Доделување Mедали за храброст - Македонија е среќна што има луѓе подготвени да спасат нечиј живот
Среда, 21 Декември 2011   

Почитувани присутни,
Ценети гости, Дами и господа,

Во годинава која изминува прославуваме две децении од независноста на нашата татковина, Република Македонија. А денес, на мое големо задоволство и гордост, се сеќаваме на неколкуте храбри поединци.

Храброста и пожртвуваноста се меѓу основните, но, сепак ретки човечки доблести. Понекогаш толку ретки што некои луѓе се прашуваат дали денес, во овој современ свет, воопшто ги има. Многу сум среќен и горд што луѓето кои ги одликувам денес го дадоа дефинитивниот одговор. Не само што е присутна, туку храброста во македонското општество ја одразува онаа темелна човечност која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики. А, притоа, единственото нешто што е важно е да им се подаде рака на оние чиишто животи се во опасност.

Храбри граѓани на Република Македонија, сакам да ви кажам дека значењето на вашите дела е дотолку поголемо бидејќи покажавте дека вистинскиот хероизам не произлегува од желбата да се биде подобар од другите и по цена на сопствениот живот. Напротив, вистинскиот хероизам извира од желбата да им се помогне на другите и по цена на сопствениот живот. Со вашата искрена пожртвуваност, направивте големи дела и со тоа давате пример на останатите.

Како врховен командант, горд сум на храброста на припадниците на полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија: потполковник Јордев, мајор Војнески, мајор Велков, постар водник Стоилов, постар водник Ристов и водник Трајков. Сите вие учествувавте во една исклучително опасна мисија, во март минатата година, за извлекување на телото на настраданиот рудар Влатко Илковски. Вие професионално ја извршивте вашата задача, а со тоа ја зацврстивте и довербата на македонските граѓани кон својата армија.

Почитувани,

Исклучително сум среќен што денес со нас е и Сами Нуредини. Уверен дека „човечкиот живот е најсвето нешто “, нашиот храбар Сами без двоумење скокна во студените јануарски води на реката Вардар за да ја спаси младата девојка која се давеше. И тоа не му е прв пат. Верувам дека сите ние се сеќаваме на неговата храброст, на летото 2009 година, кога Сами му го спаси животот на детето кое се давеше во водите на реката Треска во Сарај.

Нашите храбри луѓе на дело покажаа дека човекот не треба да го живее животот само за себе, туку да им помага на оние кои се во неволја.

Затоа, сакам да знаете дека сме ви благодарни за она што го направивте. Бидете уверени дека нашата татковина Македонија е среќна што има вакви храбри луѓе кои се подготвени да спасат нечиј живот. Среќна бидејќи, сè додека Македонија е земја на храбрите, до тогаш ќе биде и земја на чесните, доблесните и човечните, што го ценат животот како дар од Бога.

Поради исклучителната храброст, пожртвуваност и истрајност, вие сте докажани и заслужни чеда на Македонија. Затоа, во знак на нашата длабока почит и благодарност кон сите вас, имам особена чест и задоволство да ве одликувам со Mедал за храброст.




  Back<<Назад