| Конференција за значењето и улогата на активниот и резервниот состав на вооружените сили во 21 век | |
|
|
Почитуван министер за одбрана Бесими, почитуван началник на Генералштабот на Армијата, генерал Котески, почитуван генерал Николовски, ценети гости, дами и господа, Во годината кога прославуваме две децении од формирањето на Армијата на Република Македонија, со задоволство ја прифатив поканата да учествувам на овој настан. Настан посветен на значењето и улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во 21 век. Неодамна, заедно ја одбележавме 20-годишнината од денот кога составот на резервни воени старешини ја презедоа одбраната на границата на нашата татковина. Тоа е патриотизам на дело, посветеност која не завршува во моментот кога ќе ја соблечете униформата. Посветеност за која сме ви благодарни. Почитувани присутни, Ризиците од еден дел на светот се пресликуваат и во другите делови на светот. Предизвиците на новото време – глобалниот тероризам, пролиферацијата на оружја за масовно уништување, меѓународниот организиран криминал, претставуваат закана за сите нас. Затоа, ние инвестираме во нашата и во европската безбедност. Затоа, Република Македонија континуирано ги става на располагање своите мировници за одбрана на вредностите на слободата и демократијата во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан. Верувам дека и во овие променети услови можеме да сметаме на вас. Сакам да знаете дека постои реална потреба за резервните сили. Имаме активен состав на Армијата на Република Македонија, но имаме предвидено и активна резерва. Верувам дека резервната компонента треба да има соодветна улога и место во Армијата на Република Македонија. Армија која ги исполни критериумите за членство во НАТО. За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. И покрај незадоволството, ние нема да го напуштиме партнерството. И покрај препреката, остануваме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Сево ова подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт. На самиот крај, на организаторите и на учесниците на оваа значајна конференција сакам да им посакам успешна работа. Ви благодарам.
|
Обраќање на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов на воведната сесија на конференцијата „Улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во поддршката на нивните мисии и задачи во регионалната и глобалната безбедносна средина во 21 век“:










