Самит на шефови на држави и влади при Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Белград
Петок, 15 Јуни 2012   

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа, драги пријатели,

Особено задоволство е да се биде денес тука, во Белград, на 15-годишнината од самитите на единствената автохтона и автентична балканска иницијатива. Ја користам оваа свечена пригода да му се заблагодарам на нашиот домаќин, претседателот Николиќ, за организирањето на овој значаен форум и да му го честитам неодамнешното преземање на одговорната функција. Воедно, и честитам на Република Србија за досегашното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое беше богато со активности и со важни теми за нашиот регион.

Сега, повеќе од кога било, е потребно сите заедно да направиме дополнителни напори за регионалната соработка. Само така ќе ги надминеме предрасудите во регионот и ќе ги интегрираме нашите земји во Европската унија. Предрасуди кои го оптоваруваа минатото, кои ја ограничуваат способноста да се живее сегашноста и сеуште можат да бидат закана за иднината.

Почитувани присутни,
Зад нас се 15 години исполнети со политички декларации и изјави. 15 години на градење заемна доверба и чувство за заедништво. Секако дека тоа му помогна на нашиот регион да се стабилизира, да го врати изгубениот баланс. Баланс меѓу минатото, сегашноста и иднината. Нашите земји премногу долго живееја во минатото. Дозволивме минатото да ни ја украде сегашноста, и да ни ја одложи иднината. Процесот за соработка во Југоисточна Европа ни помогна да го вратиме нашиот фокус на приоритетите што се пред нас. На европските и евроатлантските интеграции.

Во заедничката изјава од 1997 година, меѓу другото се вели: „Ќе работиме заедно за да се создадат во нашиот регион услови за просперитет на нашите држави, во рамките на мирот, безбедноста, добрососедството и стабилноста...“ и дека „се стремиме да го трансформираме нашиот регион во област за соработка и економски напредок...“ Време е да станеме архитекти на иднината на нашиот регион.

Но, за тоа се потребни помалку декларации, а повеќе работа. Дојдено е времето за акција. Повеќе конкретни дела, а помалку зборови се потребни за да ја постигнеме нашата заедничка иднина. Зарем не се вели дека верата без дела е напразна? Додека други региони во светот веќе ја живеат иднината, натпреварувајќи се и напредувајќи на полето на науката, технологиите, креативноста и иновативноста, ние речиси стоиме во место во однос на многу прашања. Треба да сме свесни дека времето не чека, туку брзо чекори напред.

Ценети присутни,
Суштинските прашања и предизвици на денешницата не познаваат и не признаваат државни граници кои изолираат. Не познаваат и не признаваат поделеност врз етничка, верска или политичка основа. Клучните предизвици со кои се соочуваат нашите држави и општества се еднакви за сите нас. Дијалогот меѓу културите, религиите и цивилизациите, борбата против организираниот криминал, тероризмот и пролиферацијата, односот на човекот кон природата, постигнувањето на економски и општествен одржлив развој, енергетска безбедност, развивање на зелена економија, водите, адаптацијата кон климатските промени, се само дел од дилемите со кои се соочуваат речиси сите земји од светот.

Оттука, се наметнува прашањето: Дали како регион пасивно ќе чекаме да ни се нудат решенија или, пак, заедно ќе се обидеме да најдеме автентични, автохтони одговори на глобалните предизвици што ја засегаат и Југоисточна Европа? Јас верувам дека можеме.

Драги пријатели,
Преземајќи го претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Република Македонија останува посветена на промоцијата на принципите на добрососедство и помирување во регионот, преку европските и евроатлантските интеграции. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина.

Следната година во јуни ќе ја имам честа да бидам домаќин на Самитот. Самит на кој ќе се фокусираме на две актуелни и тесно поврзани прашања од глобално значење: намалувањето на ризиците од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени, како комплементарни концепти кои се дел од истата равенка, чиешто решение мора заедно да го бараме. Климатските промени и ризикот од катастрофи се реалност на денешницата, но и реална закана за иднината. Закана која може да се отстрани само со исполнување на преземените обврски и бројните заложби на сите нас. Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди.



Во организирањето на Самитот ќе бидеме практични. Ја користам оваа прилика да ве информирам дека во исто време ќе бидам домаќин и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање млади за иднината и иднина за младите. Млади кои ќе бидат изградени во духот на дијалогот, толеранцијата и почитувањето на различноста. Само така ќе создадеме нова генерација на регионални лидери подготвени за предизвиците и можностите во 21 век. Со големо задоволство ве канам на овие два самита идната година во Македонија.

Ви благодарам.


  Back<<Назад