|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Мостар се обрати на пленарната сесија на УНЕСКО Самитот на шефови на држави од ЈИЕ, на тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, во рамки на форумот „Дијалог меѓу цививлизациите“:
Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,
Дозволете да го изразам моето големо задоволство што денес имам можност да го поздравам и да се обратам пред овој еминентен собир. Со самото тоа што, ова е 10-ти по ред самит, е доказ за волјата и подготвеноста на земјите од регионот за соработка. Тоа е потврда за важноста на регионалната соработка. Важноста на годинешниот форум е зајакната со тоа што се одржува во Мостар. Во градот кој денес повторно ја зазема својата вековна улога на град-мост меѓу народите, културите и религиите.
Почитувани присутни, Република Македонија е горда што е иницијатор на овој вид самити. Во 2003 година претседателот Борис Трајковски ја започна оваа серија состаноци посветени на културата кон која, на наше големо задоволство, ни се приклучија УНЕСКО и Советот на Европа. Во оваа прилика би сакал да се навратам на зборовите на претседателот Трајковски: „Има време кога се добива и време кога се губи; време кога се чува и време кога се растура; време кога се сака и време кога се мрази. Но сега, драги пријатели, е време за исцелување и време за градење мир“.
Тој трагично загина пред 8 години, недалеку од Мостар, оставајќи ни завет да продолжиме да го градиме мирот на Балканот. Завет кој е врежан во Охридската декларација од 2003 година, каде меѓу другото стои: „Ние, учесниците на Охридскиот регионален форум на дијалогот меѓу цивилизациите, се обврзуваме на култура на дијалог, толеранција и мир со цел – унапредување на просперитетот, добробитта и заемната соработка меѓу народите и државите во регионот на Југоисточна Европа“.
Ценети екселенции, Оваа серија состаноци ни помогнаа да придонесеме во градењето мир на Балканот. Ни помогнаа да ја зајакнеме соработката, стабилизацијата на односите меѓу нашите земји, како во културна, така и во политичка и економска смисла. Како преку регионалната, така и преку личната димензија. Благодарение на овој вид состаноци, односите меѓу земјите во нашиот регион станаа порелаксирани. Но форумот, воедно, ни помогна нам, балканските лидери, да воспоставиме и одржуваме лични односи и контакти.
Сите ние на оваа маса знаеме колку се важни контактите во нашиот регион. Овој вид состаноци ни овозможија преку неутрални теми да го истакнеме големото културно-историско наследство со кое изобилува целиот регион. Овие состаноци беа предвесникот на поинтензивната билатерална, но уште поважно, регионална соработка. Создадовме услови за подобро разбирање, за надминување на историските предрасуди, благодарение на една исклучително значајна димензија, како што е историското и културното наследство.
Честопати на средбите со европските и светските лидери со една метафора ја опишувам реалноста која толку многу ни недостасуваше на Балканот. Премногу долго, ние на Балканот, бевме насочени кон минатото и гледавме наназад, во ретровизорот. А не случајно ретровизорот кај возилата е мал, додека предното стакло е големо.
Дами и господа, Последната деценија на 20 век за нашиот регион беше период на турбуленции. Балканот беше препознатлив по трагедиите на жртвите и стотиците илјади раселени лица.
Првата деценија на 21 век беше период на исцелување на раните и градење мир. Благодарение на бројните иницијативи, меѓу кои се вбројува и денешниот форум, сликата за Балканот е променета. Минатото го заменуваме со желбата и потребата за заедничка иднина во големото европско и евроатлантско семејство. Но, сметам дека можеме многу повеќе.
Верувам дека втората деценија на 21 век, на дијалогот меѓу цивилизациите, треба да биде деценија на конкретни активности. Прегледот на декларациите и документите на досегашните форуми покажува дека е создаден капитал. Капитал кој треба да се инвестира и мултиплицира со конкретизирање на соработката на земјите во сфери од заеднички интерес.
Денес Босна и Херцеговина е домаќин на 10-от по ред форум. Република Македонија, пак, ќе биде домаќин во јуни 2013 година, на 10-годишниот јубилеј од овој вид состаноци. Верувам дека ова ни дава единствена можност да видиме што сме направиле и што треба да направиме за доброто на граѓаните. Нашите граѓани очекуваат и заслужуваат нешто повеќе од политички декларации. Време е да започне новата фаза на конкретни проекти и активности. Јас немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање на млади за иднината и иднина за младите. Во тој дух е и Школата за млади лидери, што веќе трета година по ред се одржува во Охрид. Нешто слично би требало да направиме и на регионален план. Да ги подготвиме оние кои ќе не наследат за да можат со своите достигнувања да не надминат.
Почитувани присутни, Навраќајќи се на темата на годинешниот самит, религиското и културно-историското наследство како темел за поинтензивна соработка меѓу државите, дозволете да споделам со вас некои мои согледувања. Потребата за дијалог, потребата за отвореност, за комуникација во светот никогаш не била поголема отколку денес. Денес, кога се чувствува сè поголема нетолеранција, религиозен фундаментализам и исклучивост. Во време кога многу општества се соочуваат и се борат со длабока криза на некои морални вредности. Верувам дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот, за зближување и разбирање меѓу луѓето, без разлика на религијата кон која припаѓаат.
Не смееме да заборавиме дека дијалогот ги менува срцата и размислувањата на поединците. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, оптоварувајќи се со измислени непријателства.
Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир, тогаш кога бил на отворен простор. За тоа најдобро зборува и историјата на овој прекрасен град Мостар. Секогаш, кога Мостар е дел од отворениот простор, тој ја врши својата основна улога на град-мост, град кој ги поврзува и ги обединува различните народи, вери и култури. Секогаш, кога Мостар е дел од затворен, поделен и изолиран простор, се дели неговата мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална душа. Така е со Мостар, така е и со нашите општества.
Ценети екселенции, Иднината на Балканот зависи од Европа, но и европската иднина делумно зависи од Балканот. Мојата визија и мото отсекогаш биле: „Европскиот мир е неостварлив без балканскиот мир“. Воедно, сметам дека обединувањето на европскиот континент, и напорите за остварување на визијата за „Европа обединета во различностите“ може да се оствари преку примена на моделите на мултиетнички соживот кои постојат на Балканот, особено македонскиот модел. Модел на мултиетничка демократија која подразбира интеграција без асимилација. Верувам дека ваквите позитивни балкански искуства можат да помогнат во обликувањето на европската иднина.

Република Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот го знаеме како капиџик, во вистинска смисла на зборот. Познато е од дамнина, дека дури и кога капијата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Како врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена.
И покрај турбулентните 90-ти години на минатиот век, земјите од Југоисточна Европа денес можат да понудат автентичен модел на мултиетнички, мултирелигиозен и мултијазичен соживот. Соживот кој ја одразува разновидноста на регионот и богатото историско искуство кое се акумулирало низ вековите. Соживот кој дава одговор на дел од предизвиците со кои денес се соочуваат земјите од Европската унија.
Во основата на тоа е искуството на нашите мултиетнички, мултијазични и мултирелигиозни општества. Општества кои со векови овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат долга традиција на соживот и почит. Верувам дека така треба и да продолжиме.
Дами и господа, Убеден сум дека нашиот регион има неспоредлива предност во однос на многу други региони во Европа и во светот. Во што се состои таа предност? Во текот на долги временски периоди нашиот регион живеел во отворен простор, простор без граници. Тоа овозможи голема интеракција меѓу различностите, во секоја смисла на зборот. Вредностите на толеранцијата, дијалогот и соживотот се вградени во нашиот балкански код. Несреќите дојдоа тогаш кога почна процесот на создавање на границите. Но, постои излез. Овој код кој го имаме треба да биде ставен во функција на иднината. Иднина во која повторно ќе ги релативизираме границите на Балканот. Верувам дека само преку членството во Европската унија можеме да го оствариме ова.
Ви благодарам.
|