| Честитка од претседателот Иванов до граѓаните на Република Македонија за Новата 2012 година | |
|
|
Македонија и во 2011 година успешно се соочи со разни предизвици. Имавме многу причини за радување. Напредувавме на економски план. Поминавме низ уште еден изборен циклус кој го збогати нашето искуство како развиена европска демократија. Ги потврдивме оценките на нашиот развој. Сепак патот кон нашите врвни стратешки цели остана блокиран. Но, нема место за обесхрабрување. Ќе успееме, ќе ги реализираме нашите цели, Македонија - членка на НАТО и Македонија членка на ЕУ. Почитувани, Реформите кои ги спроведовме, и кои се уште ги спроведуваме, се одраз на свеста дека мораме самите да изградиме солиден и пристоен дом за нас и за нашите семејства. Ние не чекаме некој друг да ги заврши нашите обврски, како што не ги обвинуваме ниту другите за нашите пропусти. Македонија во новата 2012 година влегува сигурна во себе. Свесни сме дека се потврди нашето одговорно и сериозно однесување. Потребните потврди ги добивме од надвор, но уште поважно од дома. Македонија останува цврсто всадена во реалноста, во сериозниот однос кон својата економија, кон односите со соседите, кон регионалната безбедност. Во 2011 година, како никогаш досега, успесите на нашите спортисти не сплотија како народ. Заедно излеговме на плоштадите и чекавме пред малите екрани да ги одбележиме нивните успеси, исто како што заедно излеговме да ја одбележиме 20-годишнината од нашата независност. Во 2012 година, посакувам секој од нас да се радува на своите успеси, како што тоа го правевме во годината која изминува. Да се радуваме на своите успеси во професијата, на успешниот работен ден. Да се радуваме на добрата земјоделска година, на новите освоени пазари за нашите производи. Да се радуваме на успесите во школувањето, на стекнатото знаење и проширените погледи кон светот. Посакувам да се радуваме на проширувањето на семејството и на семејните слави и веселби. Почитувани, на крајот ќе ве замолам да одвоите малку време од празнувањето на божиќните и новогодишните празници, за нашите мисли, молитви и изрази на благодарност да ги насочиме кон македонските војници кои се на служба во Авганистан, во Босна и Херцеговина, во Либан. Нашите војници, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Нашите браќа и сестри, синови и ќерки кои го бранат знамето на Република Македонија, ги бранат и нашиот мир, нашите вредности и нашето место во меѓународното семејство на народи. Ним им ја должиме нашата благодарност. Почитувани граѓани,
|
Почитувани граѓани на Република Македонија, 










