Продолжуваме со максимална акција на сите полиња – новогодишен прием за дипломатскиот кор
Сабота, 14 Јануари 2012   

Обраќање на Претседателот на Република Макеоднија, д-р Ѓорге Иванов на традиционалниот новогодишен прием за дипломатскиот кор, кој годинава се одржа во Завод и музеј - Битола.
 

Ценети екселенции, дами и господа, драги пријатели,
На самиот почеток, дозволете ми, вам и на вашите семејства, да ви ја честитам Новата 2012 година и да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси. Денес е Св. Василиј Велики, Василица, ден кој православните христијани го слават и како православна Нова година, која носи нова надеж, среќа и бериќет.

Денес е ден кога се присетуваме на успесите и предизвиците од минатата година и со добра мисла ја отвораме вратата на новата година. Многумина од вас беа изненадени кога ги добија поканите за овој традиционален прием. За прв пат од независноста, овој прием се организира надвор од Скопје. Јас одлучив оваа година да го организирам тука, во Битола, во градот на конзулите, град кој од дамнина бил дипломатски центар на Македонија. Следната година ќе продолжиме со новата традиција.

Почитувани,
2011 за нас беше година на јубилеи и успеси. Република Македонија ја заврши 2011 со еден дипломатско-правен успех, кој во очите на меѓународната заедница го потврди кредибилитетот на нашата надворешна политика и исправноста на нашите стремежи и тврдења. Очекувам оваа 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата на status quo во однос на интеграциите на Република Македонија. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење, да се девалвира, бидејќи тоа би значело и девалвирање, ослабнување и поткопување на самиот меѓународен поредок. Затоа, сакам да истакнам дека пресудата и Времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот. Убеден сум дека само со нивното почитување ќе се создаде поволен амбиент кој ќе помогне за изнаоѓање на заемно прифатливо решение на проблемот, кој не го сакавме, кој е апсурден и неразбирлив за огромен дел од меѓународната заедница. Но, тука е и мораме да се соочиме со него. За нас не постои дилема, како и досега, активно и конструктивно ќе учествуваме во процесот со сериозен пристап.

Очекуваме и се надеваме на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна. Очекуваме нашиот јужен сосед да ги напушти некоректните максималистички позиции, и наспроти досегашното однесување во процесот и претставувањето пред меѓународната јавност. Очекуваме од нашиот сосед да го поддржува нашето интегрирање во евроатлантските структури, во согласност со Времената спогодба и со пресудатa на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право. Ќе повторам, почитувањето на пресудата значи и почитување на меѓународното право и поредок. Право на кое денес се повикува Република Македонија, но во иднина можеби ќе се повикуваат и вашите земји. Државите имаат и морална обврска да го почитуваат меѓународното право. Државите се должни да ги почитуваат меѓународните обврски кои доброволно ги преземале.

Ценети екселенции, сакам да знаете дека и во текот на оваа, 2012 година, остануваме посветени на остварување на нашите стратешки цели:
- Членство на Македонија во НАТО и во Европската унија.
- Натамошен развој на билатералните односи со сите земји во светот во согласност со принципот на отвореност кон сите.
- Натамошно јакнење на добрососедските односи со земјите од непосредното соседство и поширокиот регион.
- Проактивност и иницијативност во регионалната соработка.

Бидете уверени дека остануваме посветени на реформските процеси како влог во нашата евроатлантска иднина. Сакам да верувам дека на следниот Европски совет и на следниот Самит на НАТО ќе имаме позитивно придвижување на ова поле. Тоа е корисно и за нас, и за Грција, и за Европската унија, и за НАТО Алијансата.

Сакам да истакнам дека, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, Република Македонија ќе остане сè додека е неопходно, и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ.

Во однос на регионалната проактивност, сакам да знаете дека Република Македонија оваа година го презема претседавањето со најважната автохтона регионална иницијатива - Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе ни овозможи активно да придонесеме во јакнењето на регионалната соработка. Воедно, свесни за важноста од градењето културни и цивилизациски коридори, оваа година ќе започнеме со подготовките за самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите кој ќе се одржи во 2013 година.

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња. Тоа значи достигнување на стандардите, вредностите и критериумите на Унијата. Копенхашките критериуми се и македонски критериуми. Благодарение на реформите и мудрата економска политика, како држава, имавме напредок на полето на економијата. Но, ни претстои уште многу работа за да ја достигнеме зацртаната цел - да бидеме економски развиена, енергетски обезбедена, европска и евро-атлантска Македонија. Знам дека го имаме разбирањето и поддршката на нашите пријатели и сојузници. Ќе продолжиме да работиме на продлабочување на меѓудржавните односи и на соработката со вашите земји.

На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната досегашна поддршка, што вие и земјите кои ги претставувате, и ја дававте на Република Македонија.

alt 

  Back<<Назад