Македонскиот народ е горд на Киро Глигоров – комеморативна седница во Собранието на Република Македонија
Вторник, 03 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес со своето обраќање на комеморативната седница во Собранието на Република Македонија, му оддаде последна почит на првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија, Киро Глигоров.

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Вчера со голема жал ја примивме веста за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Во овие тешки мигови на загуба би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров, како и до сите граѓани на Република Македонија. Низ неговиот живот и работа, тој одбележа еден исклучително важен период за нашата земја.

Ценети присутни,

Кога прв пат беше избран за претседател на Република Македонија, Киро Глигоров го заврши своето инаугуративно обраќање во македонското Собрание со познатата историска максима: „Македонија е сè што имаме“. Преку таа мисла, тој го пренесе заветот на нашите предци. Затоа, денес, кога се простуваме од човекот кој е нераскинлив дел и од АСНОМ и од независна Република Македонија, се сеќаваме за тоа што Македонија претставуваше за него, но и за сите нас.

Киро Глигоров е роден во Штип, на 3 мај 1917 година, основното училиште го завршил во 1928 година, а гимназија во 1936 година, додека во јули 1939 година дипломирал на Правниот факултет во Белград. По завршувањето на студиите, кратко време работи како приправник во адвокатска канцеларија во Белград, а за време на германската окупација се вратил во Скопје, каде работел како правник. Во текот на Втората светска војна, да се вклучи во Народноослободителната борба, притоа тесно соработувајќи со револуционерот Кузман Јосифовски-Питу.

Во 1943 година станува член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), а потоа, во 1944 година, станува секретар на Иницијативниот одбор за формирање на АСНОМ. На првото, историско заседание на АСНОМ, младиот правник, Киро Глигоров, учествува како записничар, но и автор на еден од политичките реферати. Подоцна ќе биде избран и за претставник на Македонија на АВНОЈ во Вис. Со сево ова, Глигоров се вгради во темелите на македонската државност. Потоа, врз тие темели, речиси половина век подоцна, ќе се вклучи во градењето на суверена, независна и самостојна Република Македонија.

Но, во меѓупериодот, во рамките на Социјалистичка Југославија, Киро Глигоров извршуваше многу високи, одговорни, државни и партиски должности. Да си спомнеме на неколку од нив: Од 1945 до 1947 година бил помошник на генералниот секретар на Владата на Федеративна Народна Република Југославија. Од 1947 до 1948 година работи во Министерството за финансии на ФНРЈ, а од 1948 до 1952 година како министер за финансии. Од 1952 до 1953 година бил помошник на претседателот на Економскиот совет на Владата на ФНРЈ, Борис Кидриќ. Во 1962 година бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1962 до 1967 година бил сојузен секретар за финансии.

Во 1963 година, веднаш по катастрофалниот скопски земјотрес, бил задолжен за обновувањето на Скопје. Во два наврата, во 1969 и 1972 година, бил избран за член на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1971 до 1972 година е член на Претседателството на СФРЈ. Од 1974 до 1978 година бил претседател на Сојузното собрание на СФРЈ. Во 1987 година се пензионира, а веќе во 1989 година се вклучува во реформскиот тим на Анте Марковиќ.

Киро Глигоров, како функционер на тогашна Југославија, поседува завидно ниво на познавање на принципите на здравата, пазарна економија и оди и чекор понатаму од обидите за реформирање на економијата. Неговите повици за реформи на југословенската економија јасно укажуваат дека економските реформи треба да се гледаат како прв чекор кон сеопфатни политички и општествени реформи.


Должна почит на Глигоров мора да му се оддаде со укажување на фактот дека се залагал и практично работел кон демократизација на тогашна Југославија. Уште повеќе, тој разбира дека не може да постојат економски права и слободи, на ниво на претпријатие или на ниво на човек – поединец, без тоа да доведе кон политички права и слободи, и ограничување на улогата на тогаш семоќната централна држава.


Последната политичка кампања во неговиот живот беше токму едно потсетување на реформите спроведени во некогашна Југославија. Сметам дека тоа беше негов обид, да испрати уште една порака, до Македонија. Не да се обидува да го одбрани социјализмот, туку порака дека треба да научиме од лекциите од минатото, да видиме со какви проблеми сме се соочиле при создавањето на здрава економија, и што сме научиле од тоа.

Сепак, набргу се покажа дека реформирањето на еден систем со суштински противречности е задоцнето. Заедничката држава се распаѓаше, некаде крваво, а кај нас, во Македонија, тој процес на стекнување на независноста, за среќа, се одвиваше мирно. Но Македонија се соочи со низа предизвици, грчкото ембарго и блокадата на евроатлантските интеграции, војните во соседството и етничките превирања дома, траумите при трансформацијата на државниот капитал. Заслугата за мирното заминување од југословенската федерација треба да се бара токму кај Киро Глигоров, кој по многу нешта беше нетипичен лидер.

Почитувани,

Во судбоносната 1991 година, на 25 јануари, македонското Собрание го избра Киро Глигоров за прв претседател на Република Македонија, кој, мандатот за составување на првата, експертска влада му го додели на Никола Кљусев. Пред речиси една година ја имавме честа заедно со Глигоров да ја одбележиме и 20-годишнината од неговото стапување на функцијата. А веќе денес го нема.

Во мугрите на прогласувањето на независноста, повикувајќи се на живите и свежи спомени од АСНОМ, Киро Глигоров истакна дека „живееме во време кога македонскиот народ повторно треба да донесува судбоносни одлуки, не помалку важни од оние што ги донесе во 1941 и 1944 година“ и дека е дојдено времето за изградба на Македонија како „модерна парламентарна држава со целосно почитување на сите човекови права, да биде отворена кон светот и со европска опција“.

Како прв претседател на независна и суверена Република Македонија, ја имаше историската улога да биде на чело на државата во времето кога беше негирана, блокирана и игнорирана, и внимателно и трпеливо го пробиваше патот кон меѓународното признавање на нашата земја.

Беше човек кој успешно и мудро ја водеше државата во немирни времиња. На чело на територијално мала држава, без сопствена армија и оружје, без меѓународно признат статус, Глигоров ја согледа опасноста од прелевањето на југословенската криза во Македонија, успеа да издејствува повлекување на сите македонски војници од ЈНА. Но, исто така, постигна договор и за мирно повлекување на ЈНА од територијата на Македонија, па и по цена ЈНА да го однесе сето оружје. Подоцна се покажа дека благодарение на ваквиот чекор, Киро Глигоров го оневозможил планот на Самарас и Милошевиќ за дестабилизација на Македонија.


Следуваше историскиот референдум на кој огромно мнозинство од македонските граѓани се изјаснија за независна и суверена Македонија. Неодамна, на плоштадот Македонија одбележавме 20 години од денот кога претседателот Глигоров, премиерот Кљусев и другите тогашни водачи на Македонија, од истиот тој плоштад, на граѓаните им го честитаа прогласувањето на независна држава.


Воден од идејата да се биде свој на своето, да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект, Глигоров апелираше до меѓународната заедница да ја признае Македонија, истакнувајќи дека „официјалното признавање ќе и овозможи на државата Македонија да воспостави, врз исправна и стабилна основа, односи со другите држави“. Денес, 133 држави ја признаваат нашата земја под уставното име. Киро Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава, меѓународно признаена и препознаена.


Голема е неговата служба за интересите на Република Македонија и македонскиот народ. Но, она за што ние и идните генерации ќе бидеме благодарни е, секако, неговата улога во стекнувањето на независноста и етаблирањето на Република Македонија во меѓународната заедница. По долготрајни одложувања, поради грчките противења на признавањето на Македонија и приемот во меѓународните организации, на 7 април 1993 година, на денот на приемот на Република Македонија во Светската организација како 181-ва држава-членка, Глигоров стана првиот македонски претседател кој се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде изјави дека „со овој чин се круниса повеќевековниот стремеж на македонскиот народ и неговата 130-годишна борба за слобода и независна држава“.

За време на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров успешно и мудро ја водеше државата во турбулентни времиња. Некои посегнаа и по неговиот живот. Но, тој ги преживеа и балканските виори, и предизвиците и атентатот. Благодарение на неговата мирољубива политика, остана да биде почитуван и во земјата и во регионот.

Сè на сè, животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Во еден ист човечки живот, да се биде соработник и на Шатев и на Влахов, и на Панко Брашнаров и на Ченто, да се биде и на АСНОМ и на основањето на независната република 47 години подоцна. На 74-годишна возраст да се застане на чело на државата. Тој беше еден од протагонистите на независноста. Затоа, сакам да им порачам на членовите на семејството на поранешниот претседател: Бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на него. Македонскиот народ секогаш знаел да ги слави и вреднува сите оние што тоа го заслужуваат.

Нека му е вечна слава!

 

  Back<<Назад