|
Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на состанокот на шефови на држави и влади – учеснички во мисијата на НАТО – ИСАФ во Авганистан:
Ценети екселенции, Дами и господа, На самиот почеток, дозволете да се приклучам кон сите говорници кои го искажаа своето сочувство за војниците на ИСАФ кои ги дадоа своите животи за слободата и безбедноста на Авганистан.
Би сакал веднаш да истакнам дека со нашите НАТО партнери, ние веќе практично ја отпочнавме реализацијата на новата НАТО стратегија за паметна одбрана. Целосно го поддржуваме овој концепт чија цел е максимизирање на ефективноста и минимизирање на трошоците. Ја поддржуваме и заложбата за финансиска поддршка на авганистанските безбедносни сили, пришто Македонија ќе учествува во рамките на своите можности.
Врз основа на процената на партнерите за повлекувањето на трупите на ИСАФ од Авганистан, Република Македонија во согласност со своите интереси, како и досега, ќе се усогласи со заедничките стратегиски цели.
Славејќи ја 20-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија, ние одбележуваме и 10 години од нашиот активен придонес кон мисијата ИСАФ. Во изминатата деценија, над 2.800 македонски мировници минаа низ 24 ротации. Во овие 10 години, Република Македонија стана еден од петте најголеми контрибутори по глава на жител. Македонија ќе продолжи да се придржува кон својата посветеност кон ова глобално партнерство.
Почитувани присутни, Нашата посветеност не е само декларативна, туку и реална. Како Претседател и врховен командант, сведок сум на лојалноста, посветеноста и умешноста на македонските мировници. Македонската заложба е континуирана и видлива за сите, за сите членки на НАТО, за сите земји-учеснички во ИСАФ, и најважно, за авганистанскиот народ. Од заштита и одбрана од нападите на главниот штаб на ИСАФ во Кабул, па сè до активно учество во мисијата ФЕНИКС. Застанати под знамето на НАТО, неколкупати одликувани и од најмоќните армии на денешницата, тие се сведоците на македонската решителност и истрајност.
Како активен учесник во ИСАФ, Македонија ги споделува одговорностите, обврските и ризиците. Македонија истовремено очекува да ги споделува и правата и придобивките кои доаѓаат со членството. Македонија и покрај придонесот и покрај целосно исполнетите услови уште од 2008та година, е блокирана на патот кон членство во НАТО од услов кој го поставува членка на Алијансата, услов кој нема никаква корелација со критериумите за членство.
Меѓународниот суд на правда, решавајќи во спорот инциран од мојата земја, донесе пресуда со која однесувањето на нашиот јужен сосед го окараткеризира како незаконски акт. Ценети екселенции, Нема да кријам дека нашите граѓани, лидерството на Република Македонија се целосно разочарани од досегашните одлагања. Сега беше потребно да се поправи грешката и неправдата од Букурешт.
Жалиме што Грција не најде сили да се однесува одговорно кон преземените обврски со Времената спогодба. Ваквото однесување е целосно во спротивност со очекувањето на Судот дека Грција нема да го повтори противправното однесување од Букурешт. Очигледно имаме второ кршење на Времената спогодба од страна на Грција.
Ќе повторам, разочарани сме од новото одлагање. Но, за нас, прашањето никогаш не било дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога. И, што поскоро, тоа подобро. Подобро за Македонија, за регионот на Југоисточна Европа и, се разбира, за НАТО и за глобалната безбедност.
Ние со еднаква посветеност и интерес, продолжуваме да се однесуваме како de facto земја-членка на Алијансата. Продолжуваме максимално да го спроведуваме нашиот дел од одговорностите, онака како што се очекува од секоја земја-членка на НАТО.
Дами и господа, И сега, додека говорам, македонските мировници одговорно се однесуваат и ги извршуваат преземените обврски чувајќи го главниот штаб на ИСАФ во Кабул, заедно со вашите горди жени и мажи во униформа. Политиката е безмилосна кон македонските мировници кои што секој ден го ризикуваат животот за да донесат слобода и безбедност во Авганистан. Но политиката е безмилосна и кон сите граѓани на Македонија кои неможат да ги користат придобивките од членството во Алијансата. Taa e резултат на неодговорни политичари кај нашиот сосед, кои криејќи се зад консензусот, не само што го ставаат НАТО во една непријатна ситуација да брани неодбранливи, од аспект на меѓународното право, позициии, туку спротивно на сите правила и норми на однесување не придонесуваат за стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Уверен сум дека сите вие што ме слушате овде го знаете ова. И знаете дека ова одлагање не е наш неуспех.
Животот нè научил никогаш да не потклекнуваме пред предизвиците. Генерации и генерации, Македонци, се вградиле во борбата за правда, мир, безбедност и развој за сите. Со истрајна работа кон заедничките цели и вербата дека правдата и разумот секогаш победуваат, иако понекогаш доцнат, остануваме доследни на преземените обврски.
Ви благодарам.
|