|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, како покровител на јубилејот 60 години од основањето на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, се обрати на научната конференција на тема „Предизвиците на науката во економија базирана на знаење – состојби и перспективи“:
Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,
Денес со гордост го одбележуваме 60-годишниот јубилеј од постоењето и од работењето на Економскиот институт – Скопје. Институт што во изминативе шест децении им овозможи на бројни генерации економисти, истражувачи и студенти да ја создаваат, развиваат и унапредуваат економската наука во Република Македонија. Наука која помогна да се постават столбовите врз кои почива современата македонска економија.
Дами и господа, Јубилеите претставуваат одлична можност да направиме пресек на она што досега е постигнато, но и да погледнеме во иднината. Тука сме да утврдиме со кои и какви предизвици се соочува науката во економијата базирана на знаење. Да ги утврдиме состојбите, но и да ги споделиме нашите согледувања за перспективите на нашата, македонската економија.
Резултатите зборуваат сами по себе. За разлика од многу земји во светот, Република Македонија денес има монетарна стабилност. Безбројните регулативи, кои долго време ја задушуваа слободата на пазарот, значително се намалени. Можеме да бидеме задоволни од резултатите од борбата против корупцијата. Сведоци сме дека, иако светот минува низ економска криза која не е видена со децении, сепак Македонија има релативно стабилна економија и успева да привлекува странски инвестиции. Но, можеме повеќе.
Ценети присутни, Некои сметаат дека улогата на државата во поддржување на науката, технологијата и иновациите се мери со тоа колку пари се вложуваат во истражувања и развој. Се согласувам дека парите се важна метрика, но тие го изразуваат само инпутот, а не и аутпутот. Вистинското прашање што треба да се постави е: Kако можеме да постигнеме повеќе со помалку ресурси? Тоа бара иновативен одговор! Тоа бара да размислуваме надвор од рамката. Да бидеме иновативни.
Ако знаењето е средство, тогаш иновативноста е процес. Процес што е во основата на секоја економија базирана врз знаење. Мојата визија за Македонија е земја на трудољубиви, амбициозни и успешни луѓе, земја отворена за странски инвестиции, земја на напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Во центарот на оваа визија е добро втемелена економска наука. Наука која ќе понуди начин за прилагодување на успешните економски модели на македонските услови. Наука која ќе помогне да се зголеми економската моќ на нашето општество. Впрочем, што е економската моќ ако не способност да се примени акумулираното знаење што ќе генерира економски развој и напредок. Затоа, сметам дека нашата најголема инвестиција е образованието. Образование преку кое ќе го култивираме духот на отвореност, инвентивност и решителност.
Со таа мисла, на самиот крај, посакувам Економскиот институт да продолжи да ја збогатува македонската економска наука со нови идеи и перспективи, и успешно да се справува со предизвиците кои ги нуди новото време.
Ви благодарам.
|