| Да создадеме економија чиј главен двигател ќе бидат иновациите - Балкански инвестициски форум | |
|
|
Почитувани, ценети екселенции, дами и господа, Ми претставува особено задоволство да ви посакам добредојде на првиот Балкански инвестициски форум во Скопје. Овој значаен настан ја става Македонија на мапата на постојните европски средби на претприемачи, иноватори и инвеститори. Од денес, Македонија и нејзините регионални соседи официјално се вмрежуваат во големото европско семејство на инвеститори и претприемачи во иновативните сектори. Преку ваквите средби се промовираат размените на новитети, искуства и можности кои на претприемачите им помагаат да ги спроведат на дело своите бизнис-идеи. Знаеме дека една идеја може да промени сè. Бил Гејтс имал идеја, но кога почнал да бара инвеститори, некои го одбиле, сметајќи ја неговата идеја за премногу ризична. Можеме да претпоставиме како се чувствуваат денес. Затоа, верувам дека токму ваквите настани се предизвик и можност за презентирање нови идеи. Идеи кои можат да создадат соработка од која се раѓаат следниот Епл, Мајкрософт, Скајп, Џенентек. Информатичко-комуникациските технологии го менуваат светот во кој живееме, или како што вели Томас Фридман, светот го прават рамен. А, рамниот свет е еднакво достапен до сите оние поединци и групи, земји и региони кои се вклучени во овој глобален феномен. Тоа е можно денес, во време на глобализација, во време кога секоја компанија може да ги продава своите производи преку Интернет. Особено ме радува тоа што на овој инвестициски форум гледам голем број меѓународни инвеститори. Сигурен сум дека овде ќе најдат високотехнолошки иноватори и претприемачи од Балканот и со нив ќе создадат инвеститорски и стратешки партнерства. Почитувани, Постојат разни показатели за економската развиеност на една земја, како што се, на пример: бруто-домашниот производ, големината на странските инвестиции, инфраструктурата и енергетиката. Но, вистинската движечка сила за економскиот развој на една земја се токму претприемачите и иноваторите. Вие, кои размислувате поинаку од другите, сте вистинските поттикнувачи на економскиот развој, двигатели и лидери на општествениот напредок. Доколку прашате претприемач: Во што се состои најголемиот предизвик за започнување некој бизнис, најчестиот одговор е: Да се најдат и да се задржат вредните луѓе. Работливоста е скапоцена, бидејќи тешко се наоѓа. Но, ве уверувам дека нашиот најголем ресурс се токму нашите граѓани со нивната работливост, креативност и посветеност. Нашата најголема инвестиција е едукација на генерациите кои доаѓаат. Притоа, наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност и решителност. Преку отвореноста, се ослободуваме од традиционалните, застарени начини на размислување кои нè ограничуваат и кои ни стојат на патот кон иднината. Преку инвентивноста ги создаваме идеите кои ќе ја придвижат економијата, науката и општеството. А преку решителноста, се натпреваруваме со ризикот. Впрочем, да се биде претприемач значи токму тоа – натпревар со ризикот. Човек кој не се откажува дури и кога не успева, на крајот секако ќе успее. Сè што е потребно е да има волја да продолжи. Затоа, не треба да се плашиме, туку да учиме од неуспехот. Во услови кога Интернетот ги глобализира и ги локализира светот и светската економија, нема поголем ризик од тоа да не се презема ризик. Почитувани присутни, Нашата визија е да создадеме економија во која главен двигател ќе бидат токму иновациите. Нашата цел е Република Македонија да стане земја на иноватори и иновации. Верувам дека истата визија ја споделуваат и нашите соседи. Заедно можеме да придонесеме во развојот и создавање пазар. Пазар во кој компаниите, малите и средни претпријатија ќе се натпреваруваат секогаш со нови и единствени идеи, производи и услуги, користејќи ги притоа софистицираните производни процеси. На нас останува да создадеме поволни услови преку стратешко планирање, создавање соодветна законодавна рамка и институционален развој. Бизнисмените и инвеститорите ќе ги согледаат потенцијалите и ќе обезбедат потребна финансиска поддршка. Верувам дека оваа значајна конференција е платформа за таквиот развој бидејќи ја поттикнува синергијата меѓу инвеститорите, претприемачите, иноваторите, научниците, носителите на одлуки и бизнисмените, на национално и регионално ниво. Воедно, ја поттикнува иновацијата како една од најисплатливите инвестиции. Убеден сум дека овој настан за многумина менаџери и претприемачи ќе биде инкубатор за нови бизниси и за освојување на нови пазари. Особено ме радува што е прв во низата слични планирани годишни форуми во регионот. На самиот крај, би сакал да ви порачам: Tempus fugit - carpe diem! Времето лета – искористете го денот! Искористете ги можностите кои се пред вас. Склучувајте партнерства, инвестирајте во Република Македонија, инвестирајте во нашиот регион. Завршувајќи со оваа мисла, го прогласувам првиот Балкански инвестициски форум за отворен! Ви благодарам.
|
Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на првиот Балкански инвестициски форум, кој се одржува под негово покровителство, а во организација на Балкан Унлимитед.










