Постхумно доделување Медали за храброст на загинатите припадници на вооружените сили на Република Македонија
Сабота, 18 Август 2012   

По повод 20-годишниот јубилеј на Армијата на Република Македонија, претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов денеска постхумно одликува со Медал за храброст 57 припадници на вооружените сили.

Почитувани членови на семејствата на загинатите припадници на вооружените сили, почитувани присутни, драги пријатели,

Во годината кога го одбележуваме јубилејот, 20-години од формирањето на Армијата на Република Македонија, донесов указ за постхумно доделување на медал за храброст на сите припадници на вооружените сили на Република Македонија кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината.

Ова се моменти кога со длабока тага и длабока почит се сеќаваме на сите нив. Ова се моменти на сеќавање и на 11-те припадници на Армијата кои на 12 јануари 2008 година, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, загинаа во хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце.

На припадниците на Министерството за Внатрешни работи повторно ќе се потсетиме и на денот на македонската полиција.

Почитувани присутни,
Премногу е тешка, дури претешка загубата на сопственото чедо. Премногу боли кога родителите остануваат без своите деца, сопругите без своите сопрузи а децата без своите родители.  Потресно е кога губиме близок, бидејќи губиме дел од себе. Останува празнина. Затоа се вели дека раните на душата никогаш не зараснуваат. Тие душевни рани се отворени рани кои не печат додека сме живи.

Секој загинат припадник на вооружените сили, е човек со име и презиме. Секој  е  на некому нешто. Секој од нив имал свој сон, свој план за иднината. Сето тоа тие го жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија. Бранејќи го територијалниот интегритет на единствената татковина што ја имаме – Република Македонија.

Затоа денес татковината се сеќава на сите нив. Затоа денес достоинствено им одаваме почит и признание. Признание за нивната храброст и пожртвуваност. Им доделуваме медал за храброст.

Велат дека човек не умира кога ќе го погребаат туку кога ќе го заборават. Со херојската смрт, тие станаа бесмртни, бидејќи сеќавањето на нив трае. Не само денес, туку за навек.

Почитувани,
Веќе три години сум претседател на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили. Во пресрет на секоја годишнина од овие тажни настани добивам писма со потресни сведоштва. Сакам да знаете дека вашата болка е и моја болка. Знам дека нема зборови кои можат да го променат тоа, но длабоко се надевам дека денешениот чин ќе предизвика чуство на утеха и гордост.

Гордост дека нивните животи не се дадени залудно. Дека нивната пожртвуваност не  обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Дека пред законите на оваа држава сите сме еднакви. Дека ја почитуваме волјата на граѓаните, кои на избори не наградуваат и не казнуваат за тоа што го правиме кога ја добиваме нивната доверба. Дека сите предизвици со кои се соочуваме, мора да ги решаваме преку дијалог и взаемно почитување. Дека секој, мора да одговара за своите постапки, без разлика на која функција се наоѓа, или која должност ја извршува.

Жртвата што ја дадоа бранителите ги обврзува сите припадници на вооружените сили на Република Македонија да го чуваат и негуваат мирот, слободата, независноста, триторијалниот интегритет и суверинитет на Република Македонија. Денес бевме горди на сето она што го видовме на парадата. Армијата на Република Македонија покажа дека е од народот, за народот и со народот. Барам и очекувам никој во оваа држава да не ја злоупотребува Армијата, на било каков начин, за политички, партиски, или било какви други интереси.

Почитувани,
Во името на благодарната татковина, со овие медали за храброст сакаме да пратиме и јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи нејзините храбри синови да бидат заборавени! Тие остануваат во нашиот спомен како херои кои го направија она што татковината тогаш го бараше од нив.

Денес, со овој чин се потсетуваме на едно трауматично поглавје од поновата историја на Македонија. Сакам и барам овој чин да биде разбран и како симбол на едно ново и поинакво поглавје кое го отворивме и на кое сме целосно посветени. Тоа  е да ја градиме Македонија како европска држава, со европски стандарди, европски критериуми и европски вредности, со дух на мир, сигурност и соживот, со заедништво и солидарност за иднината, благосостојбата, и достоинството на нас самите, на нашите деца и на оваа земја.  Македонија да ја градиме и да ја имаме како заеднички, мирен и просперитетен дом за сите, без разлика на етничката, верска или каква било припадност или чувство на припадност.

Нека им е Вечна слава на нашите паднати херои !
Да живее Република Македонија!


  Back<<Назад