|
Почитувани. На почетокот, на вам присутните, на вашите семејства, сакам да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси, во новата 2010 година.
Оставивме многу тешка година, година со предизвици од глобален карактер и сложени импликации. Но пред нас е година на надежи и очекувања, година во која одново, одговорите на глобалните проблеми ќе мораме да ги бараме со зајакнување на мултилатерализмот и дијалогот, а одговорите на внатрешните предизвци да ги пронаоѓаме, со сплотеност и единство. 2009 година остави белези кои сите ние ќе сакаме што побрзо да ги заборавиме. Сакаме да ги заборавиме, но од нив мораме да извлечеме и поуки. Стравот и неизвесноста од размерите на глобалната финансиска и економска криза, се покажаа како оправдани. Последиците од оваа голема криза, ќе не оптеретуваат и во оваа година, но добро е што првите знаци на закрепнување веќе се евидентираат, и тоа глобално. Иако последиците од овој проблем се далекусежни, истите, никако не смеат да не дефокусираат во перцепцијата и да не пасивизираат во акцијата насочена кон идентификуваните приоритети. Ќе споменам само дел од нив: зачувувањето на планетата, природата и соочувањето со климатските промени, ширењето на демократијата и одржувањето на мирот и безбедноста, борбата со тероризмот и организираниот криминал, имплементацијата на Милениумските развојни цели, почитувањето на човековите слободи и права, на меѓународното право и принципи, заканите од новите форми на болести и вируси. Сите овие работи се меѓузависни, нераскинлво поврзани, не погодуваат сите нас, повеќе или помалку. Но, едноставо за нашата генерации, тие се императив.
Екселенции,
За мене, и за моите сограѓани, 2009 година ќе остане запаметена и по повеќе големи и важни успеси. Дозволете ми да се навратам кон светлите моменти во 2009 година, кои се вредни за паметење, за почитување, а дел од нив, ќе влезат и во нашата историја. Изминатата година Македонија ќе ја паметиме по спроведените избори, кои на дело ја покажаа зрелоста на македонската демократија, го демонстрираа нивото, капацитетите и способноста на институциите, на сите учесници во изборниот процес. Додека Европа ја славеше годишнината од уривањето на Берлинскиот ѕид, Македонија успеа да сруши еден друг ѕид, Шенгенскиот, кој предолго кај нашите граѓани го оневозможуваше реалното чувство на припадност кон големото европско семејство. Станува збор за мошне битен чекор поблиску до ЕУ, но и за важен настан во нашата понова историја. Посветеноста и целокупниот општествен ангажман насочен кон ЕУ агендата, доби своја валоризација со препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите со ЕУ. Република Македонија со исполнувањето на поставените задачи, многу јасно покажа дека чекори на вистинскиот пат, дека е на висината на обврските, дека има капацитети, волја и способности да ги споделува заедничките вредности и стандарди. Обединета Европа е најголемиот проект на стариот континент, би додал проект со цивилизациски размери. Тоа е проект кој продуцира мир, стабилност и просперитет, проект кој се темели на вредностите и придобивките на демократијата и слободата. ЕУ со Лисабонскиот договор постигна консензус за стратешките приоритети, за новата внатрешна поставеност, за нејзината уште посилна улога на меѓународната сцена, но уште позначајно за нас, создаде основа за дозаокружување на процесот на проширување. Во тој контекст, главната цел на мојата земја во 2009та, не е исполнета, работата не ни е завршена. Причините ви се добро познати. Реалноста е таква каква што е. Жално е што поради ирационална причина, поради наметнат спор, на генерации и генерации македонски граѓани им е отежнат патот до прогресот и благосостојбата. Но, наша обврска е таквата реалност да ја промениме. Македонија, и во 2010 ќе го продолжи започнатиот пат. Македонија знае каде оди и каде припаѓа, и нема да се откаже од својата цел. Македонија ќе направи се што е во нејзина моќ, да ја покаже пред светот својата големина и вредност, да покаже дека заслужува да биде респектирана. Македонија и нејзините граѓани се тие кои ги чувствуваат последиците од опстојувањето надвор од евро-атлантските структури, и нема ништо понормално од тоа, ние да бидеме најзаинтересирани за надминување на ваквата пречка. Но, на сите мора да им биде јасно дека нема да дозволиме да ни биде погазено достоинството. Идентитетските одредници, се прашања за кои едноставно не сакаме, или уште по прецизно, немаме право да разговараме. Се надевам дека и нашиот сосед е свесен дека за идентитетски прашања никој на овој свет не разговара. Идентитетот е чувство со кое се раѓа човекот, и таквото индивидуално чувство на граѓаните, едноставно е невозможно да се одземе на маса, со акт, со парче хартија. Се надевам и верувам, дека доколку нашиот сосед реално а не декларативно покаже подготвеност за решение, доколку покаже добра волја, разбирање и почитување на она што е елементарно, на она на што почива денешниот поредок, на правото на самоидентификација, самоопределување, доколку ги почитува Резолуциите на Светската органзиација и меѓународното право и принципи, до компромис може да се дојде. Ние сме подготвени.
Екселенции,
Вие сте непосредни сведоци на прогресот и успесите на Република Македонија. Вие сте сведоци на континуираните суштински реформи во сите општествени сфери. Република Македонија постојано го унапредува своето општество кое почива врз владеењето на правото, врз почитувањето на човековите права, врз уникатниот модел на мултиетнички соживот. Македонија во континуитет ја демонстрира својата компатибилност со НАТО стандардите и се однесува како де факто член на Алијансата. Ова на сите им е јасно, никој и на ниеден начин тоа не може да го оспори, за ова не треба да се трошат многу зборови. Македонија, свесна за своите меѓународни обврски и одговорност, ќе продожи да ја дава својата безрезервна подршка во мировните месии во Авганистан. Мојата земја е активен и силен поддржувач на регионалната соработка и останува цврсто посветена на добрососедските односи, на дијалогот како клучна алатка за надминување на сите отворени прашања во регионот. Македонија во 2010 година, уште еднаш ќе може да покаже што умее и да даде свој придонес на меѓународната сцена со превземањето на претседателството со Комитетот на министри на Советот на Европа. Ќе продолжиме да работиме на продлабочување на меѓудржавни односи и на соработката со вашите земји. Изминатата година бев посветен токму на градењето на политика на отвореност и добрососедство. Тоа со уште поголем ентузијазам, ќе го правам и оваа година. Во оваа прилика би сакал да ви се заблагодарам за севкупната поддршка што Вие и земјите кои ги претставувате, досега и ја дававте на Република Македонија. Очекувам и 2010 да биде година во која тесно ќе соработуваме. Со нашата посветеност и вашата поддршка, резултатите ќе дојдат.
Драги гости,
На самиот крај. Судбината на политичарите, на државните раководства, е да бидат оптимисти по дефиниција. Јас сум оптимист. Свесен сум дека реалноста понекогаш е сурова, може да не разочара, но истата, не смее да не обесхрабри. Прогресот и успесите нема да дојдат сами по себе. Нашата посветеност и нашите напори за реализација на стратешките цели, за подобрување на стандардот на нашите граѓани, за натамошно подобрување на вкупниот општествен амбиент, продолжуваат со зголемена динамика. Ви благодарам на вниманието.
|