|
Почитувани граѓани на Република Македонија, ценети присутни, Дами и господа, драги пријатели,
8 Септември е ден за сеќавање, ден за славење и ден за нови стремежи и визии. Минатиот 8 Септември, кога ја славевме 20-годишнината од нашиот трет Илинден се потсетивме и ги славевме сите оние кои ги дадоа своите животи и се вградија во слободна, независна и суверена Република Македонија.
И сега со голем пиетет се сеќаваме на нив, но овој 8 Септември симболично е влез во третата деценија на нашата независност. Деценија во која треба да го живееме она што во минатите две децении беше вложувано. Деценија во која се реализираат нашите стратешки цели како држава. Деценија во која Македонија конечно го добива она што го заслужува. Деценија во која граѓаните ќе ги почувствуваат сите придобивки од жртвите и откажувањата во изминатите години.
Затоа, овој 8 Септември, ова обраќање во најголем дел им го посветувам на генерациите родени во слобода. Генерациите родени во независна, суверена и самостојна Република Македонија.
Тоа се генерации кои сами ја создаваат претставата за себе и за Македонија. Тоа се генерации кои веќе не робуваат на претставите за Македонија создавани од други. Генерацијата родена со раѓањето на независноста веќе е во факултетските аули и амфитеатри. Тоа сега се студенти желни за знаења и за живот. Тоа е генерација која е дел од единствениот европски образовен простор.
Ним, а и на сите граѓани на Република Македонија, треба да им овозможиме живот со европски вредности, европски принципи и европски стандарди. Да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мора да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век.
Сето она што е направено досега, сето она што сега се инвестира во образованието, во новите технологии, во реформите на нашите институции, во отворањето кон странските инвестиции, промените во сите сфери на секојдневниот живот, е вложување за сите граѓани на Република Македонија, а особено за овие млади луѓе. Вложување во нивната сегашност и вложување во нивната иднина. Тие веќе живеат во глобален свет во кој без проблеми комуницираат со своите врсници од сите делови на планетата. Новите технологии, новите медиуми ги прават глобални граѓани. Свесни и одговорни за тоа што ги очекува.
Затоа сите реформи што ги правиме, сите промени што ги преземаме, не ги правиме за Брисел, ги правиме за нас и за генерациите по нас. Буквално не одиме ние во Европа, туку Европа ја создаваме тука кај нас. Почитувани,
Живееме во време кога големите идеи, големите проекти, проаѓаат низ кризни периоди. Ни ние не сме имуни на сето она што се случува во светот и на економски, и на политички, и на безбедносен план. Нашите граѓани ги чувствуваат тие промени бидејќи сме сè повеќе поврзани со глобалниот свет, поинформирани за сите глобални настани.
Кај некои, поради актуелните настани се јавуваат сомнежи и скептицизам, опседнатост со лошото и негативното. Меѓутоа, треба да знаеме дека секоја криза во исто време е и голем предизвик, време на нови можности. Како во Европа, така и кај нас. Кризите се и време кога се бараат решенија. Време кога природно сме многу повеќе иновативни и креативни. Затоа, секој проблем ќе има решение доколку се фокусираме на решението, а не на проблемот.
Сум кажал и повторно ќе кажам: Каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме. Наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сè она што нè очекува. Тоа е наша одговорност. Одговорност од секој поединец, без разлика на неговата етничка, религиозна или која било припадност. Одговорност од секоја заедница, од секоја политичка партија. Одговорност од секоја институција, почнувајќи од мене како Претседател, од власта, опозицијата, судството, администрацијата, медиумите, цивилното општество. Едноставно, секој има свој влог и одговорност во реализацијата на стратешките цели. На тој пат, нема место за изговори и избегнување на обврските и одговорностите.
Да ја создаваме Македонија како слободна и демократска земја. Држава која се грижи за интересите на своите граѓани. Држава која ги остварува европските вредности, стандарди и принципи во секојдневниот живот. Држава која одговорно ги исполнува своите меѓународно преземени обврски.
Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите да се однесуваат одговорно кон нас. Во тоа се состои секое наше барање за почитување на она што е свето за секој на овој свет, па и за народот на Република Македонија. Почитување на слободата, правдата и човечкото достоинство. Затоа е несфатливо и неприфатливо секое оспорување на овие општоприфатени вредности.
Постојано апелирам и ќе продолжам да апелирам. Неопходно ни е единство. Неопходна ни е сплотеност за државните интереси, интереси на овие млади луѓе за кои зборувам.
Различните интереси и различните претстави за сите прашања се потребни во секоја демократија. Но, разликите и поделбите не смеат да го одвлекуваат вниманието од државните интереси и од стратешките цели. Демократијата е систем во кој преку дијалог се доаѓа до решение. Почитувани сограѓани,
Ме исполнува со лична радост секој контакт со наши успешни поединци кои ги среќавам, било во Македонија, било во странство. Ги имаме насекаде, на престижни универзитети, престижни компании, глобални медиуми. Нивно дело е што денес, цела планета знае за Македонија. Многу нивни вредности и доблести веќе ги имаат и ги постигнуваат младите луѓе тука, во Македонија. Имаме навистина голем потенцијал.
Генерациите за кои зборуваме се токму тие, кои до крајот на оваа деценија, ќе почнат да ги заземаат клучните места во институциите, во политиката и во општеството. Во економијата, културата, науката, уметноста, спортот. Тие се идните претприемачи, иноватори, научници, политичари, уметници, спортисти. Тие се најсуштествениот симбол на нашата татковина, на нашата независност, на нашиот трет Илинден.
Затоа, неизмерно се радуваме на секој поединечен успех. Се радуваме на секој постигнат резултат, на секој освоен медал, на секое освоено признание. Тоа е она што мотивира и поттикнува нови успеси.
Ако минатата година најубавата честитка ја добивме од кошаркарската и ракометната репрезентација, оваа година нашите срца ги исполни успехот на г-ѓа Бикова, која ни ја даде најубавата честитка за празникот. Имаме илјадници вакви примери во сите сфери.
Токму поради сето она што нив ги очекува треба да заборавиме на поделбите и конфронтирањата кои нè оддалечуваат од она што сме си го поставиле како цел.
Генерациите кои доаѓаат немаат разбирање за трошењето време и енергија на она што нема да им помогне да се интегрираат во современиот свет.
Почитувани граѓани на Република Македонија, Имавме многу пропуштени можности, многу неискористени шанси, неодлучни потези, неостварени соништа во минатото. Да го затвориме тоа поглавје. Сите оние кои ги пропуштале можностите и шансите, кои биле неодлучни, си ја носат својата одговорност. Подвлековме црта и решително чекориме напред, кон иднината.
Третата деценија на независна Република Македонија мора да биде деценија на успеси. Деценија во која секој индивидуален успех ќе придонесе кон достигнување на заедничкиот успех на нашата Македонија. Деценија на генерациите родени во слобода кои преку својата работа, посветеност и оптимизам, треба да ја доживеат благосостојбата тука, во Македонија.
За тоа е потребен живот во согласност со врвните етички вредности и принципи. Принципи кои се основа за градење интегритет, прифаќање на она што е добро.
Интегритетот или отсуството на истиот, секогаш има последици. Луѓето кои имаат интегритет нема од што да се плашат. Нивните животи се како отворени книги. Имаат воспоставен систем на вредности врз кој ги носат сите одлуки во животот. Имаат самодоверба и почит од другите.
Мора да се биде одговорен. Секое стекнато право подразбира и одговорност и, секој кој носи одлуки ќе преземе одговорност за своите чекори. Така се гради карактерот и иднината.
Не смееме да заборавиме дека законите и правилата не се носат за да се кршат, туку да се почитуваат. Така, и новите генерации, за да имаат живот со ред и поредок, во кој ќе можат да имаат сигурност и извесност, треба да ги почитуваат законите и правилата. Никој и никогаш не смее да заборави дека нашата татковина треба да им создава еднакви услови на сите, и сите да бидат еднакви пред законите.
Но, не само законите, треба да се почитуваат и правата на другите. Со трудољубивост да создаваме вредности.
Да имаме чувство за сè што сме стекнале и спечалиле. Да имаме чувство за одговорно и навремено извршување на задачите. Тоа се одлики на доблесни луѓе.
Убеден сум дека иднината на Македонија е во квалитетот и во почитувањето на овие вредности. Иднината е во луѓето кои градат и физички, материјални и духовни добра. И сите заедно да го градиме најголемото добро: независна и просперитетна Македонија. Да ја градиме Македонија во височина. Да ги постигнуваме највисоките европски стандарди и вредности.
Да создаваме млади за иднината и иднина за младите. Инвестирањето во идните генерации е една од најважните задачи на нашето општество. Среќен сум и како претседател на Република Македонија и како универзитетски професор, што создаваме генерации со отворен ум – храбри, интелигентни, со позитивен однос кон општеството. Сите имаме голема доверба и големи очекувања од младите генерации. Колку што имаме успешни луѓе, толку ќе имаме успешна Македонија.
Почитувани сограѓани, Сè почнува од нас самите. Од секој од нас кој од своето раѓање го живее сонот на нашите предци - сонот за слобода, за остварени права и човечко достоинство. Затоа ни останува нам да го почитуваме она што ни е оставено во наследство – сплотеност, соживот и толеранција. Секој ден кој го живееме во независна Македонија е ден на независноста. Независност која ќе ја зачуваме, унапредиме и предадеме на поколенијата само ако не отстапуваме од темелните вредности на нашата заедничка татковина. Гордост и обврска е да се биде Македонец. Гордост е да живееш во Македонија, гордост и обврска е да си граѓанин на Република Македонија без разлика на етничка, религиозна или каква било припадност.
Сите да нè води добра мисла, да се натпреваруваме по добрина и успех. Колку повеќе ја сакаме и вложуваме во Македонија, таа, толку повеќе ќе ни возвраќа.
Да живее Република Македонија! Да ни е вечна Македонија!
|