|
Почитуван господине претседател Вујановиќ, Почитуван господине претседател Нишани, Почитувана госпоѓо претседател Јахјага,
Би сакал најпрво да му се заблагодарам на нашиот ценет домаќин, претседателот Вујановиќ за укажаното гостопримство во прекрасната Будва. Со организирањето на овој, четврти по ред, регионален претседателски самит го заокружуваме првиот циклус на состаноци, чија цел е унапредена билатерална и регионална соработка и европска иднина за нашите граѓани.
Правилата на играта ги знаеме. Споделување, соработка и заедништво за сите прашања од заеднички интерес. Од европската и евроатлантската интеграција, преку јакнењето на демократските процеси, владеењето на правото и спроведувањето на европските реформи; преку економската соработка, енергетското и инфраструктурното поврзување, прекуграничната соработка, борбата против организираниот криминал и корупцијата, па сè до заштитата на животната средина и соработката во областа на образованието, културата и туризмот.
Нашите народи честопати за некој што го кажал очигледното велат дека одново ја „открил Америка“. Ние не дојдовме овде со очекување да го направиме она што Колумбо го направи пред точно 520 години на денешен ден. Ние сме тука да видиме како да го ставиме во функција капиталот што е создаден изминатите три години, откако започна оваа регионална соработка. Ние сме тука да видиме како оваа регионална соработка да ја ставиме во функција на реалните потреби што ги имаат граѓаните на нашите држави.
Најмалиот заеднички содржател на нашата регионална соработка треба, секако, да бидат добрососедските односи. Не смееме да изгубиме од вид дека добрососедските односи се двонасочна улица. А овој вид регионална соработка е крстосницата на која се вкрстуваат повеќе двонасочни улици. Тоа зборува за големите можности и потенцијали за соработка кои треба да се продлабочат.
Добрососедските односи се неопходни за да можеме поуспешно и побргу да ја поврземе нашата крстосница кон европскиот институционален автопат. Добрососедските односи, заедно со регионалната соработка, се незаменливи алатки за промена на перцепцијата во нашиот регион и кон нашиот регион и услов за натамошни евроинтеграции.
Ценети присутни,
Неодамна учествував на Конгресот на Паневропа во Виена, каде зборував и од името на сите земји кои се наоѓаат во чекалната на Европската унија. Во таа прилика го потсетив европското лидерство дека покрај замор од проширувањето, постои и замор од чекањето. Истакнав дека е време да се забрза процесот на проширување, за земјите од нашиот регион да бидат примени во нашиот заеднички дом – Европа.
Изминатиот период нашиот регион, генерално, направи чекор напред кон евроинтеграциите. Хрватска е пред портите на Европа. Нејзиниот успех го доживуваме како наш успех, успех на регионот. Сепак, не смееме да заборавиме на другите земји од регионот кои сè уште се заглавени во чекалната на Европа.
Во октомври оваа година, Европската комисија препорача на Албанија да и се додели кандидатски статус за влез во Европската унија. Босна и Херцеговина се подготвува да ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија, Црна Гора ги започна своите пристапни преговори, а Србија е веќе кандидат. Македонија е кандидат уште од 2005 година и, сега, со нетрпение чека датум за започнување на преговорите. Пред неколку недели го добивме четвртиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Во извештајот, Европската комисија, четврти пат по ред даде препорака до Европскиот совет за почнување на преговори со Македонија за членство во Европската унија. Време е да се забрза процесот на проширување и нашите земји да бидат примени во нашиот вистински дом - Европа.
Пред нас е нов прозорец на можноста. Со надеж ги исчекуваме заклучоците од Европскиот совет што заседава наредната недела. Верувам дека ова е шанса за европското лидерство да покаже доследност кон основната идеја на Европа како мировен проект. Додека песимистите во кризата гледаат закана, оптимистите гледаат можност. Кризата со која се соочува Европа во себе крие токму таква можност за остварување на визијата на татковците на Европа.
Точно е дека некои работи не зависат од нас. Но, многу нешта зависат од нас. Пред сè, добрососедските односи кои, како што реков, се двонасочна улица.
Но, ние сакаме да бидеме не само дел од европскиот институционален автопат, туку и физички, реално да се поврземе кон европските инфраструктурни и енергетски коридори. Географијата ја утврдува и економијата и политиката, и безбедноста и стабилноста.
Дами и господа,
Минатата година во Охрид предложив еден од приоритетите да биде обезбедување на енергетската безбедност и стабилност, инфраструктурното и енергетското поврзување за нашите земји.
Цврсто сум уверен дека поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10 претставува одлична можност за остварување на оваа цел.
Јадранско-јонска магистрала овозможува поврзување на Централна Европа до Грција, до Турција, до пристаништата. Не смееме да заборавиме дека нивото на соработката меѓу нашите економии, нашите бизнис-заедници реално зависи од инфраструктурната поврзаност. Ние можеме да потпишуваме бројни меморандуми за разбирање и договори за соработка во областа на економијата, но само доколку физички ги поврземе нашите коридори, таа соработка ќе даде вистински и долгорочни позитивни резултати од кои нашите држави ќе имаат бенефит.
Сметам дека треба да и дадеме шанса на оваа иницијатива. Сметам дека треба да им го отвориме патот, во вистинската смисла на зборот, на нашите бизнисмени, нашите компании, да соработуваат, да се поврзуваат. Како што Република Албанија и Република Косово треба да се приклучат кон Коридорот 10, така и Република Македонија треба да се приклучи кон Јадранско–јонската магистрала. Сите ќе имаат корист од тоа. И нашите земји, и земјите од централна Европа која ќе има алтернативен пат за снабдување на нејзините пазари, но и за патување на туристите кон Истокот.
Ајнштајн рече дека времето и просторот се релативни. И беше во право. Денес, времето минува побргу. Трпението на индустриите, компаниите, патниците е сè пократко. Поврзувањето на Коридорите 8 и 10 со Јадранско-јонската магистрала значително ќе го намали времето потребно за транспорт на луѓе и добра, а со тоа ќе го стесни и просторот.
Економските индикатори зборуваат за неопходноста. Трговската размена на Република Македонија со вашите земји во текот на оваа година е околу 350 милиони долари. Тоа е далеку под нивото на кое се наоѓаат нашите политички односи. Верувам дека можеме да направиме многу повеќе. И тоа не само да ја зголемуваме трговската размена, туку и заеднички да настапуваме на трети пазари. Сакаме економската зависност на нашите држави и на нашиот регион да ја замениме со економска меѓузависност.
Нам ни е потребна соработка во користењето на претпристапните и пристапните фондови на Унијата преку заеднички проекти. На тој начин се унапредува соработката и се надградува заедништвото на патот кон Европската унија. Во Европската унија како најуспешни се покажаа оние региони кои знаеја да соработуваат во проектите.
Екселенции,
Денес се наоѓаме во овој прекрасен стар град кој пред 33 години најнепосредно го почувствува бесот на природата. Земјотресот што ја погоди Будва во 1979 година, исто како и скопскиот земјотрес од 1963 година нè потсетуваат дека ризиците од катастрофи се реалност која мора да ја имаме предвид.
Не можеме да ги сопреме земјотресите и климатските промени. Честопати, не можеме да ги спречиме жестоките пожари, надоаѓачките поплави и задушливите суши. Дури и епидемиите, загадувањето и нуклеарните несреќи понекогаш се вистински предизвик за нашите способности. Но, можеме и мораме да им помогнеме на нашите држави да бидат подготвени. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните предвидливи и непредвидливи ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство. Ризиците од катастрофи не познаваат и не признаваат политички, етнички или религиозни разлики и државни граници. Ризиците од катастрофи се реалност со која најдобро можеме да се соочиме само ако соработуваме за доброто на сите.
Неопходно е да соработуваме и во областа на заштитата на животната средина. На планините, езерата и реките некогаш се гледало како на природни граници кои нè одвојувале. Денес на нив мора да гледаме како на нешто што нè поврзува преку споделениот напор за нивна заштита. Носителите на политики и одлуки се одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации.
Почитувани,
Темата на која денес зборуваме е: Соработка кон напредок – предизвици и одговори.
Еден од предизвиците со кои континуирано се соочуваме е негативната слика што во светот постои за нашиот регион. Делумно, таа слика е резултат на неодамнешното турбулентно минато кое полека го оставаме зад нас за да се фокусираме кон иднината. Но, негативната перцепција ја одржува и еден современ проблем, а тоа е организираниот криминал и корупцијата. Неопходни се заеднички напори во борбата против ракот што ги разјадува нашите општества, економии и системи.
Како што за организираниот криминал не постојат ни етнички, ни верски, ни јазични бариери, така и за надлежните органи на нашите земји не треба да постојат бариери во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Ние сакаме безбедност за нашите граѓани, нашите општества и земји.
Во таа насока се и реформите насочени кон владеењето на правото. Тоа не треба да го правиме само заради Брисел и Европската унија кон која се стремиме. Тоа пред сè треба да го правиме за нас, за нашите граѓани. Имаме што да споделуваме, имаме искуства кои можеме да ги разменуваме.
Тоа ќе придонесе и кон зацврстувањето на севкупната безбедност и стабилност на нашите земји и нашиот регион.
Ценети колеги,
Убеден сум дека соработувајќи по овие линии, ќе изградиме регион во кој ќе се почитува геокултурната реалност, културната, етничката, религиската, јазичната различност. Само така ќе изградиме односи во кои решавањето на сите отворени прашања ќе се одвива преку дијалог. Само така ќе создадеме стабилност и безбедност за секој, ќе создадеме економска меѓузависност.
Ви благодарам.
|