Свечена академија по повод 20-годишнината од преземањето на првата караула на „Рамна Нива“
Недела, 11 Март 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од преземањето на караулата „Рамна нива“ од некогашната ЈНА, од страна на Одредот на Територијалната одбрана „Козјак“ од Крива Паланка, денес се обрати на Свечената академија која се одржа по тој повод:

Почитувани членови на Организацијата на резервни воени старешини на Република Македонија, ценети присутни, драги пријатели,

Пред точно 20 години, составот на резервни воени старешини ја презеде првата караула од ЈНА, првата точка која значеше вистинско осамостојување на Република Македонија. На Рамна Нива се роди самостојноста на нашата татковина Македонија. Тука е зародишот на Армијата на Република Македонија. На оваа точка, македонските вооружени сили почнаа да ја чуваат својата татковина Македонија.

Токму со овој, за нас историски настан, покажавме дека имаме капацитет не само да прогласиме независност, туку истата да ја чуваме како нешто свето. Да го исполнуваме заветот на илинденците, на борците од Народноослободителната војна. Покажавме дека можеме да опстоиме како држава во бурниот период на кризи и воени конфликти кои ја зафатија поранешната Југословенска федерација.

Ценети присутни,
Оваа година Армијата на Република Македонија прославува 20-годишен јубилеј. Особено сум горд што токму со вас, со припадниците на резервните воени старешини на Република Македонија го започнуваме прославувањето на овој значаен јубилеј. Како врховен командант на вооружените сили, сакам да ви оддадам посебно внимание и почит поради вашата поддршка во клучните моменти за Македонија. А, верувајте, има и зошто. Вашите припадници први ја презедоа одбраната на границата на нашата татковина. Уверен сум дека повторно ќе го направите истото секогаш кога Македонија ќе го побара тоа од вас.

Знам дека секогаш се јавувате на повикот на татковината, независно од околностите и опасностите. Знам дека вашата посветеност не завршува во моментот кога ќе ја соблечете униформата. Организацијата на резервни воени старешини на Република Македонија постои веќе 60 години и е распространета низ целата земја. Вие сте потенцијал на кој можеме и мораме да сметаме во секое време.

Сакам да знаете дека во текот на оваа година ќе направиме севкупна анализа за потребите и неопходноста на резервниот состав во функција на одбраната на Република Македонија. Силно верувам дека местото на резервниот состав е покрај активната компонента, како еден од носечките столбови на одбраната на Република Македонија. Затоа, истиот треба да го заземе соодветното место во одбранбениот сектор.

Она што вие, како резервни воени старешини го започнавте пред точно две децении, Армијата на Република Македонија заедно со останатите сегменти на одбраната и безбедноста го презедоа и продолжија. Знаете дека денес Македонија ги исполни сите обврски и критериуми за членство во НАТО. Но, без оглед на конечната одлука на Самитот во Чикаго, ние ќе продолжиме со реформите во сите сектори, пред сè, за нас самите. Затоа што така почнавме и пред 20 години овде, на Рамна Нива,  со верба, посветеност и истрајност.

Почитувани членови на организацијата на резервни воени старешини,

На крајот, честитајќи ви го уште еднаш 60-годишниот јубилеј и 20-годишнината од преземањето на првата караула, сакам да ви се заблагодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но, пред сè, за вашиот патриотизам, вашата солидарност и лојалност кон татковината и едни кон други.

Ви благодарам.


  Back<<Назад