Водата е ограничен ресурс и потребен е поинаков однос - Светскиот ден на водите одбележан во кањонот Матка
Четврток, 22 Март 2012   

„Повеќе од милијарда луѓе во светот немаат пристап до вода за пиење. Милиони луѓе годишно умираат пиејќи нечиста вода. Само половина процент од целата вода на планетата е вода за пиење, што значи дека тоа е ресурс кој е многу ограничен. И токму овој ден нè потсетува да размислуваме како се однесуваме ние кон водата,“ истакна денеска претседателот на Република Македонија д-р  Ѓорге Иванов на одбележувањето на 22 март - Светскиот ден на водите, што се одржа во кањонот Матка.

„На планетарно ниво водите станаа глобални депонии. Тоа го видовме и кога доаѓавме наваму, гледајќи што вадат нуркачите само од овој наш мал простор,“ посочи претседателот Иванов.

Тој изрази благодарност до Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија која ја поддржува акцијата на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ за чистење на езерото во кањонот Матка. Претседателот воедно изрази надеж дека оваа иницијатива ќе стане традиција и ќе ја разбуди свеста кај другите за да го променат својот однос кон водата.

„Доколку не изградиме одговорни поединци, ќе се продолжи со ваквото загадување, а водите ќе ни бидат се позагадени. Преку водата тоа ќе доаѓа до нашата храна и ќе бидеме сведоци на многу болести. Животот ќе ни се усложнува со нашата негрижа кон водата и кон природата,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој потенцира дека ја поддржува секоја иницијатива која придонесува да се изгради поинаков однос, да имаме свест кон она што треба да го оставиме за нашите потомци.

„Ја поддржуваме оваа акција и ги охрабруваме сите млади луѓе и сите граѓани на Република Македонија да водат грижа за водите бидејќи со тоа всушност водиме грижа за самите себе, додаде Претседателот.

Норвешкиот амбасадор Кјетил Паулсен истакна дека ја поддржува акцијата на „Врело“ бидејќи се работи за важен проект кој е од голема важност за Скопје и за сите негови жители, воопшто за здравјето и за животот во водата.

„Водата е нешто најскапоцено што го имаме. Без чиста вода нема живот и оттаму да се заштити водата е најважна активност на човештвото,“ истакна амбасадорот Паулсен.

Кире Ангелески, претседател на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ информира дека денеска почнуваат акција за чистење на езерото во кањонот Матка која ќе трае од март до јуни. Во акцијата ќе бидат вклучени 20-ина професионални нуркачи од Скопје, Охрид и Битола од најголемите нуркачки клубови во државата. Се предвидува да се соберат околу 200 тони цврст отпад од езерото и тоа претежно метал, пластика и гуми. Нуркачите ќе користат специјална опрема која се користи за вакви акции, и тоа посебни корпи за вадење на тежок отпад, балони и вреќи.

Иницијативата за одбележување на Светскиот ден на водите е покрената во 1992 година од страна на Обединетите нации на Конференцијата за заштита на животната средина и одржлив развој во Рио Де Женеиро. По ова, Генералното собрание на ОН во 1993 година го прогласи 22 Март како прв Светски ден на водите. За да биде истакната важноста за грижа за водата, периодот 2005-2015 година ОН го прогласи за Деценија на водите под мотото „Вода за живот“.


  Back<<Назад