Свечена академија по повод 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија
Четврток, 16 Август 2012   

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети присутни, дами и господа,

Неодамна го прославивме нашиот најсветол празник - Илинден. Во херојско Крушево одново го кренавме знамето на слободата. Знаме под кое се бореа илинденците од 1903-та. Знаме кое го презедоа борците во Народноослободителната и антифашистичката војна. Знаме на слободата под кое ние денес живееме. Знаме кое веќе 20 години го чува Армијата на Република Македонија, со сета чест, достоинство и професионалност која им прилега на наследниците на славните илинденци.

Почитувани присутни,
Денеска го празнуваме 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија. Како важен столб на нашата независност, Армијата покажа капацитет и постојан напредок во општеството и целосна афирмација на Република Македонија на меѓународен план. Свесен сум дека тоа не ќе беше возможно без напорната, професионална и посветена работа на многу генерации. Затоа, ја користам оваа свечена прилика да им се заблагодарам на сите претходни и сегашни припадници на Армијата, на сите старешини, регрутни војници, професионални војници и цивилни лица кои вложиле и вложуваат дел од својот живот во нашата армија. Армија која од денот на своето формирање ја брани нашата слобода и слободата на нашите деца.

На сите новоунапредени старешини и цивилни лица во Армијата на Република Македонија им ги честитам унапредувањата и им посакувам успешно и професионално извршување на одговорните задачи.

На сите припадници на Армијата на Република Македонија кои во изминатите 20 години ги дадоа своите животи при извршувањето на воените обврски и учеството во мирновните мисии, донесов одлука постхумно да им доделам Медал за храброст.

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Бидете горди на нашата армија која ја отсликува реалната структура на нашето општество. Армија која ја чува нашата безбедност и безбедноста на нашите најблиски.

Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили, ве уверувам дека Армијата на Република Македонија, била, е и ќе остане да биде гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Ве уверувам дека ние, како одговорно лидерство, сме континуирано посветени на неопходните потреби. Потреби за функционирање и обезбедување на услови за извршување на уставните надлежности на Армијата на Република Македонија. Не смееме да заборавиме дека Армијата е институција во која македонските граѓани имаат исклучително голема доверба и почит. Затоа, ние сме должни да им овозможиме на нејзините припадници услови за достоинствен живот и квалитетна работа.

Свесни сме дека последиците од економската криза се чувствуваат и во структурите на Армијата. Затоа, во рамките на можностите, правиме сè за подобрување на стандардот на припадниците. Правиме сè за постигнување соодветна модернизација на Армијата. Армија со која ќе се гордеат сите граѓани на Република Македонија. Не смееме да заборавиме дека Армијата е од народот, за народот и со народот.

Драги сограѓани,
Верувам дека 20-годишното постоење на Армијата на Република Македонија, може да се сублимира низ три збора: патриотизам, постојаност и професионалност.

Патриотизмот, љубовта кон татковината е најважната придобивка што Армијата на Република Македонија ја наследи од нашите илинденци и борци во Народноослободителната војна. Љубов која Армијата ја покажа од самите мугри на нашата независност, чувајќи ги нашите граници, нашиот мир и нашата безбедност, за нас и за нашите деца.

За голема пофалба е постојаноста на Армијата на Република Македонија во одржувањето на високиот степен на борбена готовност. Постојаност која значи дека можеме да се потпреме на Армијата, секогаш кога тоа е потребно.

Во овие две децении, Армијата покажа професионалност во справувањето со сите предизвици во нашата држава и пошироко. Доволно е да се сетиме на подготвеноста со која Армијата се вклучуваше во справувањето со пожари, поплави и земјотреси во моментите кога тоа беше најпотребно. Но, се сеќаваме и на професионалниот пристап во справувањето со безбедносни кризи во земјата, како и на учеството во меѓународните операции предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации.

Со гордост можам да кажам дека професионалноста на Армијата останува да биде клучен двигател на патот на Република Македонија кон членството во Северноатлантското семејство на народи.

Нашите стратешки цели остануваат непроменливи и јасно утврдени со општиот консензус. Македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество е природно упатено кон европските и евроатлантските интеграции. Затоа, остануваме посветени на преземените обврски со нашите партнери од НАТО во согласност со нашите национални и државни интереси.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Веќе три години сум претседател на Република Македонија и ваш врховен командант. Во сите мои бројни средби ширум светот, светските лидери и воените команданти јасно истакнуваат дека Армијата на Република Македонија и македонските мировници се вистински амбасадори кои, и практично и на терен, ги изразуваат нашите интереси. Интереси кои ги споделуваме со партнерите, сојузниците и пријателите.

Во тоа можев и лично да се уверам за време на моите посети на нашите мировници во Авганистан, во Босна и Херцеговина и на меѓународните воени вежби. Впрчем, тоа завчера лично го истакна и генералот Мајкл Дуби по унапредувањето во чин генерал-полковник во Пентагон и неговото назначување на функцијата заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави, велејќи притоа дека посветеноста на Армијата на Република Македонија кон професионализмот е за востиување. Сакам да знаете дека навистина се гордеам со вас.

Знам дека сте најдобри и мора така и да остане!

Формата е важна, но, верувајте, поважна е суштината. Важно е формалното членство, но поважно е достигнувањето на вредностите, стандардите и критериумите. Делата зборуваат сами за себе. Со напорна работа и пожртвуваност, Армијата на Република Македонија ги достигна и вредностите, и стандардите и критериумите за членство во НАТО. А до постигнувањето на членството ќе продолжиме да работиме.

Драги пријатели,
На самиот крај, уште еднаш, ви го честитам 20-годишниот јубилеј, длабоко уверен дека ќе продолжите да работите според трите вредности кои ги одбележаа овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам. Вредности кои се предуслов за нашата слобода, правда и достоинство.

Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

 

  Back<<Назад