|
Почитувани граѓани на Република Македонија, Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,
И овој пат сме на Мечкин Камен, во спомен на нашите Илинденци – борците кои се бореа за праведност и слобода, борци за подобра иднина чија светлина сè уште зрачи до нас. Нашите јунаци, кои храбро и пожртвувано го грабнаа факелот на слободата. Слобода која беше светлина во долгиот мрак.
Со херојската смрт, тие станаа бесмртни. Затоа што човек не умира кога ќе го погребат, туку кога ќе го заборават. Затоа илинденците се бесмртни. Сеќавањето на нив трае, не само на овој ден и не само на ова место. Не само тука, не само сега, туку секогаш и секаде каде што нè има. Секаде до каде зрачи нивната светлина.
На 40-годишнината од Илинденското востание, на 2 август 1943 година, Кузман Јосифовски-Питу, познат како Гоце Делчев на Народноослободителната борба, во својот реферат поднесен на Преспанското советување истакнал:
„Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја...“
Денес, речиси седум децении по тие зборови, си споменуваме за тие големи македонски синови. Со голема благодарност си спомнуваме на славните илинденци, на Делчев, Груев и Карев. На Шатев, Петров и Сандански. Со бескрајна почит се сеќаваме на учесниците во Народноослободителната и антифашистичка борба за ослободување на Македонија. На Брашнаров, Питу и Ченто. На Чучков, Аголи и многу други. Се сеќаваме на учесниците на АСНОМ кои во 1944 година ги поставија темелите на македонската држава. Се сеќаваме на третиот Илинден, оној на 8 септември 1991 година, кога конечно се оствари многувековниот сон на македонскиот народ за независна, суверена и самостојна Република Македонија. Илинден е светлина која доаѓа до нас, вечна борба за слобода, правда и достоинство.
Почитувани присутни, Годинава се навршува еден век од Првата балканска војна. Војна во која балканските народи ја победија Османлиската Империја. Но, Втората балканска војна од 1913 година заврши со Букурешкиот договор, а ослободувањето на Македонија од османлиите беше вовед во ново ропство. Со Букурешкиот договор, Македонија и Македонците беа поделени, а македонското име и македонскиот јазик беа оспорувани и потиснувани. Но, не успеаја да го затворат македонското прашање.
Балканските војни беа вовед во поширок европски и светски конфликт. Победничкиот триумфализам од Првата светска војна беше вовед во Втората светска војна од која Европа излезе разрушена и поделена. Ниту една од овие војни не ја одмина Македонија. Ниту една од овие војни не го поштеди македонскиот народ. И, во секоја од овие војни, македонските родољуби, патриоти и херои се бореа за остварување на вековниот сон. Сон за слобода, правда и за ново утро без пранги. Иако со векови поробена, нашата мајка Македонија секогаш давала чеда со слободен дух. Чеда кои знаеја дека мора да се фатат за оружје за да се борат и да се изборат за нашата слобода. Затоа, не смееме никогаш да заборавиме дека ние сме деца на слободата – нивни деца на слободата!
Почитувани граѓани на Република Македонија, Да се биде слободен значи и почитување, негување и афирмирање на делата на нашите предци, на нашите илинденци. Да се биде слободен значи да се биде одговорен за сопствените ставови, одлуки и преземени чекори. Да се биде слободен значи сами да ја градиме иднината, а не некој друг да ни ја крои, одредува и наметнува. Да се биде слободен значи да се чекори по патот на суверенитетот кој го осветлуваат нашите идеали: слобода, правда и достоинство.
Слободата ја живееме и силно ја доживуваме. Затоа, пак, за правдата сè уште се бориме. А достоинството, пак, некои и ден-денес сакаат да ни го засенат. Некои и денес сакаат да нè обезименат, обезјазичат, обезличат. Затоа, идеалот сè уште не е остварен. За идеалот сè уште се бориме. И не смееме да се обесхрабруваме. Ние сме МАКЕДОНЦИ и зборуваме македонски јазик!
Да се присетиме на зборовите на големиот Блаже Конески, кој уште во 1986 година рече:
„Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред такви, ‘правни’ диверзии од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите светли датуми и нашето постоење. За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина.“
А јас денес, на ден Илинден, ќе додадам: „Иако нè поделија, иако нè раселија, јазикот остана основната и најсилната жива врска што нè врзува и обединува. Тука, во Република Македонија, и насекаде во светот каде што живеат Македонци. Тука, во херојско Крушево и насекаде каде се зборува, твори и пее на македонски јазик. Затоа, никој нема право да разговара, а не пак да преговара за преименување на нашиот македонски јазик“.
Драги сограѓани, Во мислите уште ми се зборовите на генералниот секретар на Обединетите нации, господинот Бан Ки-мун за време на неговата неодамнешна посета на Република Македонија. Тој во Охрид, во нашата духовна и културна престолнина рече:
„Никогаш да не се согласувате на компромис кога станува збор за вашите принципи. Универзално прифатени принципи... Јас никогаш не прифаќам компромис кога станува збор за ... основни човекови права и достоинство ... кога се работи за универзално прифатени принципи, никогаш не треба да се прави компромис.“
Идентитетот и јазикот се нераздвоен дел од човековата личност, од слободата на изразување, од човековите права.
Помина времето кога можеше да се одлучува за нас, без нас! Никој не може да зборува за нас, без нас! Никој не може да известува за нас, без да се спомне на нас! Никој не може да пишува извештаи за нас, без нас! Македонија не е рамнодушна нација, како што некои нè определуваат!
Затоа, од ова свето место, уште еднаш ќе го повторам она што во неколку наврати јасно го порачував. Од името на македонските граѓани, нема да прифаќам извештаи за Република Македонија кои не ги вклучуваат нашите идентитетски одредници. Јас како претседател на Република Македонија инсистирам да ни се обраќаат со почит, во согласност со меѓународното право и со универзално прифатените принципи. Принципи за кои никогаш не се прави компромис.
Оваа генерација, како и сите претходни, илинденски и антифашистички, нема да прави компромис со нашите идеали и со нашиот идентитет. Со слободата, правдата и достоинството. Напротив, продолжуваме да се залагаме за остварување на заветот оставен од предците. Илинден ни е во срцата, Илинден ни е во мислите.
Ценети присутни, Стратегискa определбa на „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“ е целосно остварување на нашата слобода, правда и достоинство.
Стратегиска определба на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество, била, е и ќе биде полноправно членство во НАТО како гаранција за мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија. Стратегиска цел на нашата современа македонска демократија била, е и ќе биде членство на Република Македонија во Европската унија како предуслов за мир, развој и напредок.
Нас не нè поколебале и нема да нè поколебаат блокади, уцени и непринципиелни условувања. Целта ќе ја постигнеме. Не е прашање дали, туку кога. А до тогаш, треба да останеме посветени на реформите. Да ја сакаме нашата заедничка татковина, Република Македонија. Како духовни чеда на илинденците да бидеме одговорни граѓани. Да работиме за доброто на државата. Да продолжиме да бидеме фактор за стабилност во регионот, онака како што покажавме дека можеме уште од мугрите на нашата независност, со мирољубива политика на отвореност и добрососедство. Да градиме добри односи со сите наши соседи. Да даваме придонес за регионалниот и глобалниот мир, за безбедноста.
Поклонувајќи се кон сите наши историски великани и борци, кои со оружје в рака се бореа за македонската држава, денеска им оддаваме јавно признание на нивните наследници. Им оддаваме признание на припадниците на Армијата на Република Македонија, тој стожер на македонската државност. Стожер кој во изминатите 20 години беше еден од гарантите на македонската независност. Им оддаваме признание и на нашите храбри мировници. Мировници кои заедно со нашите сојузници и партнери ги бранат споделените вредности, интереси и приоритети за слободен, мирен и демократски свет. Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили навистина се гордеам кога државниците од светот најпофално зборуваат и ги одликуваат припадниците на нашата армија и нашите мировници.
Почитувани сограѓани, Свесни сме за пречката и предизвикот на патот кон формалното членство на Република Македонија во Европската унија и во НАТО. Но, исто така, сме свесни дека таа формална препрека не може да нè спречи, ние самите, со сопствени сили и со ангажман да ги исполниме критериумите и да ги достигнеме стандардите за членство. Членство во клубовите во кои сакаме да припаѓаме. Со сопствени сили да го постигнеме она што ни е формално оневозможено. Длабоко сум убеден дека со ова би се согласил и големиот македонски син Гоце Делчев, кој пред 140 години дојде на овој свет, и сиот свој краток човечки живот, а вечен за нас, го посвети на ослободувањето на Македонија. Не смееме да заборавиме дека во една прилика Делчев рече: „Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“.
Некогаш, Делчев зборуваше за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Денес, нашата генерација е исправена пред нова историска задача. Македонија да стане европска и евроатлантска, не само како член, туку по вредности, критериуми и стандарди.
Ве повикувам со нашите сопствени раце да ја создадеме европска Македонија, спроведувајќи ги европските вредности во нашето секојдневно живеење. Ве повикувам со нашите сопствени раце да ги достигнеме европските критериуми и стандарди. Со нашите сопствени раце да изградиме достоинствен, европски живот за оваа и за идните генерации.
Никој и ништо не може и не смее да нè обесхрабри. И никој и ништо не може да ни ја сработи историската задача да ја создаваме иднината за нашите деца. „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, е врежано во Манифестот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ. Од сите нас, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, од сите граѓани на оваа земја, зависи каква Македонија ќе имаме. Од сите нас, христијани, муслимани и Евреи, зависи дали во општеството ќе ги негуваме најдобрите вредности и принципи на љубов кон Бога и кон ближните свои. Од нашата генерација зависи каква иднина ќе им оставиме на поколенијата кои доаѓаат по нас.
До целосното остварување на тие цели, ние остануваме посветени бидејќи сме водени од една голема вистина. Вистина за која најдобро зборува ова место на кое сме собрани денес. Пред 109 години, тука, на Мечкин Камен, соочени со 12-илјадниот турски аскер, 370-те востаници предводени од Питу Гули можеле да го развиорат белото знаме и да се предадат. Но, пред почетокот на таа епска битка Питу рече:
„Слобода или смрт е напишано на нашето востаничко знаме. Под него ние се боревме и ја извојувавме слободата, под него ќе се биеме, за да ја запазиме добиената слобода! […] Непријателот е многуброен, но не е страшен. Ние, иако сме малубројни, сме посилни од него, зашто имаме силен дух и челична волја за борба докрај, затоа што ние се бориме за слобода и правда...“
Питу и соборците знаеја дека ако не се бориш, однапред си изгубил. Иако таа битка беше изгубена, војната денес е добиена. Минатата година прославивме две децении од независноста на Република Македонија.
Почитувани граѓани на Република Македонија, Останува уште многу работа. Верувам дека клучот на успехот се вистинските вредности. Вредности кои носат напредок и развој. Нашата сегашност и иднината зависат од нашите вредности.
Доволно е да се сетиме дека вредностите отсекогаш имале важна улога во македонското ослободителното дело. Дека ослободителното дело ќе успее само кога се заснова врз вистината, правдата, моралот, законитоста и чесноста.
Според вредностите сакаме да бидеме дел од европското и од евроатлантското семејство. Сакаме да бидеме членки кои со своите вредности, ставови и дела ќе придонесуваат кон европското и кон евроатлантското семејство на народи.
Знаеме добро што се вистински вредности. А што е наше, ќе си дојде. Во тоа сум длабоко убеден.
Драги сограѓани, Со свои сили да ги оствариме идеалите. Но, само ако сме сложни и единствени. Не сме доволно големи и богати за да се трошиме во меѓусебни пресметки и обвинувања. Потребна ни е согласност околу суштинските прашања на државата, суштинските прашања на нашето општество. Горливо ни требаат конструктивни идеи, конструктивни мисли кои ги мобилизираат сите кои ја сакаат Република Македонија.
Демократијата подразбира и натпревар на различни мислења, различни погледи и вистини, кои треба конструктивно да функционираат во единство, за доброто на Македонија. Демократијата подразбира плурализам. Но, не може со сфаќања кои сеат раздор да ја добиваме довербата на граѓаните. Затоа, ни треба демократија без униформност, туку со единство.
Историјата е полна со урнатини оставени од деструктивни луѓе. Ни требаат творци и градители, иноватори и креативни луѓе. Ни требаат визионери чиј поглед е вперен во иднината, а чии нозе се цврсто поставени на земјата. Нам не ни требаат деструктивци, негативци и песимисти. Ни требаат искрени родољуби, посветени патриоти и современи херои. Луѓе кои преку својата работа ќе придонесат за општото добро. Ни требаат луѓе со отворени умови. Луѓе фокусирани на иднината. Луѓе кои ќе живеат на отворен простор.
Апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само ако искрено се фокусираме на стратешките цели, ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска Македонија.
Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми... Почитувани граѓани на Република Македонија,
Илинденците ни покажаа како да ја градиме Македонија. Обединети меѓу себе, во борба за слобода, правда и достоинство.
Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување во заедничкиот живот на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец и граѓанин на Република Македонија значи да се биде толерантен и да се почитува културата и обичаите на другиот.
Горди сме на нашиот модел на интеграција без асимилација. Модел втемелен врз соживотот кој во наследство ни го оставија нашите предци. Соживот врежан во Крушевскиот манифест. Соживот втемелен врз придобивките на Илинден и на Народноослободителната борба.
Минатата година, положувајќи ја декларацијата за независност на Македонија од 1991 година во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, пред себе ја гледав декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија. Декларација во која се вели дека сите граѓани „се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот“.
Голема и споделена е нашата заедничка одговорност, низ меѓусебна лојалност, кон нашата заедничка и единствена татковина Македонија, да го исполниме заветот на илинденците. Да ја градиме Македонија како развиена, напредна и демократска држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите.
Затоа, од ова свето место каде се роди првата демократска република на Балканот, ве повикувам сите да се обединиме под знамето на независна Македонија!
За многу години Илинден! Да ни е вечна слободата и независноста! Да живее Република Македонија!
|