| Заедничките ризици бараат заеднички одговор - Конференцијата за гранична безбедност | |
|
|
Ми претставува особено задоволство да ве поздравам денес во Скопје, на годишната Конференција за гранична безбедност. Верувам дека овој настан претставува конкретен македонски придонес кон промовирањето на граничната безбедност. Верувам дека е особено важно што оваа министерска конференција се случува токму денес. Денес, кога еден од приоритетите на Европската унија е создавање на побезбедна Европа. Горди сме што европските вредности се и македонски вредности. Бидете уверени дека борбата против меѓународниот криминал и тероризам, како и спречувањето на нелегалната имиграција се и наши приоритети. Ценети присутни, Свесни сме дека безбедноста не започнува и не завршува со нашиот двор, нашиот имот, нашата држава. Во овој меѓузависен, поврзан и глобализиран свет, не сме поврзани само преку вредности, туку и преку споделените ризици. А заедничките ризици бараат заеднички одговор. Сметам дека токму Центарот за демократска контрола на вооружените сили е инструментот кој на 60-тина земји во светот им овозможува успешно и со заеднички сили да се справуваат со новите безбедносни ризици. Моделот на гранична безбедност кој го промовира Центарот не задира во суштината на четирите слободи – слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал. Дами и господа, Годинава се навршуваат и десет години од успешното функционирање на Програмата за гранична безбедност. Република Македонија е особено горда што е активен учесник во оваа програма. Програма од која во изминатата деценија добивме и научивме многу за исполнувањето на стандардите на Европската унија во областа на граничното работење. Но, и повеќе од тоа. Оваа програма нуди една холистичка реформа на безбедносниот сектор. Реформа која ни овозможи да воведеме современ концепт на граничното обезбедување. Концепт кој подразбира отворени, но добро контролирани граници. Верувам дека другите земји – членки на Центарот имаат слични позитивни искуства. Ги поздравувам досегашните достигнувања и ги охрабрувам натамошните чекори кои ќе придонесат кон градењето на побезбеден регион, побезбедна Европа, но и побезбеден свет. Уверен сум дека во периодот кој следи, ќе биде воспоставена практиката на заедничка анализа на ризиците. Заеднички операции и информационен менаџмент. На самиот крај, честитајќи ви го уште еднаш јубилејот од Програмата за гранична безбедност, ви посакувам успешна конференција. Ви благодарам.
|
Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,










