| Претседателот Иванов во Салцбург инаугуриран за протектор на Европската академија на науките и уметностите | |
|
|
Со почесната титула претседателот Иванов се приклучува кон групата заштитници на престижната континентална академска институција во која патрони се неколку поранешни и актуелни европски претседатели и суверени. Обраќајќи се пред присутните професори, научници, членови на Сенатот и почесните гости на 22-та пленарна сесија на ЕАНУ во амфитеатарот на Универзитетот во Салцбург, претседателот Иванов истакна дека неговото назначување за заштитник на Европската академија преставува голема чест, и не само лична афирмација за него, туку и јасно признание за Република Македонија и македонскиот народ: Почитуван претседател на Европската академија на науките и уметностите, професор Феликс Унгер, Огромно задоволство е да се биде овде денеска со вас, во родното место на Моцарт. Неговото присуство особено се чувствува во оваа древна универзитетска сала, која сè уште одекнува од неговата безвремена музика. Може да се каже дека во Салцбург може да се слушне, види и почувствува суштината на Европа, уметноста, културата и науката. Овде сме сведоци на минатите подвизи на Европа, на сегашните потенцијали и на идните можности, кои одат во комбинација со огромно знаење кое се пренесува од генерација на генерација преку институциите како што е Европската академија на науките и уметностите. Почитувани гости, Ве уверувам дека ми претставува чест, но и одговорност да бидам заштитник на оваа академија, која поврзува многу почитувани, посветени и отворени поединци од разни научни области. Екселенции, Европа денес се соочува со многу предизвици во поглед на нејзината економија, управување и одговорност, а европските вредности и начела се доведени во прашање. Силно верувам дека интелектуалната улога на Европската академија е да бара одговори и да предлага мудри решенија за овие прашања. Оттука, мора да го дадеме најдоброто од нас и да ја поддржиме Академијата во исполнувањето на оваа важна задача. Со цел да го постигнеме ова, наша заедничка должност е да создадеме иднина за младите и млади за иднината. Јас го правам тоа, како претседател и како професор, како политиколог и како активен политичар, како Македонец и како Европеец. На крајот, ја користам оваа можност уште еднаш да ја искажам мојата благодарност за големата чест која ми е укажана мене и на Македонија. Ви благодарам.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Салцбург беше инаугуриран за протектор на Европската академија на науки и уметности (ЕАНУ). На претседателот Иванов во оваа прилика му беше врачен „Манифестот за Европа во 21-от век“, изготвен од континенталната академска авангарда, во која се нагласува нивната порака адресирана токму кон политичарите на Европа, нивните активности да ги насочат кон изготвување нови стратегии што ќе овозможат напредок на Европа во услови на кризи, наместо краткорочни решенија.










