|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се обрати на свечената академија по повод Свети Сава - Националниот ден на српската заедница во Република Македонија, која вечерва се одржа во Македонската опера и балет под негово покровителство.
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Задоволство е да се обратам на свечената академија по повод Националниот ден на српската заедница во Република Македонија и во оваа прилика би сакал на сите Срби во Македонија да им го честитам овој светол празник.
Почитувани, На 27 јануари српската заедница го празнува денот посветен на св. Сава, кој бил и принц и монах, просветител и мисионер, дипломат и законодавец, исцелител и градител, личност која претставува духовна инспирација за Србите, каде и да се. Може да се каже дека она што е св. Климент Охридски за македонскиот народ, тоа е св. Сава за српскиот народ – непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благосостојба и напредок. Тоа се вредности на кои двата наши соседни народа се навраќаат секогаш кога се соочуваат со големи предизвици и се исправени пред големи одлуки.
Нашите пријателски народи имаат заедничко минато. Постојат некои прашања околу кои имаме различно мислење. Но, она што е важно е дека тие разлики воопшто не влијаат на нашите добрососедски односи. Нашата соработка е потврда дека денес, во нашиот регион имаме модерни лидери кои се насочени кон иднината, современи политичари кои одредени прашања и дилеми од минатото ги оставаат настрана, имајќи го предвид новото време.
Она што ме прави особено среќен е фактот што како соговорник во пријателска Република Србија го имам претседателот Тадиќ. Со него, заедно, сме фокусирани на сегашноста и на иднината. Заедно се залагаме за максимално јакнење на економските врски, инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји. Затоа, мора веднаш, и со сите сили да дејствуваме на ова важно поле за да ја обезбедиме нашата иднина, која ја гледаме во големото европско семејство на народи.
Дами и господа, Постои уште една работа која ги поврзува нашите две земји. На нашиот европски пат, и Република Македонија и Република Србија се соочуваат со наметнати услови без преседан, кои се надвор од опфатот на критериумите од Копенхаген. Но, сакам да ве уверам дека не сме разочарани и обесхрабрени. Копенхашките критериуми се и наши критериуми. Свесни сме дека мораме целосно да се фокусираме на исполнување на стандардите во сите општествени сфери, и не само затоа што тоа од нас го бара Брисел. Ние сме Европа и сами треба да си ја создадеме Европската унија кај нас. Само така прашањето за формалното приклучување на двете наши земји во Европската унија ќе биде чисто техничко прашање. На ова нè обврзуваат нашите граѓани. Тие го бараат и го заслужуваат тоа.
Цврсто сум уверен дека македонската заедница во Република Србија и српската заедница во Република Македонија се повеќе од мост на поврзување. Нашите односи се втемелени врз принципот на меѓусебно почитување и вреднување. Ова е уште еден пример како две соседни земји на дело ги негуваат европските вредности преку заштитата на правата на заедниците. Впрочем, сметам дека Република Македонија можеби е најдобриот пример на европското копно. Македонската мултиетничка демократија е насочена кон чување, развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното богатство на Република Македонија. Дел од тоа богатство сте и вие, припадниците на српската заедница.
Сакам да знаете дека Република Македонија е горда на српската заедница, која е уставно призната и општествено ценета. Која ги ужива сите права. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства меѓу двата пријателски народа и двете земји, и заедно да чекориме кон нашата европска иднина, градејќи ја притоа иднината на нашиот регион.
Ви благодарам.
|