Обраќање на Претседателот Иванов во Фондацијата Конрад Аденауер во Берлин
Вторник, 15 Септември 2009   

Почитувани. Добро е повторно да се дојде во Берлин. Особено е добро да се биде во Берлин како гостин на фондацијата Конрад Аденауер, чие име е силно препознатливо насекаде низ Балканот. Пo цел живот минат како професор, драго ми е што повторно, макар на кратко, сум во мојата стара улога, на предавач на политички теми. Ќе се обидам да уживам во оваа улога додека односите не се променат и не дојде времето да почнете да ми поставувате прашања.

Како професор, една од работите кои никогаш не сум можел да ги разберам е феноменот што се јавува кај навистина голем број на студенти, кога ќе дојдат до последната година на студии. Понекогаш се работи и за последните еден или два испити кои им се потребни за дипломирање. И тука едноставно ќе запрат. Не знам дали ова се случува и во Германија, но во моето искуство имав мнозина вакви млади луѓе и секогаш сум чувствувал особена тага поради нив. Не сум можел да разберам, зошто некој би се откажал, кога неговото животно дело е безмалку завршено. Добивав чувство дека се работи за врвна неодговорност кон својот живот, но и кон животите и плановите на сите кои зависат од вас, кои сметаат на вас.

Истото ова чувство го имам кога ќе ги погледнам состојбите со евро-атланските интеграции во регионот од каде што и јас доаѓам. Особено кога се во прашање интеграциите на мојата држава. Ни се случува да имаме се помалку и помалку интерес да ги доведеме нашите преземени обврски до крај, и тоа во време кога обврските ни стануваат се полесни, а условите за нивно завршување - се подобри. Не можам да разберам од каде потребата во ваков миг наоѓаме да зборуваме за замор од проширување. Од каде доаѓа потребата да затвораме очи пред исклучителниот успех кој досега беше постигнат? Место да го славиме постигнатото и да се надеваме на следните достигнувања, ние почнуваме многу повеќе да мислиме на можноста од неуспех. Почнуваме да се концентрираме на негативното, токму кога успехот ни е на дофат на раката. Како може да се чувствуваме заморни кога сме соочени со можноста да направиме нешто големо, заедно? Секогаш сум сметал дека многу поприродни чувства кога станува збор за конечното остварување на идеалот за обединета Европа се радоста, енергијата, возбудата. Овие чувства постојано сум можел да ги видам токму кај луѓето кои го носат овие три букви КАС. Во нивните програми, во дарежливите стипендии за македонските студенти, во можноста од прва рака да се запознаеме со вредностите и идеалите на Конрад Аденауер, кои всушност се вредностите и идеалите на модерна Европа. Тоа е особено важно за мене, имајќи предвид дека доаѓам од единствената земја во Европа во која демо-христијанската опција има апсолутно мнозинство во Парламентот. Тоа е дополнителен поттик и за нас, за натамошен развој и ширење на демохристијанските вредности и идеи меѓу нашите граѓани, по долгите и мачни децении на таканареченото едноумие.

Почитувани. Ваквиот честопати пасивен однос кон нашиот заеднички европски проект ме тера да се прашам дали навистина ни е неопходна криза за да бидеме поттикнати на акција? Зошто сме толку пасивни кога работите почнуваат да одат добро за нас? Балканот, во изминатиот период, произведуваше долга низа на добри вести. Мојата Македонија е земја во која веќе не се зборува за исполнување на стандардите за интеграција. Ние почнуваме веќе да зборуваме за тоа дека Македонија ги поставува стандардите за своите соседи. Сите балкански земји, во поголема или во помала мерка, бележат напредок во својата политичка стабилност и отвореност, во економскиот развој и во почитувањето на културните разновидности. Сепак, во исто време додека ова се случува на теренот, процесот на евро-атланска интеграција како да станува се потежок и побавен, место да биде полесен и побрз.

Дами и Господа. Особено е важно за нас, граѓаните на Република Македонија, интеграцијата на нашата земја во евро-атланските институции да се врши по принципот на заслуги. Ние сме свесни дека интеграцијата подразбира значително менување на начинот на кој се делува во Македонија. Тоа ширење на европските вредности и стандарди се случува секојдневно и е за поздравување. Но, за овој процес да се забрза и засили, Македонија мора да ги почне преговорите за влез во Европската Унија. Тоа е следниот логичен и би рекол природен чекор. Многу е важно интеграцијата да се води постојано, со редовно напредување, низ мерливи и применливи проекти. Ова е начин на интеграција, на асоцијација, низ интеракција. За да го одржиме фокусот и заинтересираноста, на нас ни е потребна крива на напредок по која ќе се искачуваме, а не нашиот прогрес да се мери со рамна линија во која се едни и исти нешта се повторуваат одново и одново.

Од моето досегашно искуство, сметам дека запирање на процесот на интеграција е невозможно. Во време на се поотворени граници, на постојана интеракција меѓу македонските и другите европски компании, меѓу нашите граѓани, меѓу културните, верските и образовните институции, попусто е и да помислуваме да кренеме нов ѕид меѓу земјите од Европската Унија и земјите кои се кандидатки за членство. Вие знаете, еднакво добро како нас, дека затворање на границата, изолација, не е ефикасен начин на интеракција. Предрасудите се раѓаат од недостиг на комуникација. Кога овие предрасуди ќе се вкоренат, честопати е потребно да помине цела една генерација пред тие да се отстранат.

Нашите граѓани бараат да продолжи интеграцијата. Компаниите бараат нови пазари и можности за докажување. Администрацијата не смее да заостанува зад приватниот сектор и зад поединечните граѓани, кои го диктираат темпото на интеракција. Честопати го забораваме ова, дека нашите обиди да ставиме бирократски сопирачки на еден стихиен процес не може да донесе ништо добро. Секако дека интеграцијата мора да биде регулирана на некој начин, но тие правила мора да бидат во насока на хармонично и сигурно интегрирање, а не да служат за постојано изнаоѓање на причини и оправдувања зошто процесот треба да се забави.

Можам да ви посведочам дека привлечната моќ на евроатланската идеја за македонските граѓани не се намали и покрај нејзиното често пренесување преку сувопарниот јазик на работните групи, проект менаџерството и исполнувањето на бенчмаркови. Анкетите покажуваат безмалку едногласна поддршка кај македонските граѓани за членство во Европската Унија и во Северноатланската Алијанса. Постојано сме потсетени на таа поддршка низ контактите со нашите граѓани кои сакаат да живеат без граници, да патуваат и да разменуваат идеи и искуства. Не потсетуваат нашите стопанственици, кои се нетрпеливи да покажат колку вредат на големиот пазар кој постои веднаш тука, до нас. Не потсетуваат нашите уметници, чии визии и така не признаваат граници.

Почитувани. Има некоја горчлива иронија да зборувам на оваа тема тука, на ова место, на самата граница каде што овој град беше поделен. Силата на идејата не е никаде посилна отколку на границата каде што таа престанува, од каде што е веќе забранета. Ние веќе 20 години живееме на самата граница на Европа која се менува и трансформира. Затоа проштевајте на нашата нестрпливост. Исто како што и жителите на Источен Берлин биле нетрпеливи додека гледале кон Ѕидот. Токму тоа што европската идеја се уште не е во целост имплементирана во мојата земја, значи дека граѓаните на Македонија се меѓу најголемите европски поборници. Ние најдобро знаеме што ни недостасува и можеме да го цениме тоа. Знаеме да ја цениме слободата, која долго време ни била ускратена. Ја цениме демократијата, која ја познаваме одвај две децении и која се уште ја утврдуваме. Знаеме да го цениме слободниот пазар, особено по половина век државна контрола врз целокупниот имот и гушење на приватната иницијатива. Знаеме да ја цениме слободата на мислата, сеќавајќи се како нашите татковци внимавале да не настрадаат поради погрешно искажан збор.

Знам дека можеме да сметаме на Вашето разбирање по ова прашање. Две нации кои ја запознале тиранијата, а притоа живееле на самиот раб на слободата, секако дека ќе имаат особено меѓусебно разбирање. Ние сме биле сведоци на настани кои ја поколебале вербата во сознанието дека човекот се раѓа со добрина. Тоа им дава длабочина и зрелост на нашите луѓе. Ни дава цврстина да опстоиме во нашата решеност никогаш повторно да не ни се случи злото. Оттаму, знам дека можам да сметам на Вашата силна поддршка за пристапувањето на Република Македонија кон големата европска идеја. Македонија премногу долго време стои во подножјето на нашиот Ѕид, не можејќи да го урне самата. Живееме под влијание на привлечната моќ на идеалите, на просперитетот и на слободата кои имаме можност да ги видиме преку границата. Ние можеме најдобро да посведочиме дека моќта на Европа не треба да ја бараме во нејзините тенкови, или во боцкавата жица. Вистинската европска сила е во евро-атланските идеали и вредности. Европа изградена во силата на идеалите не треба да се плаши од интеракција, од вклучување. Таа може силно да повлијае врз земји далеку до нејзиниот физички контакт. Европа може да ги допре луѓето, да ги мотивира, да ги инспирира. Интеракцијата на Европа со Балканот може да ги трансформира и Европа и Балканот, и тоа на позитивен начин. Таа може да донесе нова вредност, не само на економски план, туку и на духовен, човечки план. Јас велам, да растеме и да созреваме заедно.

Драги пријатели. Еден многу важен чекор за мојата земја е на повидок. Либерализацијата на визниот режим е најавена на крајот на еден долг реформски процес. Неговата цел беше да обезбеди дека Македонија ќе придонесе кон безбедните граници, ефикасните процедури и динамичниот проток на луѓе во рамките на Европа. Овој процес е совршен пример како една земја може да биде мотивирана да даде се од себе, во услови кога процедурите за интеграција се јасни, мерливи и со разумни рокови. Уште повеќе, брзото темпо на прифаќање и остварување на реформите кои беа неопходни за овој процес во Македонија, послужи како инспирација за другите земји од регионот. Балканските земји имаа огромна полза од размената на ова искуство со Македонија. Тука ја видовме привлечната сила на Европа во нејзино најдобро светло. Таа предизвика промена, предизвика напредување, и на крајот на овој процес сите ќе можеме да кажеме дека ние е подобро отколку порано.

Наспроти овој пример, запоставувањето на перспективата за интеграција, напуштањето на принципот на отвореност, особено во случаи кога сите објективни критериуми се исполнети, не ги охрабрува државите да продолжат со реформите, кои честопати знаат да бидат многу болни. Се што ја оддалечува евро-атланската перспектива подалеку од земјите кои се свртени кон Запад, влијае на намалување на енергијата која Европа може да ја генерира и предизвика во другите. На овој начин попусто се троши скапоцениот ресурс со чија помош Европа шири стабилност и добра волја во својата околина. Поранешниот Сојузен Претседателот Роман Херцог во Охрид изјави дека Македонија има право да биде примена во Европската Унија наскоро. Рече – не е ваша вина што сте сместени стотина километри источно од другите европски држави. И токму тоа е суштината. Во моќта на Европа да се проектира себеси и да се најде себеси стотици и стотици километри далеку од нејзиното јадро.



Почитувани. Македонија ја почувствува целата тежина на нерешителноста на европските држави, и честопати видената колебливост и несигурност. Минатата година во Букурешт видовме едно лице на Европа кое не служи на чест на нејзиното име. Видовме како ситните кавги доминираа со дебата која требаше да се насочи кон големата идеја за обединета и цела Европа, Европа безбедна и сигурна. Игнорантската тишина која ја почувствува Македонија, која ја почувствуваа и Украина, и Грузија и повеќе други земји, беше примена многу тешко кај нас. Овој молк, овој недостиг на поддршка, е далеку поопасен за евро-атланската идеја во Македонија од гласните обиди на една единствена соседна држава да и изнајде маани и недостатоци на мојата земја. Од Грција сме навикнати да очекуваме негативност и таа не изненади. Но, од Европа очекувавме поддршка, и нејзиното отсуство се забележа. Дури и меѓу чуварите на огнот запален од Канцеларот Аденауер можеа да се слушнат гласови на колебливост. Ќе дозволите да спомнам една реченица која ја прочитав пред неколку месеци во манифестот на Демохристијанската партија на Германија. Во неа се вели дека - ЦДУ се залага за фаза на консолидирање во проширувањето на Европската Унија. Исклучок е можно да се  направи во случајот на Хрватска.

Можете ли да замислите колку е тешко да се слушне ваква изјава од партијата на големиот Конрад Аденауер? Би ве повикал Вас, тука во Берлин. Не заборавајте на нас Македонците. Не заборавајте на Хрватите, на Црногорците, на никого од Балканците. Славете го делото на големиот Канцелар така што ќе овозможите сите ние да го живееме. Честопати се вели дека Обединета Европа е мировен проект. Проект да се запрат идните војни. Но, во исто време, не смееме да си дозволиме да работиме на овој проект само во време на војна, на криза, само кога огновите на војната горат на границите на Европа. Не верувам дека му остануваме достојни на наследството на Конрад Аденауер така што забораваме на обврската да работиме кон Обединета Европа штом кризата ќе заврши и штом бурата ќе се смири. Напротив, токму тогаш кога е мирно, кога има просперитет, тогаш е време да се работи на пријателствата, на проектите кои ќе ја спречат следната криза. Тогаш е време да се проширува кругот на стабилност и безбедност околу Европа. Тоа ќе дава нова надеж во се пошироки и пошироки пространства. Ваквата евро-атланска политика утре ќе може да биде препознаена од нашите деца како визионерска.

Македонија срдечно и искрено ја поздравува визијата на евроатланската заедница да ги прими Албанија и Хрватска во Северно-атланската алијанса. Таа одлука дава огромен придонес кон натамошното стабилизирање на Балканот и негово претворање во сидро на стабилност на југоисточниот раб на Европа. Дозволете ми тука да го забележам тоа што им е јасно на сите кои ја погледнале мапата на Балканот. Тоа е едноставниот факт дека приемот на Македонија во НАТО и на Европската Унија останува отворено прашање. Безбедноста, стабилноста, просперитетот, сакаат затворени прашања.

Пријатели. Работата на Фондацијата Конрад Аденауер е безмалку мисионерска - да се помогне во ширењето на идеите на демохристијанската традиција низ светот, во земјите каде што таа е крајно потребна. Каде што доаѓа како дожд по голема суша. Вашите извонредни претставници во Македонија работеа неуморно да го пренесат вистинското значење на демократијата и конзервативните вредности. Тие не се уплашија од условите на идеен хаос кој настана по колапсот на Комунизмот на Балканот. Македонските политичари своите први лекции честопати ги учеа токму на германскиот политички модел, донесен кај нас токму од вашите претставници. Да не дозволиме оваа огромна работа, овој огромен труд, да остане незаокружен.

Почитувани. Македонија ги исполни сите услови за да стане членка на НАТО. Нашите војници веќе се рамноправни во споделувањето на ризиците и опасностите со соборците од Германија, и од сите други сојузнички држави. Служиме заедно во Босна, кадешто силината на евро-атланската идеја запре едно пеколно сценарио. Заедно сме во Либан, патролирајќи ги рабовите на Европа. Рамо до рамо сме во Авганистан, како брана пред непријател кој покажа целосно непочитување на вредностите на човештвото.

Иако без престан ангажирана во ваквите заеднички предизвици, Македонија останува подготвена да го слушне секој рационален аргуемнт против нејзиното барање да биде членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Подготвени сме да сториме и нешто повеќе отколку само да слушаме. Ние многупати сме покажале дека можеме да направиме и тешки одлуки, и да понесеме големи жртви, кога тие се неопходни за доброто и идниот напредок на нашата земја. Но, не сме подготвени да слушаме непрекинати напади насочени кон нашата гордост и идентитет. Ние искрено сакаме да бидеме членка на НАТО и на Европската Унија, но не по цена на нашето достоинство.

Мојата земја нема амбиции да биде голем играч во Европа. Ние сме задоволни да бидеме, како минатиот четврток рече Претседателот Роман Херцог - Македонија е Мустершулер на Балканот. Ја имав честа да го одликувам Претседателот Херцог со нашето највисоко одликување во четвртокот за неговата работа. Тој помогна во позитивното оценување на македонскиот Устав, како еден од најдемократските на Балканот. Секако, придонесот на Германија кон македонскиот политички модел не престанува тука. Една од нашите препознатливи реформи е децентрализацијата, заснована врз моделот на јужна Германија. Тоа придонесе да се создаде една исклучително активна група на градоначалници, мнозина од кои се обучени токму во Баварија, со помош токму од оваа фондација. Важните демохристијански водачи од Германија, како Јерг Шонбон, и помогнаа на македонската полиција да ги постигне високите стандарди неопходни за либерализирање на визниот режим со Европската Унија. Не случајно, минатата година Јерг Шонбон беше првиот западноевропски политичар кој ја помина нашата граница и влезе во Македонија без да има потреба да го покаже својот пасош. Нашите нови биометиски пасоши се направени по германски модел и Македонија веќе предничи на Балканот по распространетоста на овие модерни и безбедни патни документи. Да продолжам да ги набројувам сите придонеси кои Германија ги даде за модернизирањето на Македонија, би одземало премногу време.

Можеме да бидеме благодарни што во ова време Европа ги нема некогашните ѕидови. Но, ние се уште имаме мноштво на процедури, пречки, регулативи, кои некогаш како да се намерно поставени за да ја спречат слободната интеракција меѓу луѓето, трговската размена, размената на идеи. Големата идеја на Европа, идејата за укинување на границите, е и во разбивањето на овие пречки. Мора да ги отстраниме сите вештачки препреки за трговијата, за економската соработка. Да им дозволиме на сите да се натпреваруваат исклучиво врз основа на нивната способност, а не благодарение на некакви непазарни предности. Вака дефинираниот економски систем е заслужен за мирот и напредокот во Европа. Тој овозможи Европа да стане светилник на надежта за светот. Германија, во самото срце на нашиот континент, е динамото на европското економско чудо и инспирација за сите нас. Тоа е земјата од која и денес учиме како да се справиме со светската економска криза, како што поскоро да ги санираме нејзините последици и да се вратиме на патеките на економскиот раст. Германија, секако, е далеку најголемиот трговски партнер на Република Македонија. Тоа е економска размена која за нас значи длабоко и сериозно признание.

Во оваа насока, Македонија работи неуморно да отстрани што е можно повеќе пречки поставени во економијата. Ние работиме за наше натамошно отворање кон светот. Во изминатите години видовме исклучително силен реформски напор чија крајна цел е да се ослободи креативниот дух на нашиот народ. Инвестиравме во нашиот најскапоцен ресурс – во нашите луѓе. Отворивме нови модерни универзитети. Видовме галопирачки раст на примената на компјутерската технологија и ги опремивме нашите училишта со најмодерна опрема, за нашите деца да можат да придонесуваат кон новата економија. Ова го правиме со само една цел – да ја развиеме нашата земја, од неа да направиме добар дом за нашите луѓе, кои веќе нема да мораат својата среќа да ја бараат надвор, во други држави. Ние направивме огромни напори да се отвориме за инвестициите и взаемно полезната размена со компании од Европа. Во најновиот извештај на Светската Банка, се одбележа дека Македонија се движи со големи чекори кон создавањето на поволна деловна атмосфера. Притоа, пред нас го имавме светлиот пример на германскиот економски развој, вашиот модел на слободна и фер економија. Овој модел, освен во теоријата, честопати ни беше претставуван во пракса од многубројните Македонци, кои живеат како примерни граѓани на Германија. Тие беа првите кои дојдоа назад дома, по падот на Комунизмот. Кои инвестираа во нивните родни градови и села, носејќи со себе финансиски ресурси стекнати со труд во Германија, но уште поважно, носејќи ја работната етика и почитувањето за владеењето на правото, благодарение на кои Германија е пример за целиот свет.

Иднината за Македонија е ширум отворена, и ние сме подготвени да и излеземе в пресрет. Тука ни е потребна поддршка, да ги надминеме последните неколку пречки кои стојат пред Македонија и нејзините граѓани, за нашите компании и потенцијали да се претстават пред светот во целост. За македонското вино, земјоделските производи, нашиот текстил и суровините, да го најдат својот пат кон Европа полесно и послободно. Интеграцијата на Македонија можеби ќе додаде еден мал пазар кон европската економска заедница. Но, таа ќе помогне да се донесат просперитет и стабилност во регион чии насилни конвулзии честопати знаеа да се пренесат до срцето на самата Европа. Интегрирана Македонија ќе донесе стратегиска кохезивност во Европа. Таа ќе биде уште еден чекор исполнувањето на големиот проект почнат од хер Аденауер, чиј дух расте со секој нов чекор направен од европската заедница на народи.

Почитувани. Овие денови се присетив на еден мал момент од животот на Канцеларот. Познато е дека како посветен Католик, водечките вредности на Конрад Аденауер биле љубовта за мирот, залагањето за слободна размена на идеи и градењето на меѓусебно разбирање. Но, особено впечаток ми оставило неговото лично достоинство. Тоа се гледа и од овој настан, кога на неговата средба со Високите сојузнички комесари на земјите-победнички од Втората светска војна, во 1949 година во Петерсбург, му било кажано дека не смее да застане на црвениот килим. Пораката била дека како Германец тој нема право на еднакви почести како комесарите на другите држави. Аденауер намерно го прекршил протоколот и гордо застанал на црвениот килим. Со тоа покажал дека понижувањето на поинаквите не е начин да се гради трајно пријателство. Дека неговата земја ќе мора повторно да ги презема своите одговорности и дека на тој начин ќе ја докаже својата вредност. Пријатели, јас доаѓам тука пред вас како водач на држава на која честопати и било кажувано дека не е достојна за високиот меѓународен протокол. Доаѓам да кажам дека Македонија е подготвена да застане на црвениот килим. Нема да дозволиме да стоиме настрана. Ќе ги преземеме нашите обврски и ќе го зачуваме нашето достоинство. Ви благодарам.

  Back<<Назад