| Доделување „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите по повод 65-годишниот јубилеј | |
|
|
Почитувани членови на Друштвото на писателите на Македонија,Ценети присутни, Дами и господа, На почетокот беше зборот, зборот кој создаваше. За моќта на зборот беа свесни сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум Охридски. За моќта на народниот збор беа свесни и македонските преродбеници Пејчиновиќ, Пулески и Миладиновци, Прличев, Шапкарев и Цепенков. За моќта на литературниот јазик беа свесни и Мисирков и Конески. Впрочем, токму Мисирков пред речиси еден век напиша дека „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината“. Ако јазикот е нашата татковина, тогаш треба постојано да го негуваме, развиваме и промовираме, со истата посветеност со која се чува татковината – подготвено и континуирано, не чекајќи некој да се обиде да го избрише, оспори и проблематизира она врз што се темели нашиот идентитет. Во таа смисла, Димитар Миладинов на едно место вели: „Го укоруваат нашиот јазик и го наречуваат варварски, еден од најстарите и најбогатите јазици“, оставајќи ни притоа завет „...да се збогатиме со мисли и со идеи на нашиот јазик, потоа да учиме и други јазици“. Почитувани присутни, Сакам да знаете дека вашата улога никогаш не била поважна отколку денес, кога живееме во период на забрзана глобализација која постојано го менува светот, ги поврзува, но, исто така ги претопува народите, културите и јазиците. Иако, македонскиот јазик не спаѓа во категоријата на загрозени јазици, тоа не смее да биде оправдување за да го симнеме браникот, напротив. Од своето основање во февруари 1947 година, Друштвото на писателите на едно место ги собра најзначајните македонски книжевни имиња. Со нивните стихови, песни, раскази и романи израснаа и се образуваа многу генерации. Преку нивниот, преку вашиот пишан збор, бројни генерации читатели ја запознаа својата татковина Македонија, ги развиваа своите идеи, го градеа својот живот. Затоа, со гордост можам да кажам дека Друштвото на писателите низ 65-те години и преку стотиците витези на јазикот даде немерлив придонес за Македонија. Но, вашиот придонес не завршува на границите на нашата татковина. Покренувајќи ги пред повеќе од половина век, Струшките вечери на поезијата, овозможивте градот на мостовите, нашата поетска престолнина, да биде мост што ги поврзува поетите од сите меридијани. Имајќи го сево ова предвид, како претседател на Република Македонија донесов одлука на оваа институција да и доделам Повелба на Република Македонија. Со ова признание ја одбележуваме 65-годишната успешна работа, и се заблагодаруваме за сиот придонес што Друштвото на писателите го даде за збогатувањето на македонските културни вредности и за афирмација на Република Македонија во светот. Дами и господа, Ви благодарам.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 65-годишнината од формирашет, го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите на Македонија за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност за зачувување и збогатување на македонското литературно и културно творештво и за афирмација на македонската книжевност и литература во светот.










