Обраќање на Претседателот Иванов на Конференцијата на ОН за климатски промени | |
|
Почитуванa госпоѓа Претседател
Донесувачите на политики и одлуки се одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации. Веќе сме сведоци на негативните ефекти од климатските промени и, оттука, мораме да делуваме итно со цел да го спречиме процесот и да го избегнеме негативното неповратно влијание. Токму поради тоа нам ни е потребен правно обврзувачки договор на глобално ниво кој предвидува создавање на најдобри можни услови кои ќе овозможат да се одржи глобалното затоплување за помалку од 2 степена. Во овој контекст, силно ја поддржуваме Европската Унија во нејзините напори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 20 проценти до 2020 година и нејзината заложба за намалување на емисиите на глобално ниво за најмалку 50 проценти до 2050 година во споредба со нивоата на емисии од 1990 година. Исто така овде треба да се присоединат и напорите на развиените земји за намалување на емисиите за околу 80-95 проценти. Придржувајќи се кон интегрираните стратегии за одговор на енергетските и климатски промени, Македонија донесе одлука да го зголеми својот удел на обновливи енергии во својата севкупна потрошувачка на енергија, од моменталните 15.3% до 21% до 2020 година. Очекувам ваквиот тек на активности да биде прифатен и спроведен исто така од страна на другите нации.
Екселенции, Би ја искористил оваа прилика да го искажам моето очекување за соработка со нашите европски партнери за ефективно усогласување на идентификуваните приоритети со соодветните технички и финансиски потреби и капацитети на земјите, како на Македонија така и на другите. Уверен сум дека сите правиме исти напори за интегрирање на мерки за намалување на јаглеродните емисии во клучните национални стратегии и документи. Веруваме во моќта на знаењето. Климатските промени наметнуваат потреба од еколошки иновативни пристапи и технологии во поддршка на економскиот развој и пораст. Во целост сме свесни дека одржливите развојни стратегии не се апстрактни концепти или желби. Тие исто така се клуч или патоказ за тоа како да се постапува одговорно на национално ниво и како истата одговорност да се споделува со другите нации. Ваквата заедничка визија исто така зависи од развојот на јавната свест и индивидуалното разбирање на проблемот – суштински чекор за подобрување на потрошувачката на енергија и зајакнување на енергетската ефикасност. Климатските промени се неспорни, а нивното влијание е несомнено, не само при екстремни временски услови, како на пример, се почеститe и поинтензивни поплави, топлотни бранови и суши, но исто така и деградирањето на екосистемите и влијанието врз животната средина, со што се зголемува ранливоста на заедниците, посебно преку здравствените ризици. Препознавајќи ја директната поврзаност меѓу климатските промени и природните катастрофи, во согласност со Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) создаваме, национално засновани и меѓународно интегрирани механизми со учество на многу чинители за намалување и ублажување на ризиците и последиците од катастрофите. При поекстремни временски услови кои се наѕираат на хоризонтот, потребна ни е координирана акција со цел да се справиме со предизвиците кои претстојат. Во оваа насока, Македонија ги прифаќа, со огромен ентузијазам приоритетите од Рамката за акција од Хјого (HFA) како и одговорностите кои произлегуваат од ко-претседателството со Европскиот регионален форум за намалување на ризиците од катастрофи, воспоставен од страна на Меѓународната Стратегија за намалување на катастрофи (UNISDR) и Советот на Европа.
Екселенции, Нашите напори и политичка волја не застануваат само на намалување на јаглеродните емисии. Со развиени и врз основа на темелна експертиза и анализа засновани стратегии, предводници сме во процесот на систематска кампања за пошумување која досега резултираше со засадени 20 милиони садници. Во наредната деценија, македонските шумски површини ќе се зголемат за дополнителни 100.000 хектари од севкупното сегашно неплодно земјиште. Кога ќе го постигнат посакуваниот раст, овие шуми, на годишно ниво ќе апсорбираат најмалку 250.000 тони јаглерод диоксид. Замислете си што може да се постигне со пан-европско па дури и светско пошумување во намалувањето на постојното ниво на јаглерод во атмосферата. Со ова, ние не се залагаме за алтернатива на договорот за глобални климатски промени. Напротив. И двата концепти се надополнуваат и се дел од истата равенка. Поради тоа, Ве повикувам да се сплотиме во оваа заедничка иницијатива и да оставиме на нашето потомство почиста и побезбедна планета Земја. Екселенции, На самиот крај, со цел и на практичен начин да ја демонстрирам посветеноста и одговорноста на Македонија кон ова прашање, сакам да ве информирам дека веднаш по оваа Конференција, за наредната година, ќе иницирам регионална средба на највисоко ниво. Фокусот на оваа средба ќе биде ставен на јакнење на регионалната соработка во овој контекст. Очекувам оваа средба, да придонесе кон јакнење на регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, чии импликации не засегаат сите нас. Очекувам истата да даде конкретни резултати во посакуваната насока. Ви благодарам.
|