желбата за соработка на лидерите во регионот.
Истовремено ќе бидеме домаќини и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, инициран од претседателот Трајковски, во соработка со УНЕСКО и со Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Следната година ќе бидеме домаќини и на Третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите.
Очекувам 2013 да биде година во која ќе продолжи реформскиот курс во областите каде е потребен натамошен прогрес. Извештајот на Европската комисија е најзначајниот патоказ.
Дами и господа, И во оваа година кон Република Македонија се упатуваа апсурдни или навредливи изјави на малкумина „дежурни“ политичари од соседството, а за нашите меѓуетнички и меѓусоседски односи. Ние не подлегнавме на никакви провокации. Нашиот народ низ минатите векови многу преживеал и доживеал. Се стекнал со голема мудрост, жилавост и сила. Тие изјави за дневно-политичка употреба, ниту можеле, ниту во иднина ќе можат да ги нарушат вековните добрососедски односи на народите во овој наш регион. Нашите врски со соседството се длабоки, тоа се роднински, пријателски, деловни, спортски, културни, духовни врски... Никаков излет на поединец желен за власт по секоја цена не може тоа да го промени. Ако некој мисли дека со такво однесување може да ги подели и раскара граѓаните на Република Македонија очигледно не знае за каков умерен и мудар народ станува збор.

На нашите простори, не само во Република Македонија, уште има поединци кои сонуваат за радикални идеи и митови за големи држави. На овие идеи сакам да одговорам со мислата на еден од татковците на Европа, големиот Калерги, кој пред 90 години рече дека: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници“.
Не смееме никогаш да дозволиме да бидат доведени во прашање меѓуетничките односи во Република Македонија. Сите заедници во Република Македонија со векови живееле сложно во духот на заемна соработка и почит.
Иако веќе е речено, ќе повторам: Со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор достигнавме ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција. Изградивме и модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира. Потребно е стриктно придржување до основните принципи на Охридскиот рамковен договор и одвивање на политичкиот процес во таа рамка.
За жал, годинава имавме неколку недозволиви настани кои ги вознемирија граѓаните и не доликуваат на она што досега го правевме како држава. Бевме сведоци на повеќе инциденти, тензии и дури трагични случаи. Најлошото е што во тие случаи беа, па и денес се вовлечени многу млади луѓе. Од сево ова, лично бев многу засегнат, бидејќи, освен како претседател, и како човек сум определен за мир, соживот и толеранција. Им се обраќам на сите кои поттикнуваат и извршуваат такви дела, сериозно да размислат за нивните последици и да бидат свесни дека правдата ќе ги стигне. Никој нема да остане неказнет.
Ако некој мисли дека може да ги потпали со збор или со дело чувствата или симболите кои се свети за нашите граѓани, навистина се лаже.
Не може да се дозволи два милиона граѓани да бидат држени во страв од неколкумина кои не мислат добро никому и се инспирирани од нечесни мотиви.
Одговорност на сите клучни актери во унапредување на толеранцијата и меѓуетничкиот соживот е обврска и одговорност на секој од нас. Притоа, не мислам само на политичките актери, мислам на медиумите, верските заедници, локалните заедници, спортските федерации. Неслучајно ја споменувам важноста на спортот во ова поле. Како ретко која друга општествена активност, спортот има моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци и заедници. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност.
Токму затоа, оваа година бев покровител на проектот „Спортот како фактор на толеранцијата, заедништвото и почитувањето“. Проект во кој се вклучија илјадници ученици: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Заедно спортувавме. Заедно посетивме верски храмови и културно-историски споменици. Децата од Прилеп, Шуто Оризари, Врапчиште, Центар, Тетово и Старо Нагоричане пратија порака што беше меѓународно препознаена. Овој проект беше награден со специјално признание доделено од страна на принцот Алберт II од Монако на Меѓународниот форум „Мир и спорт“ во Сочи, Русија.
Почитувани, Годинава, во овој дом, во Собранието, меѓу пратеничките групи се одвиваше плодна, на моменти затегната и не секогаш продуктивна демократска дебата.
Во новата година граѓаните очекуваат повеќе решенија, а помалку проблеми. Демократијата подразбира борба на идеи, но таа не ја остварува својата цел ако не испорача и спроведе решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
Во новата година граѓаните очекуваат обединување околу клучните приоритети на Република Македонија. Тој консензус во реалноста постои, но во жестокоста и емоциите на политичката борба понекогаш се губи од вид сликата која се испраќа до граѓаните, нашата дијаспора, нашите партнери од странство и инвеститорите. Еден од тие клучни приоритети е развојот на економијата и намалувањето на невработеноста и сиромаштијата. Ги поздравувам сите напори во оваа насока и верувам дека ќе продолжат со несмалено темпо. Но, ако самите си создаваме бариери на тој пат и се однесуваме со инает, тогаш сме крајно неодговорни.
Деновиве, во овој дом се води остра и непродуктивна дебата за усвојување на Буџетот на Република Македонија. Морам да констатирам дека тоа ги загрижува граѓаните. Апелирам да се најде начин за итен излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа од вас. Не може целото општество, со сите свои потреби, да биде заложник на неодговорно однесување. Ако се случи, заради неодговорно политичко однесување, Македонија да трпи економска штета, со кој образ утре ќе излезете да ја барате довербата на граѓаните? Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси. Тогаш навистина станува збор за сите нас. За Република Македонија.
Почитувани, Апелирам локалните избори кои ќе следат да бидат на нивото на највисоките демократски стандарди, ниво кое веќе го постигнавме во изминатите неколку изборни циклуси. Уверен сум дека е потребно Собранието, во целина, и сите други субјекти вклучени во овој процес, како што се невладините организации, медиумите и верските заедници да ги обезбедат сите неопходни услови.
Реалниот живот на луѓето се одвива на локално ниво. Сигурен сум дека сите заедно ќе обезбедиме секој граѓанин еднакво, рамноправно и самостојно да ја избере својата локална власт – сервисот кој треба да служи за нивните потреби, без разлика дали се тоа потребите на жителите на населените места на Шар Планина или Велес, Мариово или Кичево, Струмица или Скопје.
Почитувани граѓани на Република Македонија, Над сите нас виси прашањето што ни носи следната година. Водечките политичари и аналитичари од Европа најавуваат дека најлошото е поминато и дека состојбата во Европа се подобрува. Се враќа довербата на инвеститорите. Приватниот капитал повторно тече во земјите што се најзагрозени со кризата. Ова се добри вести за нас. Европските земји се најважниот економски партнер на Македонија. Она што е приоритет за Европа мора да биде приоритет и за нас. А тоа е намалување на трошоците, пласирање нови производи на пазарот, зајакнување на извозот – тоа се претпоставките за развој на Македонија.
Во наредниот период, на полето на економијата, треба да се фокусираме на приоритети што ќе го одбележат нашиот 21 век. Тоа се водата, храната, енергетската безбедност и информатичко-комуникациските технологии. Оние земји што доживеаја силен развој ги почнаа реформите со внимателна приватизација, извозна ориентација на економијата и со многу вложување во науката. Кај нас имавме несоодветна приватизација, претежно увозна ориентација и речиси никакво вложување во образованието и во науката. Последниве години со силни напори се обидуваме да го поправиме пропуштеното. Но, јас мислам дека треба да бидеме уште порешителни и похрабри во таа насока. Особено кога станува збор за вложување во науката и истражувањата.
Не можеме да ја отвориме новата врата – вратата на иднината, со стар клуч. Затоа, неопходно е систематично и долгорочно да работиме на поттикнување на иновациите и на создавање и образување генерации со отворен ум, кои ќе размислуваат надвор од шаблоните, кои ќе пронаоѓаат нови решенија.
Од средбите што редовно ги имав со најдобрите студенти од универзитетите во Република Македонија дознавам за предизвиците со кои се соочуваат. Треба да се прилагоди и унапреди не само наставната програма, туку и начинот, моделот на пренесувањето на знаењето.
Наместо компаниите да инвестираат дополнителни средства во дообука на веќе дипломираните кадри, тие треба тоа знаење и практично да го стекнат за време на студиите. Додека имаат нови идеи, додека сакаат да експериментираат. Затоа ги охрабрувам сите универзитети да започнат со формирање на технолошки паркови. Да создаваат бизнис-инкубатори, каде студентите ќе можат практично да го применат знаењето додека го стекнуваат. Така ќе бидат подготвени не само за локалниот, туку и за глобалниот пазар.
Имаме навистина позитивни искуства на овој план со Школата за млади лидери. Овие млади луѓе се стекнуваат со знаења и вештини кои ќе го градат нивниот успех.
На секое поле, Македонија има успешни приказни, успешни примери, успешни луѓе. Македонија не е само тука. Таа е секаде каде успеваат луѓето од Македонија. Импресиониран сум од нашите млади луѓе кои ги среќавам во светот. Покрај официјалната дипломатија, културната, економската, воената, тие се вистински промотори на нашата татковина.
Како претседател на сите граѓани на Република Македонија би сакал денес да се обратам до секој граѓанин посебно. Сакам да се потсетиме на идеалот на голем број генерации, идеалот на обединета Европа без граници.
Кога татковците на Европа, Жан Моне и Роберт Шуман, ги поставија принципите на нејзината историска градба, тие всушност го подготвија патот, не само да се обединуваат државите, туку да се обединуваат и сите добронамерни луѓе на континентот којшто пред тоа живееше во воени конфликти и уништувања на човековиот идеал.
Токму триесетина дена нè делат од еден голем јубилеј за модерната европска историја. Цела Европа следната година ќе го прослави 50-годишниот јубилеј од Договорот за француско-германското пријателство. На 22 јануари 1963 година, Шарл де Гол и Конрад Аденауер го потпишаа познатиот Елисејски договор којшто беше основа за идната визија на Европа на мирот. Со истиот документ се создадоа услови за формирање на Фондацијата за соработка меѓу младите на двете земји.
Замислете на што би личел Балканот денес, доколку веднаш по крајот на Студената војна го следевме француско-германскиот пример. Но, никогаш не е доцна. Се надевам дека и ние, балканските народи, ќе собереме сила да погледнеме во иднината како што тоа го сторија Франција и Германија во 1963-та.
Во годината на одбележувањето на овој јубилеј, и ние да ја конкретизираме оваа инспирација. Да создадеме место каде младите од Балканот ќе соработуваат во сите области. Да создаваме иднина за младите и млади за иднината. Да ја насочуваме и проектираме иднината, не само да ја очекуваме.
Заедно да ја издигаме Македонија во височина. Со највисоки стандарди, највисоки принципи, највисоки вредности. И уште нешто, да се потсетуваме на заветот што ни го остави св. Климент Охридски – да се престигнуваме во добрина.
Честитајќи ви ги претстојните празници, ви посакувам вам и на вашите семејства многу здравје, радост и бериќет.
Благодарам.
|