|
Почитувани членови на Лајонс-клубовите, Ценети присутни, Дами и господа,
Со големо задоволство ја прифатив поканата да ве поздравам денес, тука, во нашата духовна престолнина Охрид, градот кој со векови бил под заштита на Самуиловата тврдина. Задоволството е дотолку поголемо, бидејќи овој, 9-ти по ред, конгрес на Лајонс-клубови од градови со тврдини се случува на 15-годишниот јубилеј од постоењето на Лајонс-клубовите во Македонија. 15 години исполнети со посветеност кон остварување на визијата на Мелвин Џонс – иднина во која успешните поединци, бизнисмени и професионалци ги вложуваат своите таленти и способности за доброто на општеството.
Дами и господа,
Во основа постојат три вида луѓе: оние кои не можат или не сакаат да го видат проблемот или предизвикот; оние кои го гледаат проблемот, но бидејќи лично не го предизвикале, им оставаат на другите да го решаваат; на крајот, постојат луѓе кои се свесни за проблемот што не го предизвикале, но сепак се подготвени да преземат одговорност за решавање на истиот.
Верувам дека вие, членовите на Лајонс-клубовите припаѓате во третата група луѓе. Доволно е да се сетиме на бројните хуманитарни акции што Лајонс-клубовите ги спроведувале и спроведуваат ширум светот во изминатите 95 години. Познати сте како витези на слепите и борци против темнината. Им помагате на болните и изнемоштените, на младите и старите, на животната средина и на жртвите на елементарните непогоди.
Впрочем, бројките зборуваат најдобро. Од 1990 година, Меѓународниот Лајонс-клуб обезбеди над 415 милиони долари за програмата за зачувување на видот. До денес, 30 милиони луѓе во светот можат да гледаат благодарение на вашите програми. Над 12 милиони млади се дел од образовната програма за борба против дрогата и насилството. Вие сте глобален лидер на хуманоста и на служењето во заедницата. Затоа, вашето мото „Служиме“ најдобро ја одразува вашата мисија.
Почитувани присутни,
Нема позначаен, повисок и похуман повик од тоа да им се служи на оние кои имаат потреба, кои се во неволја, да му се служи на општеството. Професионално, посветено и несебично, од срце. А лавовското срце е токму такво – исполнето со храброст, сила, подготвеност за акција и верност. Верност кон пријателите, кон принципите и кон должноста.
Служејќи, вие градите мост на поврзување меѓу народите и општествата. Вие давате пример за тоа како одговорни поединци градат одговорно општество, дека споделениот успех раѓа нов успех. Хуманоста раѓа нова хуманост.
Драги пријатели,
Република Македонија на светот отсекогаш му подарувала чеда кои со својата хумана мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите. Македонија е горда што од нејзините бедра се роди блажената Мајка Тереза. Затоа, никого не треба да го чуди хуманоста на Лајонс-клубовите од Македонија.
На самиот крај, сеќавајќи се на мислата на Мелвин Џонс дека „не можете да стигнете далеку, сè додека не почнете да им помагате на другите“, ви посакувам успешна конференција и пријатен престој во македонскиот и балканскиот бисер – Охрид.
Ви благодарам.
|