Промоција на публикацијата посветена на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Вторник, 27 Март 2012   

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на промоцијата на петјазичното издание на публикацијата „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“, посветени на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која во 2010 година се одржа во Охрид.

Почитувани присутни, почитувани претставници на верските заедници, почитувани претставници на медиумите, ценети екселенции, дами и господа,

Со особено задоволство ја прифатив поканата за учество на промоцијата на публикацијата посветена на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Конференција која пред две години се одржа во нашата духовна и културна престолнина Охрид. Конференција која е плод на семето кое во 2003 година го посеа Република Македонија како иницијатор на Регионалниот форум посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите под раководство на човекот кој ја сфати големината на оваа идеја и ја преточи во дело, мој претходник, претседателот Борис Трајковски.

Почитувани,
Потребата за дијалог, потребата за комуникација во светот никогаш не била поголема отколку денес. Денес, кога се чувствува сè поголема нетолеранција, религиозен фундаментализам и исклучивост. Во време кога многу општества се наоѓаат во длабока криза на моралните вредности. Верувам дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот, за зближување и разбирање меѓу луѓето, без разлика на религијата кон која припаѓаат.

Со самото тоа што оваа публикација е печатена на македонски, албански, англиски, француски и руски јазик, таа го отсликува почитувањето на различностите, но и на универзалноста на упатените пораки. Без разлика на тоа кој јазик се користи, пораките се секогаш исти: мир, соработка и толеранција, соживот, слобода и љубов.

Ценети присутни,
Останала за незаборав, мислата содржана во сите верски книги: „Сакај го ближниот свој како себеси“. Овој завет е особено суштествен денес во мултиетничките, мултијазичните и мултирелигиозните општества во кои живееме. Општества кои со векови овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат долга традиција на соживот и почит.

Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот го знаеме како капиџик, во вистинска смисла на зборот. Познато е од дамнина, дека дури и кога капијата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Како врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена.  Врз таа основа го темелиме нашиот стремеж да го сочуваме она што сме го наследиле. Можеби тоа беше и причина Македонија да биде домаќин на двете светски конференции – да ги споделиме со другите, нашите позитивни искуства.

Драги пријатели,
Една од бројните инспиративни пораки од Втората светска конференција беше дека „општеството може да се промени, но само ако се променат луѓето. Духовно обновениот човек е мечтата на секоја епоха. Слободно општество можат да изградат само духовно слободни луѓе“. Верувам дека токму овој вид конференции се патоказ кој ја води нашата генерација кон градење на духовно слободни луѓе. Луѓе ослободени од стравот и предрасудите, од нетрпеливоста и омразата, а фокусирани на отвореноста, меѓусебното разбирање и помош. Не смееме да заборавиме дека дијалогот ги менува срцата и размислувањата на поединците. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, опстојувајќи со измислени непријателства.

На самиот крај, дозволете да ја споделам со вас увереноста дека циклусот светски конференции за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог ќе продолжат да даваат цврсти вредносни насоки. Насоки кои ќе бидат мост за разбирање меѓу народите, заемна почит и толеранција за подобар свет.

Ви благодарам.


  Back<<Назад