| Конференција на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“ | |
|
|
Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа, Почитувани, Во изминатиот период, партнерството со Соединетите Американски Држави ги поттикна нашите земји да се посветат на негување добрососедство и регионална соработка. Нè поттикна да ги забрзаме и зајакнеме демократските и пазарните реформи во нашите земји, а со тоа и безбедноста, напредокот и стабилноста на регионот. Сево ова имаше и има една заедничка цел. Целосна интеграција на нашите земји во европските и евроатлантските политички, економски, безбедносни и одбранбени институции. Цел која е запечатена не само со потписите на документите, туку и со активно учество во мировната мисија ИСАФ во Авганистан. Ценети екселенции, Оваа конференција е вистинското место, во периодот пред претстојниот Самит на НАТО во Чикаго, да се сетиме од што, меѓу другото, произлезе Јадранската повелба. Во преамбулата на Повелбата стои дека партнерството произлегува од можноста за заокружување на „целосна нова Европа во која секоја нација, секоја етничка група, секој граѓанин и секоја вера се безбедни, сигурни и почитувани“. Сакаме да бидеме дел од тие што ја градат новата Европа. Сакаме да бидеме партнери и сојузници со сите наши соседи, и заедно да ја градиме сегашноста и иднината на нашиот регион. За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Спор во кој се соочуваме со соодветна уцена и ултиматум. Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. Незадоволството не значи напуштање на партнерството и визијата. Напротив, уште сме поохрабрени и силно сме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Пристап кој подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт. Затоа, се надеваме дека нашиот сосед, во духот на вредностите кои ги споделува со членките на Алијансата, ќе ги почитува договорите, односно обврските од Времената спогодба. Дами и господа, Ви благодарам.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на отворањето на Конференцијата на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“:











