Имаме потенцијал во сите научни области – Претседателот го додели признанието „Најмлад научник“ за 2011 година
Вторник, 20 Март 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес, на свечена церемонија во претседателската Вила Водно, го додели признанието „Најмлад научник“. Носител на признанието за 2011 година е Трифче Сандев, чие поле на интерес и истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика.

Како што нагласи претседателот Иванов, доделувањето на признанието за врвни научни достигнувања прераснува во традиционална манифестација, чија цел е стимулирање на науката, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

„Минатата година, кога за првпат го доделувавме признанието, на конкурсот се пријавија седумнаесет млади научници. Годинава имавме пријавено дваесет и двајца, што јасно покажува за зголемување на интересот,“ истакна Претседателот додавајќи дека според анализата на пристигнатите извонредни научни трудови се констатира не само квантитативен, туку и квалитативен позитивен исчекор.

„Креативноста и постигнувањата на младите научници ни даваат за право да веруваме дека имаме потенцијал на кој сериозно треба да се смета во сите научни области. Ние, како општество, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите, во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа за развојот на нашата држава,“ нагласи претседателот Иванов.

Честитајќи му на Сандев за признанието, Претседателот истакна дека особено го радува фактот што овој млад научник своето образование целосно го има стекнато во домашните образовни институции, живее и работи во Република Македонија. Тоа е доказ, посочи претседателот Иванов, дека кај нас може да се создаваат врвни научни достигнувања, кои ќе се неизоставен дел од светската современа наука.

Трифче Сандев, е роден во Кратово, а своето високо образование го стекнал на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде во моментов ја има пријавено и неговата докторска теза. Тој истакна дека да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата за еден млад човек, којшто се наоѓа на почетокот на својата научно-истражувачка кариера, навистина значи многу.

„Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија,“ истакна Сандев.

Најдобриот млад научник за 2011 година уште и нагласи дека посакува оваа награда и понатаму да продолжи да претставува промотор на млади научници од Република Македонија.

„Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време,“ порача Трифче Сандев.

Трифче Сандев е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, преку конкурсот на Владата на Република Македонија за вработување на 100-те најдобри студенти во државата во 2006 година. Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во три меѓународни списанија: Journal of Physics A: Mathematical and Theoretical, Physica Scripta и International Journal of Modern Physics B. Член е на Друштвото на физичарите на Република Македонија и на Европското друштво на физичари.


  Back<<Назад