Годишно обраќање на Претседателот Иванов во Собранието
Понеделник, 21 Декември 2009   

Годишно обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Собранието на РМ

Почитуван Претседателе на Собранието,
Почитувани пратеници,
Почитуван Претседателе на Владата,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,

Со особена чест и задоволство, денес, за прв пат, ја исполнувам својата уставна должност пред македонскиот законодавен дом. Освен како мој отчет за тоа што го сработив, сакам ова обраќање да биде посветено на сработеното во Македонија воопшто, како и да дадам некои оценки за тоа што не очекува во иднината.
Сакам и да ги кажам моите јасни ставови по низа прашања кои не оптеретуваа на политички план и понекогаш создаваа конфузија кај граѓаните на Република Македонија. Она што е важно е дека 2009 година ќе остане запаметена по повеќе големи и важни успеси. Сепак, годината ја оставаме и со отворени прашања, со сериозни проблеми. Одговорите на истите, соочувањето со нив во годината што е пред нас, најлесно ќе ги пронајдеме со сплотеност и единство. Тоа се впрочем и очекувањата на граѓаните.

Почитувани,

Република Македонија на политички план докажа дека е функционална демократија. Како изборна година, 2009 ни почна со кампањи. Со можност уште еднаш да ја видиме македонската демократија на дело. И граѓаните и учесниците во изборниот процес дадоа свој придонес во успешно одржаните избори, кои подоцна ги поставија темелите за другите важни политички настани во текот на годината. Овие избори отстранија една негативна појава која ги следеше изборните циклуси, а тоа е оспорувањето на легалноста и легитимноста на изборните резултати.
Во Македонија во континуитет имаме јасно изразена волја на граѓаните, кои се определија за продолжување на економските и политичките реформи. За интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија, на достоинствен начин. Имаме и многу интензивна понуда на разни политички решенија и модели во реализацијата на нашите зацртани цели. Големиот жар со кој се пристапува во политичката дебата е богатството на македонскиот политички живот. Особено кога решаваме за теми кои будат многу емоции. Такви се прашањата на идентитетот и припадноста. Односот кон традицијата во општеството. Економските успеси и падови. Граѓаните и демократијата не губат од ваквите дебати и граѓаните се доволно зрели да знаат да изберат. Јас верувам во дијалогот, како единствен начин да се решат отворените прашања, и внатре во земјата, и во односите меѓу државите.
Покрај понудата на политичките партии, во нудење на предлози и решенија активно се вклучија и медиумите и граѓанскиот сектор. Како активист за поддршка на слободата на медиумите и на цивилното општество, мене ме радува слободата на јавно искажување на својот став, дури и кога лично со него не се согласувам. И порано и денес сум подготвен да застанам во поддршка на плурализмот, со сите сили и авторитет да ја бранам слободата во изразувањето на мислата, на сопствените ставови, да го поддржувам граѓанскиот ангажман во општеството.
На внатрешен план, 2009 година беше година на стабилна мултиетничка коалиција способна да спроведува реформи. Нешто што во Македонија се смета за сосем нормално, а што во други земји може да биде вистински предизвик. Годината ја карактеризираше дух на почитување и соработка, кој е олицетворен во Уставот на Република Македонија. И покрај силната економска криза која бараше значителни намалувања на расходите на јавната администрација, изминатата година продолжи исполнувањето на принципот на правична застапеност на припадниците на сите етнички заедници.
Еден трауматичен момент, кој сметам дека ја покажа нашата сила како општество и вредностите според кои живееме беше реакцијата и солидарноста по големата трагедија која се случи во манастирот Свети Јован Бигорски. Уште еднаш на дело се виде дека луѓето во криза се покажуваат кои се и какви се. Додека гореа конаците, додека животите и бесценетите свети реликвии беа доведени во опасност, бевме сведоци дека луѓето од целиот околен крај, без оглед на верската и етничката припадност, дојдоа да им помогнат на своите соседи. Тоа е вистинскиот дух на Македонија, нашиот вистински карактер граден низ вековите на соживот и взаемно помагање.
Пристапувајќи кон оваа функција си поставив задача македонскиот модел на интегрирање на заедниците да стане подобро познат во светот. Македонија заслужува, како вистински микро-космос на толеранцијата, меѓусебната почит и соработка, да биде прифатена како пример за другите земји од регионот. Нашиот модел на интеграција без асимилација, со почитување на културните, јазичните и верските различности, е голем придонес и кон европската ризница на народи и култури. Останува уште самите себе да си се почитуваме, да си го почитуваме тоа што го правиме, тоа што сме, тоа што го имаме.

Дами и господа,

Годинава одбележавме две децении од падот на Берлинскиот Ѕид, од големото ослободување на Европа од тоталитаризмот, од освојувањето на слободата. Ова е година и кога конечно почна да се спроведува лустрацијата, како извонредно важен процес за идниот политички и демократски развој на Република Македонија. Очекувам едно темелно спроведување на истата, да придонесе кон намалувањето на деформациите во нашата демократија, во нашите институции. Граѓаните имаат право да знаат кој им се обраќа, кој нуди политички решенија и кој се нуди да зборува во нивно име.
Македонија продолжи да се справува со корупцијата и криминалот, кои, исто така, се предизвик за стабилноста и демократичноста на политичкиот систем. Имаме конкретни резултати на овој план и сметам дека веќе нема носители на функции во оваа држава, кои чувствуваат дека можат да прават што сакаат и кога сакаат. Мојата визија за Македонија е земја во која владее законот. Никој не е над законот, и законот никого не обесправува. Освен што владеењето на правото е гаранција за развивање на демократијата, тоа е и главна гаранција за економски развој и просперитет на сите граѓани.
Годината која измина ќе ја паметиме по ефектите од драматичната економска криза која го погоди целиот свет, но и по реалното сфаќање на кризата со сета нејзина сериозност. Навремената и соодветната реакција, заснована врз проверените економски принципи придонесе Македонија да го избегне најтешкиот удар на кризата. Успешните мерки ги заштитија граѓаните од сериозни економски тешкотии. Владата во голема мера излезе во пресрет на очекувањата на граѓаните и стопанството. Тука, секако, мораме да ги имаме предвид условите и тешкотиите во кои се работеше, надвор од формалното членство во евро-атланските структури кои се дополнителен мотив за инвеститорите и особено ефектите на глобалната економска криза. Ја поздравувам искрената и силна посветеност на Владата за уште поинтензивно продолжување на реформите, за ова круцијално прашање за нашите граѓани.

Почитувани,

Секако дека Претседателот има најголеми овластувања во областа на надворешната политика. Преземајќи ја оваа функција, мој избор и цел, беше да имаме динамична и активна надворешна политика. Посетата на тринаесет држави во овие седум месеци го покажаа токму тоа. Во водењето на надворешната политика да поаѓаме од принципот на отвореност. Со таков принцип во надворешната политика, со силна, ефикасна и продуктивна дипломатска активност, Република Македонија може да ги реализира своите надворешно-политички цели, да создава нови и да ги јакне и унапредува постојните партнерства. Само така може да биде подобро разбрана, признаена и прифатена во меѓународната заедница. Во изминатиов период остварив одлична соработка со Владата во оваа област каде имаме заеднички ингеренции. Успеавме да пополниме голем број на празни места во нашата дипломатска мрежа. Ги хармонизиравме плановите за настап на земјата на надворешно-политички план. Докажавме дека резултатите доаѓаат кога институциите функционираат со полн капацитет. Особено е важно што нашата дипломатија како висок приоритет ја имаше и промоцијата на економската соработка. Нашите дипломати и економски промотори помогнаа во организираното претставување на Македонија на сите континенти.
Како Претседател, јас си поставив задача да се ставам на располагање на нашите стопанственици, да бидам промотор на нашите економски можности и потенцијали. При секоја моја посета надвор од Македонија, без разлика дали ме придружува стопанска делегација, или не, економската соработка е највисоко на агендата, на сите мои средби.

Дами и господа,

Приоритетите ни се одамна поставени и се многу јасни. На првиот мој работен ден го посетив Брисел, за да ја потврдам посветеноста на Република Македонија на евро-атлантските интеграции. Во 2009 година Република Македонија постигна големи надворешно-политички успеси. Ја остваривме визната либерализација. Добивме позитивно мислење од Европската Комисија за постигнатите реформи во сите области. Го затворивме прашањето на демаркацијата на границата на север и воспоставивме дипломатски односи со Република Косово.
На полето на одбраната, донесовме одлука за зголемување на нашата мировна мисија во Авганистан, во тесна соработка и координација со Соединетите Американски Држави и другите наши сојузници од НАТО. При мојата посета на Њујорк и сојузната држава Вермонт уште еднаш се потврди стратегиското партнерство кое Македонија го има со Соединетите Држави, и се виде колку многу можеме да постигнеме со ова пријателство. Република Македонија во овие рамки го дава својот придонес за ширење на стабилноста и демократијата во едно од најкритичните места на светот. Ние ќе останеме посветени на мисијата во Авганистан, ние ја демонстрираме компатибилноста со НАТО стандардите и се однесуваме како нејзин де факто член. Тоа е нешто за кое добиваме признанија, тоа е нешто кое никој не може да го оспори. Македонија ги брани вредностите на демократијата и слободата, на различни начини и во различни организации.
Во изминатите месеци темелно се подготвувавме за превземање на Претседателството со Комитетот на министри на Советот на Европа идната година, што ќе биде уште една сериозна можност за Македонија да покаже што знае и што умее на меѓународната сцена. Како земја – промотор на човековите права, нашата држава ќе даде непроценлив придонес во мисијата на оваа организација, која треба да ја претставува совеста на европските држави.
Во Копенхаген покренав иницијатива за регионален самит за климатски промени кој би се одржал идната година во Република Македонија. Климатските промени и нивните последици, се нешто што нема да ја одмине ниту Македонија, ниту регионот. Треба да се подготвуваме за таквите предизвици.

Почитувани,

Во изминатиов период особено внимание посветив на негувањето и развивањето на добрососедските односи.
При посетата на Република Бугарија заедно со Претседателот Прванов со симболично кревање на рампата на заедничката граница практично ја одбележавме визната либерализација за македонските граѓани. При оваа посета ставивме до знаење дека, погледите на сите нас треба да се насочени кон иднината, кон нештата кои не поврзуваат со соседите и пријателите, кон заедничката сегашност и иднина. Ја почитуваме историјата, историските настани, но има кој да се занимава со тоа. Ние сме избрани да ја подобруваме сегашноста, да ја антиципираме и да се подготвуваме за иднината.
Во односите со Република Србија, успеавме со интензивна комуникација да го зачуваме високото ниво на разбирање и соработка. Признавањето на Македонската православна црква, секако не е отворено прашање меѓу државите, но е прашање кое во голема мерка влијае врз односите на нашите граѓани, на меѓусебната доверба и почит. Во честите средби со српскиот државен врв постигнуваме согласност дека ова прашање треба што поскоро да се затвори. Со тоа даваме уште еден пример до нашите соседи, и до светот, дека тешките, и емотивните прашања на Балканот може да се затворат и да се надминат.
Би сакал да го поздравам брзиот подем и развој на односите со Република Албанија.
Македонија, многупати сум кажал, има сериозен интерес сите нејзини соседи да бидат економски и политички развиени, и да напредуваат. Сите земји од Балканот можат да одат напред заедно, меѓусебно помагајќи се на тој пат. Јас цврсто се определив за одржување на редовни контакти со водачите на сите држави од соседството и од регионот, и за активно барање на начини за соработка, но и за отстранување на утврдените пречки во соработката. Градењето на еден нов, демократски Балкан е витална определба на Република Македонија. Поставуваме основа за Балкан без граници. Обединети, без притоа некој да доминира, туку обединети врз основа на меѓусебно уважување и почитување. Македонија долго време работеше за целосно да ги обележи своите граници и тоа е голем придонес кон стабилноста на регионот. Тука повторно сета комплексност на односите на Балканот, сите историски и геополитички нијанси дојдоа до израз, но Република Македонија умешно го одработи ова прашање.
Денес можеме да се пофалиме со нов квалитет во односите со нашиот најно сосед. Знам, дека и граѓаните на Република Македонија и меѓународната заедница, високо го вреднуваат овој дипломатски успех на нашата земја. Јас сум задоволен од растечкото ниво на економските односи. Косово е наш значаен трговски партнер, и постојат големи можности за соработка во многу области.

Почитувани,

Во текот на 2009 година Македонија забележа извонреден успех на планот на евроинтеграциите. Македонија успеа за првпат да добие целосно позитивен извештај на Европската Комисија и препорака за почнување на преговорите. Повеќегодишниот процес кој го обедини македонското општество, доби своја позитивна и конкретна завршница на една значајна фаза. Покрај сето ова не добивањето на датум за отпочнување на преговорите за членство успеа да го сведе проблемот на тоа што вистина и е. На ирационалното противење на политичката елита на нашиот јужен сосед на влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО. Се надевавме дека со тоа што сме држава каде се вреднуваат реформите, се вреднува богатството на јазиците и правата на заедниците, нашиот пат ќе биде поедноставен и полесен. Се покажа дека политиката заснована врз сила може да опстои во вакви околности, дури и да ги злоупотребува правилата поставени со цел да ги заштитат оние кои ги исполнуваат условите да бидат дел од таа заедница.

Дами и господа, од форумот на демократијата на граѓаните на Република Македонија, од домот на македонската сувереност, сакам јасно да порачам.

Македонија е во 21виот век по почитувањето на правата на човекот и правата на заедниците! Македонија е во 21виот век бидејќи секој може да го оствари својот хуман, политички и економски потенцијал, без оглед кој е, од каде потекнува и како се изјаснува! Македонија е во 21виот век бидејќи сака отворен простор, нуди слобода и натпревар на културни и цивилизациски вредности! Македонија е во 21виот век бидејќи за неа идентитетот на другиот е еднакво свет како и сопствениот идентитет! Република Македонија со сите оние кои вака го живеат 21виот век ќе најде решение за отворените прашања! Со оние кои се надвор од цивилизациските и демократските придобивки на нашето време, нема каде да се сретнеме!
Премногу дебатираме за нашите црвени линии во разговорите со нашиот сосед околу разликите за името. Од оваа говорница ги повикувам сите политички актери, да не создаваат конфузија и недоумици кај нашите граѓани. Има ли некој во оваа држава кој не ги знае сопствените црвени линии во однос на прашањата за идентитетот, јазикот, културата, традицијата. Тие индивидуални црвени линии се и нашите државни црвени линии.
Местото на Република Македонија е во НАТО и ЕУ, со заеднички придонес на сите за остварување на стратешката цел. Голем дел што сме присутни тука сме се соочиле со прашањето на овој спор. Многумина од собраните тука ја носеле и одговорноста за неговото решавање. Знам дека и вам црвените линии ви се добро познати и многу јасни, како што им се јасни и на македонските граѓани. Тоа е неотстапување од македонскиот идентитет. Неменување на уставот. Решение кое нема да го повреди нашиот национален, културен и јазичен идентитет. Република Македонија својата конструктивност во овој апсурден и наметнат спор, одамна ја докажа со конкретни чекори на добра волја. Вон сите досега познати стандарди во уставната практика, го промени својот Устав, констатирајќи го општо познатото, дека Република Македонија нема територијални претензии кон никого. Република Македонија направи и чекор повеќе, го направи непоимливото, го смени своето знаме. Република Македонија е подготвена за решение кое ќе значи компромис, ние сме подготвени да разговараме само за нештата кои се предвидени во резолуциите на Обединетите нации.

Почитувани,

Како општество нас не ни е потребна политичка злоупотреба на спорот. Македонските граѓани ја дадоа својата доверба на политичари кои треба да работат на решенија на спорот за името. Македонскиот државен врв има јасен став, посветеност на процесот во Обединетите нации, и трагање по прифатливо решение. Крајната цел на македонските интеграции е апсолутно прифатена од страна на сите. Но, има разлики во тактиката, во начинот како да се дојде до неа.
Ние сме сведоци дека Грција, своите постапки во Унијата ги води исклучиво од своите внатрешни, ситни политички интереси. Таа има формално право да се однесува на тој начин, но нема право во целост да ги занемари заедничките европски интереси. Да го блокира проширувањето и остварувањето на големиот европски сон. Да блокира земја во која јавноста, буквално до последниот човек, многупати јасно го кажала својот став за припадноста во Европската Унија и во НАТО. Македонија ќе биде поинаква членка на НАТО и на Унијата. Македонија секогаш ќе води сметка за своите интереси, и за тоа нема да се правда. Но, ќе води сметка и за заедничките интереси на Европа.
Знам дека, поради трауматичното минато на Македонија, постои длабоко вкоренето сфаќање дека ние за ништо не решаваме, ние за ништо не се прашуваме. Дека Македонија е само примач на политички одлуки, дури и кога тие се однесуваат на неа.
Дами и господа, тоа е стариот начин на размислување. Тој начин на размислување не не носи поблиску до Европа. Не ни носи пријатели. Не може да ни донесе почит, ако самите не се почитуваме. Македонија треба да биде прашана за многу работи. Македонија самата ќе каже многу работи. И ќе биде слушната!
Дами и господа, сите преземени активности, сите воспоставени контакти и иницијативи укажуваат на нашата посветеност на Европската Унија. Сите граѓани на Република Македонија покажаа дека се евроентузијасти. Република Македонија не бара повеќе од ниту една друга држава, но нема да прифати ништо помалку.

Знаеме кој сме, знаеме што сме, знаеме каде одиме!
Да живее РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Да живее ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!
Ви благодарам.

  Back<<Назад