|
Почитуван претседател на Европскиот совет Ван Ромпај, Вице-канцелар на австриската влада и министер за надворешни работи Шпинделегер, Еврокомесар г. Хан, Почитуван претседател на Меѓународната Паневропска унија, г. Тереноар, Ваше кралско Височество, Карл фон Хабсбург, претседател на австриското Паневропско движење, г. Алојз Мок, претседател на европското општество Куденхов Калерги, Ваше Височество, принц Николас од Лихтенштајн, потпретседател на европското општество Куденхов Калерги, Почитувани членови на европските и австриски парламенти, Екселенции,
На самиот почеток, дозволете ми, да му честитам на претседателот Ван Ромпуј за престижната награда која го носи името на еден од најголемите Европејци.
Денес, овде сум за да ви се обратам од името на мојата земја, Република Македонија, но, исто така и од името на европските земји чиј сон, мотив и цел е да бидат дел од Европската унија.
Доаѓајќи од регион кој првенствено асоцираше на Европа – од регионот на Југоисточна Европа, можам да ја споделам со вас мојата перцепција за судбината на регионот и неговите изгледи за во иднина. Историјата нè научи дека нашиот регион живее во мир и благосостојба, во време кога е дел од отворен простор. Но, кога регионот е изолиран и внатрешно поделен, страда од разнебитување, сиромаштија и војни.
Последната деценија на 20 век беше време на изолација и поделба. Првата деценија на 21 век беше време на исцелување на раните. Втората деценија мора да биде деценија која ќе го донесе регионот на своето вистинско место во Европа. Повеќе од кога било, нам сега ни е потребна Европската унија како мировен проект. Самиот проект за кој Европската унија ја доби Нобеловата награда за мир оваа година. По Pax Romana, Pax Byzantina, Pax Ottomana, нам ни е потребно она што јас го нарекувам Pax Europea.
Ценети екселенции, Денес славиме 90 години од сонот и храбрата визија објавена под насловот „Пан-Европа“. Во оваа книга, грофот Ричард Куденхов Калерги рече дека: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници“. Мислам дека ова е една од целите за кои татковците на Европа ја предвидоа Европската унија. Единствената граница која сè уште ја дели Европа, поминува точно низ Балканот. Но, ние во регионот се надеваме дека оваа граница наскоро ќе исчезне.
Хрватска е пред портите на Европа. Навистина се радуваме на идното членство на Хрватска. Сепак, не смееме да заборавиме на другите земји од регионот кои сè уште се заглавени во чекалната на Европа. Во октомври оваа година, Европската комисија препорача да и се додели на Албанија кандидатски статус за влез во Европската унија. Босна и Херцеговина се подготвува да ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија, Црна Гора ги започна своите пристапни преговори, а Србија е веќе кандидат. Македонија е кандидат уште од 2005 година и, сега, со нетрпение чека датум за започнување на преговорите. Време е да се забрза процесот на проширување и земјите од мојот регион да бидат примени во својот вистински дом - Европа.
„Ако успееме во обединувањето на Европа, тогаш конечно ќе има мир во светот“, рече д-р Ото фон Хабсбург во оваа иста сала, во пресрет на неговиот 95. роденден. Тој повеќе не е со нас, но остави кристално јасна визија за тоа кон што треба да тежнее Европа. На Меѓународната конференција на Паневропската унија која се одржа во Охрид во 2007 година, тој рече: „За пет години ќе наполнам 100 години и сакам, до тогаш, Македонија да се приклучи кон Европската унија“. За неколку дена ќе се обележи стогодишнината од неговото раѓање. За жал, неговиот завет сè уште не е исполнет. Но сега, постои нова можност за да се исполни желбата и визијата на овој голем Европеец.
Дами и господа, Пред неколку недели, го добивме четвртиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Во извештајот е нагласено дека мојата земја ги исполнува политичките критериуми за членство во Европската унија. Во извештајот, Европската комисија, четврти пат по ред даде препорака до Европскиот совет за отворање на преговори со мојата земја за членство во Европската унија.
Многу сум среќен што денес сум тука со вас, бидејќи оваа препорака јасно ги отсликува бројните силни и недвосмислени резолуции на Меѓународната Паневропска унија за поддршка на мојата земја. Од име на граѓаните на Република Македонија и од свое име, сакам да се заблагодарам на Меѓународната Паневропска унија за континуираната поддршка во оваа насока.
Паневропа го истакна начелото дека на сите европски држави кои ги исполнуваат условите за членство во Европската унија во однос на демократијата, владеењето на правото и економијата, мора да им се даде можност да го постигнат тоа; дека секоја европска земја има право на членство во Европската унија. Потврдата на ова начело е предуслов за вистинска и веродостојна политика на европско обединување.
Драги пријатели, Ова е моја втора посета на Австрија во една недела. Минатиот петок учествував на Меѓународната конференција во Грац со наслов: „Напуштајќи ја чекалната на Европа. Надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“. На конференцијата, го поставив прашањето: Што значи тоа и какво е чувството да се биде во чекалната на Европа? За жал, тоа чувство е присутно кај неколку европски земји, меѓу кои е и мојата, Македонија. Исто така, истакнав дека кога се зборува дека постои замор од проширувањето, истовремено постои и замор од чекањето.
Политичките критериуми од Копенхаген за членство бараат земјата- кандидат да има постигнато стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права, почитување и заштита на малцинствата. Оттука, еден од клучните политички критериуми е обезбедување на почитувањето на човековите права. Едно од основните човекови права е правото на идентитет, правото на самоидентификација на секој поединец или група. Република Македонија, на тој начин, е должна да го заштити правото на граѓаните на самоидентификација. Таа мора да го почитува и гарантира идентитетот и човековото достоинство на сопствените граѓани.
Проблемот настана кога беше додаден дополнителен услов кон критериумите - барањето мојата земја да се согласи да го промени идентитетот на сопствените граѓани. Очигледно е дека има судир меѓу официјалните критериуми и дополнителните услови.
Ото фон Хабсбург ни ја откри тајната на Европа - единство во различноста. Ние, европските народи, кои се стремиме да се приклучиме кон Европската унија, сакаме да придонесеме кон европското единство преку усвојување и примена на европските вредности, критериуми и стандарди. Сакаме да придонесеме кон европската различност со нашите изделени и различни идентитети, култури и јазици, и да бидеме почитувани за тоа што сме. Тоа е вредност која го подразбира правото на самоидентификација и основно човеково достоинство.
Европската унија, исто така, е заснована на идејата за единство во различноста. Неразбирливо е, според тоа, да се прифати и да се дозволи некој дел од нејзината различност да му се оспори постоењето.
Дами и господа, „Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода“, рече Куденхов Калерги во неговиот Апел до Европа. По оваа изјава, може да тврдиме дека најголемата опасност за Европа доаѓа од непријателите на слободата. Во 20 век, бевме сведоци на подемот и падот на некои од овие непријатели на Европа – фашизмот, нацизмот и комунизмот. Денес сведочиме за подемот на нетолеранција, шовинизам, етичка и морална декаденција.
Денес, сведоци сме на тоа колку грофот Ричард Калерги беше во право кога рече: „Пан-Европа не би постоела ако малцинствата на секоја нација не се здобијат со своите права. Ова мора да е така за да може секој Европеец, без разлика на јазикот, условите, расата, националноста или религијата, со гордост да каже „Јас сум слободен Европеец“.
Јас сум Македонец, што значи јас сум Европеец. И, како Македонец и Европеец, го посакувам она што е најдобро за Македонија и за Европа. Исто како што за демократијата се потребни демократи, на Европа и требаат Европејци, европски граѓани. Го чекаме нашето државјанство. Ние, народите во чекалната на Европската унија, сме тука за да придонесеме со нашиот целосен потенцијал.
Им го должиме ова на големците како грофот Ричард Куденхов Калерги и Ото фон Хабсбург. Го должиме тоа на себеси. Но, најмногу од сè, им го должиме тоа на нашите потомци.
Ви благодарам.
|