|
Почитувани учесници, почитувани гости, Ми претставува особена чест и големо задоволство што имам можност да присуствувам на отворањето на 45-тата летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Благодарение на овој настан повеќе од четири децении македонскиот јазик, литература и култура доживуваат своја афирмација и популаризација меѓу бројните учесници кои ни доаѓаат од различни страни на светот. Преку оваа манифестација секоја година имаме десетици и десетици нови почитувачи и вљубеници во Република Македонија и нејзината култура, литература и јазик. Практично, со секој учесник, Република Македонија добива нов пријател и поддржувач кој ќе ги промовира македонскиот јазик, литература и култура.
Почитувани, Не треба многу да се зборува што за една држава, за една нација, значи афирмацијата на јазикот и културата. Тие се столбовите на идентитетот на еден народ, на едно општество. Тие се средството со кое луѓето се самоидентификуваат, со кое комуницираат со сите други, со кои се потврдува нивното постоење и опстојување. Ирационални се обидите во 21 век да се негира, оспорува и напаѓа идентитетот, јазикот, културата. За жал токму ние, македонскиот јазик, идентитет и култура, сме исправени пред такви предизвици и такви обиди. Но, тоа се апсолутно неодржливи и апсурдни обиди. За сопствениот јазик, за сопствениот идентитет, денес никој на овој свет ниту разговара со кој било, ниту бара или очекува потврда и признавање. Му се допаѓало тоа некому или не, тие се реалност, постојат, се негуваат, се афирмираат. Тие можат само да се констатираат и да се почитуваат. Каков било обид за негација, оспорување, не може да ја промени реалноста. Драги гости, Крај прекрасното Охридско Езеро, на местото што претставува македонско и европско светилиште, осумдесетина учесници од 20 земји и годинава ќе беседат на македонски.
Често, кога сум крај Охридското Езеро не можам, а да не истакнам дека мислата која се раѓа на овие простори е мисла ослободена од стеги и граници. Мисла не обременета со материјализам и егоизам, туку мисла исполнета со духовност и хуманизам. Таа мисла, таа енергија е вткаена и во нашиот јазик. Јазик на кој зборуваат милиони Македонци во Македонија и надвор од Македонија. Јазик на кој зборуваат и гласно размислуваат илјадници наши пријатели ширум светот.
Блаже Конески велеше дека јазикот е наша духовна татковина. Татковина отворена за секој добронамерник, за секој гостин, за другиот. Обврската да го зачуваме и негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите предци и нашите потомци, не е обврска само кон сите сегашни Македонци. Тоа е обврска и долг кон сите учесници на оваа летна школа и кон сите оние кои го љубат, почитуваат и негуваат македонскиот јазик. Впрочем, тоа е обврска и долг кон културното наследство на човековата цивилизација, кон суштината на човековото суштествување.
Почитувани гости, Токму вие, со вашиот интерес за изучување на македонскиот јазик, со вашата мотивација и желба за негово изучување сте искрени амбасадори на Република Македонија низ светот. Најискрено ви благодарам за сиот ваш труд и за посветеноста. Дозволете, на крајот, да ви посакам успешна работа во летната школа и, секако, пријатен престој во Република Македонија.
Благодарам.
|