Обраќање на 65-та Годишна конференција на Меѓународната студентска организација ИАЕСТЕ
Вторник, 24 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како Покровител на Годишната конференција на Меѓународната организација за размена на студенти од техничките факултети – ИАЕСТЕ, која годинава за прв пат се одржува во Македонија, се обрати на свечената прослава со која се одбележа јубилејот - 20 години ИАЕСТЕ Македонија.

Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,

Со големо задоволство прифатив да бидам покровител на овој исклучителен меѓународен настан што ја обединува теоријата и практиката, знаењето и примената на стекнатото знаење, но и науката и претприемништвото.

Честа за Македонија како домаќин, но и за мене како покровител, е дотолку поголема бидејќи годинава се одбележуваат три важни јубилеи: 65 години од работењето на ИАЕСТЕ во глобални рамки. Шест децении од постоењето на ИАЕСТЕ Македонија како локален комитет и 20 години од прераснување на тој локален комитет во Македонски одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети - ИАЕСТЕ Македонија.

Низ децениите, ИАЕСТЕ им овозможи на илјадници студенти да се обучуваат во компаниите ширум светот. Денес, со гордост можеме да кажеме дека ИАЕСТЕ Македонија е еден од најактивните национални комитети по глава на жител во светот, но и најголема организација со програма за размена на студентите во Македонија.


Ценети присутни,
Слоганот на оваа конференција е: „ИAЕСТЕ – Целиот свет го носи во Македонија!“. А, верувајте, има и зошто.

Од година во година, Македонија сè повеќе прераснува во атрактивна дестинација за извршување стручна практика. Техничките науки кај нас доживуваат своја ренесанса, и сè поголем број млади луѓе својата иднина ја гледаат токму во универзалниот јазик на инженерството, електрониката, механиката.

Македонија е отворена за соработка од каков било вид, од размени, преку туризам, па сè до инвестиции. Македонија е на пат да изгради економија заснована не само врз природните ресурси, туку и врз знаење, врз посветени, образовани и работливи луѓе кои се стремат кон практикување на наученото. Верувам дека треба да им се даде таква можност, бидејќи тие ја заслужуваат.

Почитувани членови на ИАЕСТЕ,
Вашата организација овозможува да се изгради чувство на заедништво, на споделена одговорност меѓу сите кои се вклучени во неа. И студентите, и универзитетите, и компаниите. Тоа особено се однесува на вас, студентите кои имате несекојдневна можност да го примените она што го знаете, да се стекнете со бесценетата практика, која е особено важна за сите кои се стремат кон техничко совршенство. Не заборавајте дека само спојот на теоријата и практиката дава врвни резултати.

Познато е дека вистински двигатели на напредокот се оние поединци кои наоѓаат начини како работите да се завршат побрзо, поефективно и поефикасно. Токму вашите науки носат севкупен благодaт, напредок и успех. Токму во тоа ја гледам вредноста на вашата професија.

Сите вие, независно од каде доаѓате, сте луѓе со отворени умови кои размислуваат надвор од воспоставените (шаблони) рамки. Вашиот потенцијал е несомнен. Затоа, искористете го 60-годишното партнерство меѓу универзитетите, студентските организации и компаниите кое ви го нуди ИАЕСТЕ, и работете на сопствено стручно усовршување. Во тоа е вашата иднина, но и иднината на вашите земји.

Дами и господа,
Сакам да упатам една порака до нашите компании кои веќе се или допрва ќе се вклучат во оваа благородна иницијатива. Ако се согласиме дека ИАЕСТЕ го носи целиот свет во Македонија, а тоа го прави, бидејќи обединува 87 земји во светот, со реализирана размена од над 6500 студенти годишно кои се стекнуваат со незаменливо искуство, тогаш ИАЕСТЕ претставува силна врска меѓу македонските компании и светот.

Затоа, искористете ја можноста која ви ја нуди програмата за размена на студенти. Вложувајте во овие млади луѓе, бидејќи тие ќе го предводат техничкиот и технолошкиот напредок во нашата земја. Вложувајте во нив, бидејќи тие ќе ве поврзат со светот. Вложувајте во нив бидејќи тие се клучниот македонски ресурс, тие се вашата и наша иднина.

На крај, дозволете ми да го цитирам големиот креатор, иноватор и визионер, неодамна починатиот Стив Џобс, кога на дипломците на Универзитетот „Стенфорд“ им порача:

„Вашето време е ограничено, па така не го трошете за да живеете нечиј туѓ живот. Не бидете заглавени во догма, која е живеење со резултатите на туѓото мислење. Не дозволувајте шумовите од туѓите мислења да го удават вашиот внатрешен глас. И најважно од сè, имајте храброст да го следите вашето срце и интуиција. Тие некако веќе знаат што вистински сакате да бидете. Сè друго е споредно“.


Со надеж дека конференцијата ќе резултира со многу нови размени, нови партнерства, но и пријателства, ви посакувам уште многу професионални успеси.

Ви благодарам.

alt

  Back<<Назад